Бројни соработници, сопартијци, пријатели присуствуваа на денес одржаната комеморативна седница во седиштето на СДСМ во Охрид, по повод смртта на градоначалникот Јован Стојаноски.

Пред присутните кои на почетокот на седницата со едноминутен молк му оддадоа почит на Стојаноски, се обрати претседателот на општинската организација  на СДСМ, Лазе Таневски.

Не сакаме да веруваме дека твоето столче овде секогаш ќе биде празно, дека нема повеќе да ни делиш совети, да се бориш со нас и носиш одлуки за доброто на членството и воопшто на сите кои живеат во Охрид. Ние во СДСМ останавме со човек помалку, сега сме без еден човек со бескрајна енергија и силна посветеност на работата и со јасна визија за градот кој го раководеше. Загубата е ненадоместлива, а тагата преголема. Вечно ќе останат забележани твоите желби за развој на градот и поубава иднина за граѓаните, рече Таневски.

На седницата се обрати и Константин Георгиески, заменик градоначалник, соработник и долгогодишен пријател на Стојаноски.

Токму од ова место градоначалникот ги соопшти своите визии за развој на Охрид и до последен здив неуморно и посветено работеше за нивното реализирање. Токму од ова место јас заедно со него тргнав по патот да направиме нешто повеќе за нашиот Охрид. Ни остави обврска заедно да го продолжиме патот и неговите визии да ги претвориме во реалност. Беше вистински професионалец. Вчераутро, ден по враќањето од Скопје и седницата на ЗЕЛС, градоначалникот заедно со своите најблиски соработници го договараше буџетот за 2019. Никој од присутните до денес не може да поверува дека тие беа последните зборови кои ги слушаа  пред срцето да му откаже и престане да чука, рече Георгиески.

Кратко и емотивно обраќање имаше и братот на градоначалникот Стојаноски, Стојмир, кој им се заблагодари на присутните за нивниот придонес Јован да стане прв човек на градот и во краткиот период на неговиот мандат да направи се што може за градот кој многу го сакаше.

Во седиштето на СДСМ–Охрид, на улицата „Галичица“ отворена е книга на жалост во која први се потпишаа членовите на неговото семејство и најблиските соработници.

Во книгата на жалост своето сочувство граѓаните може да го искажат во текот на целиот ден до 21 часот, како и утре од 9 до 21 часот.

Т.К.