Првичните најави од страна на Локалната самоуправа беа дека прскањето ќе се реализира на крајот од месец мај. Но, прскањето се уште не е извршено со објаснување дека согласно Законот за јавни набавки, претстои распишување на тендер за најповолен понудувач кој би го извршил истото. Како што стоеше во добиената информација од Локалната самоуправа- во буџетот на општината се предвидени средства за оваа намена, но додека не заврши тендерот не може прецизно да биде утврден датумот кога ќе се изврши запрашувањето.
Од Институтот за јавно здравје објаснуваат дека прскањето се врши во три наврати со цел да вроди со позитивен резултат, односно да се уништат комарците и тоа на крај на месец мај, јуни и јули. Во овие периоди се размножуваат комарците и ги изведуваат ларвите.
-Годинава има особено поволни услови за размножување на комарците со оглед на обилните пролетни врнежи и моменталните високи температури. Ако прскањето не се изврши во наведените термини, тогаш воопшто нема да вроди со резултат-потенцираат од охридскиот Институт за јавно здравје.