Држењето дo себе и до сопствените убедувања е од есенцијална важност за секоја личност,  односно за секој  кој претендира тоа и да биде.   Во оваа колумна,   за која решив да биде  најкратка од сите до сега,  ќе се обидам да направам колку што се може, објетивна обсервација на настаните, со не толку одбрани зборови, но сепак  тргаjќи ја   на страна личната катарза.   Затоa што само така ќе ја надминеме  персонизацијата на односите, која  и не треба да е  типична за интелектуалните кругови. Потребата од ваквиот пристап не е како  одговор на луѓето кои тенденциозно се трудат да го минимизираат нечие искрено политичко дејствување, туку напротив,  за оние кои сериозно мислат дека е време за будење на граѓанската свест.

Ми требаше доста време да сфатам дека во политиката почнувааат да ве шиканираат, тогаш, кога  почнувате да навлегувате во нивниот простор, врз кој неоправдано чувствуваат монопол, и кој е долги години креиран само од нивните себични пориви, без никакво чувство за државотворност. Веројатно, им пречи новиот интелектуален порив,  новите криериуми, како и разбивањето на митовите за калкулантската политика. Што и да е,  освен “одиме понатамy”, друга опција нема.

Добриот мозаик од зборови, истовремено  солидно наштимани, како  од политички така  и од психолошки аспект, често пати се само обични демагошки флоскули. Поседувањето на став, не е нити суетност , нити неодлучност, туку само борба за позиционирање на нешто поинакво на политичкиот пазар. Тоа е  определба, во случајов либералнодемократска. Целото ова, наспроти моќта.  Фактите зборуваат дека овој ситем ги направи страшно влијателни, но моќта која произлегува  од  позицијата, никогаш не може да биде еквивалент за реална храброст, затоа што и зајакот никогаш не може да биде лав, па макар бил и див. Да не се сфатиме погрешно, но борбата преку нарачани текстови, закани и спинувања е зајачка борба. Никако лавовска. Луѓето ја препознавааат искреноста, па затоа секоја измината година, се помалку и помалку ќе се дава амин на себичните пориви на поединци. Повторно, оваа колумна изобилува со одбрани зборови, иако ветив поинаку. Но, колку и да сум внимателен , ова четиво сигурно ќе успее да го предизвика она поради што и  пишувам,а тоа е ефектот на огледалото, односно  ефектот на самоогледувањето. 
                                                                                                      
За крај,овој град сигурно има поголеми проблеми од тоа дали некој е млад или возрасен, од тоа кој со кого испил кафе, кој кого го сака, и кој кого ќе поддржи. На патеката која води кон пропаст, секогаш постои парче слободно место за чекор, кој води кон спасот. Ајде, да се обиддеме да размислуваме разумно со цел  да му помогнеме на овој град, со тоа што ќе зборуваме за неговите интереси, проблеми и предлог решенија. Но, изгледа разумноста денес нема важност, или пак некој поинаку ја сфаќа важноста.  Денес, сигурно забележувате дека спомениците се поважни од човечките животи, владините реклами од капиталните инвестиции, брзата зделка од добрата работа, игрите од правилата, минатото од сегашноста. Извинете, но  не е разумно.

Дејан Блажески
Либерално демократска партија

*Ставовите
изнесени во рубриката Писма-Колумни не се ставови на OhridNews, туку
се ставови на авторите и редакцијата на ел. весник не сноси
одоговорност за содржината на истите.