Современиот свет во кој живееме, несомено е одбележан со важноста на прашањето за идентитетот, а кој може да биде сфатен во општа и во посебна смисла. Идентитетот сфатен во општа смисла содржи елементи на различност кон надвор (кон друг идентитет), додека пак идентитетот сфатен во посебна смисла има елементи кон внатре, во однос на самиот себеси. Едно од темелните обележја на секој поединец во однос на идентитетот претставува свесноста за сличноста на поединецот со самиот себеси која истовремено е различна од другите. Кога зборуваме за индивидуален идентитет, тогаш најчесто се тргнува од разликите, а кога се зборува за колективниот идентитет, тогаш се тргнува од сличностите, па се бара заедничко потекло, заеднички јазик, заедничка религија, заеднички обичајни постапки, заедничка материјална култура и сл. Основа за пронаоѓање во својата околина, поединецот или групата наоѓа во личниот и групниот идентитет кој се создава во процесот на личната и на групната интеракција, а е под влиајние на општествените и на културните промени што претставуваат систем на идентификација. Прифаќањето на поединецот значи и развивање на свеста за припадност на секој поединец во групата, а која не се создава со изолирање туку со меѓусебно спротивставување на разликите што луѓето ги истакнуваат за да ги утврдат етичките граници.

За да се прифати нешто или некој кој е различен од себе, најпрво секој поединец – индивидуа треба да се осознае себеси, а потоа да се пронајде во групата која пак значи дека ја сочинуваат поединци различни по јазик, религија, култура. Во процесот на себеосознавање и себепронаоѓање во светот околу нас, почетна точка од која треба да поаѓа секој поединец претставува познавањето на етичките вредности. Вредноста сфатена како поим, претставува нечиј принцип, стандард или верување; нечиј суд за тоа што е важно или вредно во животот: морални/ културни/ традиционални вредности, а етиката ја дава рамката за примена на моралните норми и принципи, односно таа ги претставува правилата на однесување. Соодветно на ова, секој поединец најпрво треба да ги осознае општоприфатените правила на однесување кои пак го одредуваат доброто однесување. Понатамошен чекор од процесот на себеосознавање и себепронаоѓање претставува способноста за самоидентификација со правилата за добро однесување што пак значи дека секој поединец треба да вложува во себе за да може да ја согледа „различноста“ од позитивната страна. Во овој случај идентитетот се темели на позитивното сознание (прифаќање) на другиот. Почитувањето на вредностите различни од своите треба да биде последниот чекор од процесот на себеосознавање и себепронаоѓање затоа што особено е важно поединецот да биде прифатен од членовите на својата група, како еднаков со нив, бидејќи токму таму тој ги остварува своите основни потреби.

Почитувањето на различниот од себе значи и почитување на себеси, а тоа пак претставува потреба да се одржи нешто што е создадено затоа што „почитувањето е како цвет, кога еднаш ќе го погазат или ако овене, веќе никогаш не ја добива поранешната свежина.“ Почитувањето како особина што треба да ја поседува секој поединец, претставува почетен импулс во секој вид комуникација. Затоа, почитувајте го туѓиот идентитет (својства, карактеристики) за да бидете и Вие почитувани, бидејќи кога човек ќе почувствува дека нема со што да предизвика нечие почитување, веднаш е подготвен да мрази. Не дозволувајте омразата да завладее со Вашето срце. Ако имате отворено срце, ќе имате и отворен ум. Затоа, отворете го своето срце за љубов, за да Ви биде отворен и умот!

м-р Лидија Размоска

Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.