Комесарот Јоханес Хан нема да допатува во Скопје за лидерската средба закажана на 29-ти јуни, но ќе биде на линија со лидерите, рече тој во изјава за „Телма“. Комесарот смета дека има простор за договор во понеделник.
Според познавачите во Брисел, Хан смета дека неговото доаѓање во Скопје би имало смисол само доколку има гаранции дека лидерите ќе постигнат договор. Дипломатски извори не ја исклучуваат можноста сепак тој да отпатува во Скопје во текот на идната недела, што значи иако нема гаранции за договор во понеделник, ЕУ се надева дека конечен договор е можен во текот на неделата.
Договорот од 2-ри јуни Брисел го смета за темелот врз кој лидерите треба да изградат компромис во наредниот период. Според овој договор опозицијата треба во транзицискиот период да се врати во собранието и бомбите да запрат, европските препораки да се спроведат, а државната изборна комисија да добие поголеми надлежности до крајот на јули.
Засега е познато дека на последната рунда прегвоори на 10-ти јуни во Брисел на маса бил предлог за оставка на Груевски три месеци пред изборите, но страните не постигнале согласност по тоа прашање.
Доколку политичката криза не се реши во брзо време и разговорите пропаднат, дипломатски извори од земја членка на Унијата велат дека министрите за надворешни работи се посериозно ја разгледуваат опцијата да се назначи нов посредник во македонските преговори.
OhridNews
Извор:„Телма“