По повод смртта на истакнатиот научен истражувач, историчарот на уметност и археолог Гоце Ангеличин Жура, претпладнево во Музеј куќата на Христо Узунов се одржа комеморација, на која присуствуваа членови на неговото семeјството, колеги, пријатели и почитувачи. Со пригодни обраќања од Гоце Жура се простија Горан Патчев, негов најблизок соработник, Горан Момироски – новинар, Јорданка Матова – историчар на уметност, Донка Барџиева – историчар на уметност и Рубин Земон – етнолог и пратеник во Собранието.

 

Тешко е во овие мигови да се зборува за личност која зад себе остави исклучителни дела со голема научна вредност, истакна Горан Патчев, помлад соработник на Гоце Жура и вработен во НУ Завод и Музеј Охрид.

Делата на Гоце Ангеличин Жура се распространети насекаде во светот, низ значајни библиотеки како таа во Рим и други, што говори за значењето на делата кои тој ги остави зад себе. – рече Патчев. Тој пред присутните го прочита прошталното писмо што по повод смртта на Гоце Жура го испрати неговиот колега Љупчо Маленко.

Од име на медиумската заедница на комеморацијата се обрати новинарот Горан Момироски, главен и одговорен уредник на порталот „Охридњуз“ и претседател на Регионалната канцеларија на Здружението на новинари – Охрид.

Некои личности само поминуваат низ животот, други, пак, оставаат зад себе голема трага. Гоце Ангеличин Жура несомнено беше од овие вторите. Исклучителен интелектуалец, вреден професионалец, истражувач и хроничар, кој сите свои откритија во работната кариера како историчар на уметност и археолог во НУ Завод и Музеј Охрид ги споделуваше со јавноста. Драг соговорник и еден од ретките кои никогаш не ги одбегнуваа медиумите, не плашејќи се јавно да изнесе став и за најчувствителни прашања за кои многумина одбираа да молчат. Прецизен и со остра мисла. А беше таков затоа што секогаш трагаше по вистината. – рече Момироски.

Од Гоце Жура се прости неговата колешка, историчарот на уметност Јорданка Матова. Таа потсети на бројните негови дела, посочувајќи дека Гоце Жура беше неуморен истражувач на богатото културно наследство.

Ни даваше поттик да истражуваме и пишуваме зошто само пишаниот збор останува. Бројни генерации ќе продолжат да истражуваат и пишуваат следејќи го патот на Гоце Жура. – рече Матова.

Историчарот на уметност Донка Барџиева се осврна на работата на Гоце Жура, чиј дом, како што рече, секогаш беше отворен за неговите колеги, но и за многу светски научници и интелектуалци.

На извесен начин тој имаше среќа да соработува и да се среќава со врвни истражувачи. Од друга страна тоа го поттикнуваше да истражува и пишува. Беше педантен проучувач и во негувањето на односите со луѓето. Во неговите дела има и дел од неговиот динамичен карактер. Постојано беше во потрага по нови работи. Не случајно објави толку стручни дела, наметнувајќи препознатлив начин на работа. Неговите истражувања, на пештерските цркви особено, ќе бидат основа за идни научни откритија. – истакна Барџиева.

Етнологот и поранешен соработник на Гоце Жура, пратеникот Рубин Земон, потсети на научните истражувања на тимот на Завод и Музеј Охрид на црквите и пештерите во Албанија кон крајот на деведесеттите години и значењето на  неговите откритија за науката.

За мене тој беше витез на науката, постојан борец кој сакаше пред се да се открие вистината. Поставуваше храбри хипотези како таа за Самуиловата патријаршија и Јустинијана Прима. Охрид, Македонија, Балканот но и светската наука загубија многу со заминувањето на Гоце Жура. Останаа уште многу необјавени дела и се надевам дека семејството на Гоце ќе најде начин како нив да ги објави со што ќе се збогати културното наследство на Охрид и Македонија. Станува збор за огромно богатство и Охрид може да се гордее со Гоце Жура кој заедно со Владо Маленко и Паско Кузман придонесе за воздигнувањето не само на НУ Завод и Музеј Охрид, туку и на градот и државата. – истакна пратеникот Земон.

OhridNews