Ни ајкулата, ниту лавот ниту слонот, најопасно суштество на светот, поради кое годишно умираат неколку стотици илјади луѓе е комарецот. Американскиот милијардер и основач на Мајкрософт Бил Гејтс, чија добротворна организација активно работи на искоренувањето на маларијата, неодамна на својот блог поставил инфографика која дава приказ на најубиствените суштества на планетата, односно оние од кои секоја година умираат најмногу луѓе. На првото место се нашол малиот, крволочен комарец од кој годишно страдаат 725 илјади лица. Дека латинската поговрка „Човек на човек волк“ сеуште важи, и два милениуми подоцна, потврдено е од второто место на листата кое му припаѓа на човекот, чии жртви достигнуваат бројка од 475 илјади лица.
На третата позиција е змијата која со својот отров или стисок годишно усмртува 50 илјади лица, а на четвртото е кучето кое убива 25 илјади, воглавно така што пренесува беснило. Последна во топ пет е це-це мувата поради која секоја година 10 илјади лица умираат од болеста спиење. Иако со него со векови се плашат децата, волкот успева да убие само десет лица годишно, колку и ајкулата, поради кои многумина не се осудуваат да запливаат далеку од брегот. Лавот и слонот убиваат десет пати повеќе луѓе, но од нив уште поопасни се нилските коњи и крокодилите кои секоја година убиваат 500, односно 1000 лица.