Американскиот комичар Бил Козби е прогласен за виновен по три точки на обвинение за сексуален напад, од кои секоја предвидува по десет години затворска казна. На актерот му беше судено за сексуален напад врз поранешната кошаркарка Андри Констанд, која претходно ја дрогирал. Настанот се случил пред 14 години. Судијата донесе одлука Козби (80) да остане во притвор до изрекувањето на пресудата. На поротата ѝ биле потребни повеќе од 14 часа да донесе пресуда.
За време на судењето, кое траеше 17 дена, судот слушна како Козби ја дрогирал и сексуално ја нападнал поранешната кошаркарка Андри Констанд во 2004 година во неговиот дом во Филаделфија. Андреа го обвинила актерот дека ѝ дал лекови во својот дом во Филаделфија и потоа ја силувал. Актерот кој се прославил со улогата во хумористичната серија „Козби шоу“ се бранел со тоа дека во ниеден момент не се обидела да го сопре.
„Сакав да ѝ биде пријатно и полесно да заспие по нашето страстно љубење”, изјавил Козби. Пред судијата потврдил дека ѝ дал лекови, но се бранел со тоа дека таа му кажала дека е под стрес. Средбата ја опишал како непријатна, а тврди дека таа била сексуално задоволена и дека до секс не дошло додека спиела. Но, поранешната кошаркарка тврди дека ја силувал додека била без свест.
Судијката дозволила да сведочат пет жртви. Бил Козби е тужен од страна на повеќе од 60 жени за сексуална злоупотреба. Ова му е второ судење, со оглед на тоа дека претходниот пат, во 2007 година, поротата не успеала да донесе одлука.
Козби е најмногу познат по учеството во телевизиската серија „Козби шоу“ која се емитуваше во 80-тите години.