Падот на полицискиот хеликоптер М17, што се случи вчера на аеродромот во Скопје, во кој за среќа нема жртви, ќе го истражува посебна комисија најави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Фото  МВР: Полициски хеликоптер М17 за време на вежба

Министерството за внатрешни работи, согласно Законот за воздухопловство ќе ги преземе сите неопходни мерки, а во соработка со Агенција за цивилна и воздушна пловидба ќе се формира комисија која ќе треба во целост да ги утврди фактите и околностите под кои се случил настанот. – објави Чулев на својот Фејсбук профил.

За време на инцидентот полесно повреден еден припадник на хеликоптерската единица

Министерот информираше дека инцидентот се случил при редовен тренажен лет, на старата платформа до Полициската станица на Г.П. „Меѓународен Аеродром Скопје“. Хеликоптерот наполнил гориво и при полетување се превртел. Во него биле пет лица, а едно се здобило со лесни телесни повреди. Во моментот на незгодата на аеродромот имало налети на силен ветар.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на Меѓународниот аеродром Скопје, каде се преврте хеликоптер на Министерството за внатрешни работи.

По наредба на јавниот обвинител обезбедени се видео записите од камерите на аеродромот, како и аудио снимките од комуникацијата на пилотот со контролата на летот. Извршен е првичен разговор со пилотот и со уште четири лица од екипажот на хеликоптерот. На лице место беа и претставници на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, кои ќе изготват извештај за незгодата. Во текот на претходната постапка, надлежниот јавен обвинител ќе издаде барања и наредби за утврдување на сите решавачки факти. – информира Јавното обвинителство.

Увидот на лице место е завршен, а хеликоптерот се уште се наоѓа на местото и во положбата затекната по падот. Локацијата е обезбедена, а во текот на денешниот ден хеликоптерот ќе биде пренесен од аеродромската писта на друга локација, каде ќе се обезбедува до крајот на постапката, соопшти обвибителството.

Г.М.