Драматичниот развиток на технологијата доведе до „сто и едно“ олеснување на животот на луѓето: од радикално подобрување на условите за живот до брзото минување на огромни далечини во користењето на слободното време. Поимот слободно време како социолошки проблем може да се дефинира како време кое е ослободено од секаква обврска во која личноста се обидува да се изрази според сопствен избор. Бидејќи слободното време и неговото значење зазема значаен простор во животот на поединецот и општеството како целина, создавајќи еден нов морал на среќата, прилично важно е и неговото правилно искористување. Оттука потекнуваат и трите основни функции на слободното време: одмор, разонода и развиток на личноста.
Основна карактеристика на слободното време во техничката цивилизација секако претставува неговото правилно искористување, како резултат на намалувањето на неговиот квалитет. А квалитетот претставува карактеристична особина, својство на нешто во споредба со слични нешта и тоа секогаш одредено во позитивен контекст. Проблемот на слободното време најмногу ги зафаќа децата и младите кои најчесто не знаат како да си го исполнат своето слободно време, бидејќи неговото искористување го поврзуваат со седење пред компјутер. Во таа насока, директно засегнати од овој проблем треба да бидат и родителите, бидејќи нивните деца треба правилно и вистински да се изградат како личности кои, најпрво ќе бидат од корист на семејството, заедницата и најнакрај на општеството. Значи најважно е нивното воспитание. Воспитанието е процес на формирање на човекот, изградување и обликување на човековото суштество со сите негови телесни, интелектуални, морални, естетски и работни особини. Подеднакво е вредно за животот во општеството и за индивидуалниот живот на поединецот. Воспитанието е многу сложен процес, во него делуваат бројни фактори, се применуваат различни методи и постапки, во склад со спознаените законитости и општествено прифатените цели и задачи. Затоа секој дел од времето на поединецот е особено значаен за неговото правилно формирање.
Акцентирајќи го слободното време како фактор преточен во конкретна задача, укажува на неговото значење и можности кое тоа ги дава во реализацијата на општата воспитна цел. Оттука функциите на слободното време треба да се движат на релација педагошко делување по пат на слободно време. За процесот на формирање и развивање на повеќестрана млада личност, слободното време е неизоставна компонента на физичките, интелектуалните, работно-техничките, естетските и другите квалитети и задачи.
На подрачјето на интелектуалното воспитание, се напушта концепцијата на давање готови знаења и присилување на ученикот механички да повторува научени содржини. Наспроти тоа, на ученикот му се допушта творечки да се надградува, учење во флексибилни хомогени групи, еднонасочната комуникација се заменува со двонасочна, а учењето само во младоста се заменува со непрекинато учење низ целиот живот. Подрачјето на моралното воспитание делува на обликувањето на меѓучовечките односи, а неговата цел е надминување на конфликтни ситуации, разговори, аргументирање и навикнување на примена на правдата. Развојот на моралната свест, како посебна норма на регулирање на човечките односи инсистира на практика, подобрување на односите меѓу луѓето со што се зголемува и нивната слобода. Естетското воспитание од аспект на педагогијата на слободното време го негува човековото творештво во функција на развој на способности за изразување на убавото. Секој поединец може и треба во слободното време да комуницира со високи уметнички остварувања, да ги оплеменува и јакне своите творечки потенцијали кои преку аматерски обиди ќе ги развива до полна афирмација кога ќе стане признат уметник. Обиколката на музеи, изложби, театри, промоции, не треба да биде само пасивна комуникација со уметничките дела во кои е втемелена убавината туку тие треба да станат поттик и предизвик за сопствено создавање. На подрачјето на работното и техничкото воспитание постојат низа сложени дејности каде човекот може да го најде својот предизвик и поттик за творештво. За педагогијата на слободното време многу поважно е оспособувањето на учениците за творечки пристап кон новите технологии, а во врска со тоа и развивање на иновациска култура.
Воспитанието во слободното време се јавува како многу значајна и специфична форма на работа преку која може систематски и трајно да се развива рационалната, емотивната и волевата сфера на човекот. Рационалното подрачје ја претставува желбата на човекот за сознавање, мислење и сфаќање, односно тоа претставува изградување навики за правилно и културно користење на слободното време како трајна вредност. Емоционалното подрачје претставува формирање на определби, уверенија и ставови кои се емоционално обоени и со силата на внатрешната мотивација поттикнуваат на адекватно делување, но тие квалитети внимателно и доследно треба да се изградуваат. Волевото подрачје го претставува човековото однесување и делување. Овде доаѓаат до израз формираните умеења, навики, волевата и карактерна цврстина да се преземе конкретна постапка и акција.
Активностите ја активираат вистинската смисла на слободното време, конфронтациите се против „мртвото време“, против досадата, духот на пасивност, мрзливост, против празнина, негација и тотално оттуѓување на човекот. Познато е дека пасивниот и беспомошен однос се јавува како израз на положбата на човекот кој е лишен од духовниот потенцијал, идеал и морални вредности, манифестирани преку најразлични форми и содржини на активност. Активното однесување се противи на социјалната изолација и повлекување, но тоа не се состои од конформистичко прилагодување на културните норми на општествената средина. Во тоа однесување содржана е и желбата да се преземе одговорност. Активното однесување имплицира периодично, свесно и доброволно партиципирање во културниот живот. Активното однесување секогаш имплицира личен и слободен развој во една рамнотежа помеѓу опуштањето, разонодата и хармонскиот развој, а преку тоа личноста ги потврдува психофизичките и интелектуалните способности кои се присутни во неа.
Секој човек има и остварува различни животни вредности. Вредноста е некоја определеност, тоа е нешто што има квалитет, што се смета за добро и заслужува добра оценка. Вредностите, субјективно говорат за што се застапува човекот, кон што е свртен, кои и какви му се целите, што му се допаѓа и што сака да му се случува. Тие се израз на нашата свест за животот, за односите меѓу луѓето и за нашето постапување, а главна карактеристика на вредноста е нејзиното значење за човекот, бидејќи таа бара да биде почитувана од останатите луѓе. А ќе биде почитивана само доколку биде во согласност со општоприфатените позитини карактеристики на секојдневното живеење.
Затоа, слушнете се себеси и искористете го слободното време на правилен начин!
М-р Лидија Размоска, педагог
*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на ОхридНењс не сноси одговорност за изнесеното во нив.