“ КОЛКУ ДОЛГО ЌЕ ОДБЛЕСКУВА ОХРИДСКИОТ НОВОГОДИШЕН СЈАЈ ?
   ВЕРОЈАТНО, ТОЛКУ КОЛКУ ШТО ЌЕ МУ ДОЗВОЛИМЕ НИЕ САМИТЕ “

Некој ќе рече, изминува февруари, зошто тогаш, дури сега новогодишниот амбиент на Охрид е предмет на нечија анализа ? Та нели колку подолго трае светлината, толку е поквалитетна светилката, или струјата, или нејзиниот напон, или пак тоа е заслуга на добрата рака на мајсторот ? Па и откако светилката ќе згасне, може да се чувствува нејзиниот одблесок, а за убавиот сјај да се прикажува уште долго… Потоа се расклопува нејзиниот моделот, се коментира ефектот што го произвел светлосниот систем, се бараат маните, се лоцираат грешките, за да се најде лек за нив и да се изготви подобра варијанта, што во уште поубаво светло ќе ја замени претходната. И така постојано, се за подобар квалитет на изумот што ни дава светлина и ноќе. Можеби се прашувате зошто толку муабет за еден не така нов пронајдок како што е светилката? Та нели тоа го заслужија оние илјадници мали светилки што обојувајќи го Охрид во различни бои на крајот од минатата година, како никогаш досега на сите ни го разубавија влегувањето во Новата ? Ако како стари новогодишни украси, светилките веќе ги спакувавте во вашите фиоки со спомените, предлагам да им се навратиме уште еднаш, поради пораката што тие мали светлечки тела ни ја упатуваа од секое ќоше, дрвце, зеленило, парковите, улиците, небото и езерскиот кејот на Охрид и нам и на гостите кои прв пат благодарение на тој осмислен новогодишен декор, си отидоа со стоплено и со разгалено срце и надеж дека охридската светлина ќе бдее над нив преку целата година…
  
Многупати досега беше кажано меѓу охриѓани и туристите, во медиумите, во градските, а богами и во националните и интернационални коментари, дека Охрид како никогаш досега беше најубаво и најатрактивно украсен за дочекот на Новата Година. Имаше и прашања од типот, требаше ли да се чека 2007, па конечно центарот на туризмот во Државава да го добие изгледот кој одамна го заслужуваше? Како и да е, сите беа среќни и задоволни. И оние кои виделе како се прави тоа во светските метрополи и туристички центри и оние кои иако никогаш не биле подалеку од Скопје, гласно се воодушевуваа дека “ЛАС ВЕГАС пристигнал во Охрид“. Градоначалникот и локалната власт ги собраа ловориките од вистинскиот потег и со светилките ги купија симпатиите и на оние граѓани што баш и не ги обожуваа многу досега. “Ама што е право,право е, велеа тие, алал да му е на таткото на градот,се покажа“.
  
И така си живеевме среќно околу еден месец. Кога ќе ни стежнеше на душичката од купот проблеми, излези си надвор и гледај си ги осветлените елки, големиот жолто-црвен брод кој само што не тргна на пловидба кон исполнување на нашите желби, панделките  на сијалиците на кејот ни беа како подароци кои некој заборавил да ни ги даде, осветлените грмушки и дрвцата не враќаа во детските бајки, гранчињата на бандерите ни беа како украси кои иако се без пари, дома не сме ги поставиле, а прошетката под звезденото небо над чаршијата како волшебен ќилим на кој можеме да одлетаме таму кај што посакуваме…Радоста на празнувањето, наместо од празните џебови, ни доаѓаше од нашиот град, кој се потруди да ни даде бесплатна среќа. Кога на сето тоа ќе се додаде журката на 31-ви вечерта на плоштадот, под отворено небо со Каролина, Ареа и Жанко и огнометите над градот, езерото и Галичица, излегува дека Охрид ги исполни критериумите и на најпребирливите со формулата за добро организиран новогодишен дочек. Таа вечер,сите беа заедно, без разлики, кој е богат, кој сиромав..Итака и желбите ни се исти, човечки..
  
Беше убаво и помина. На Водици, се растурија светилките, се собраа и оние кои ги надживеаа празниците и тие кои настрадаа од истите граѓани на кои им го разбувавија животот, се демонтира целиот тој осмислен светлечки новогодишен систем и се складира во магацините за догодина. А дотогаш нам ни останува да анализираме и да ја извлечеме поуката. Охрид се покажа дека знае и умее да биде убав град за своите граѓани и уште попривлечен за туристите, кои годинава ги имаше во најголем број, и од земјава, но уште повеќе од соседните држави и понекоја група од европските и подалечни земји. Треба да се знае дека реперот е поставен. Одсега па натаму, организаторските способности ќе ни се мерат во споредба со новогодишната сезона 2006-2007. Не смее да сме никако полоши, но не и исти. Сите сега очекуваат во иднина да биде уште подобро, да се исправат грешките и пополнат празнините. Како што беше недостатокот на поосмислена програма на отворената сцена на плоштадот за дочекот, со учество на повеќе и различни изведувачи, соосмислена сценографија и поатрактивен настап, дополнет со покрупни уметнички перформанси, од кои застанува здивот во најлудата ноќ во која се пресретнуваат две години. Иако не чини многу пари, недостасуваа и отворени тезги за продажба на пијалаци, храна, подароци и сувенири од Охрид. Тоа во светот се прави еднаш и останува за долго време. Ама не со тезги како оние околу Чинарот, кои повеќе потсетуваат на амбиент од сиромашна периферна населба во некоја анонимна паланка и не му доликуваат на град како Охрид. Потребни ни се мали монтажни дрвени куќарки, украсени со зеленика и лампиони, со музика на отворено, со брзо подготвена храна, греани вино, ракија, коктели и кафе, грицкалки од типот на зашеќерени кикирики,бадеми и јаболчиња, и секако освен каснување, да има понуда од сребро, бисери, бижутерија и пред се сувенири, кои најмногу ги купуваат странците. Понекое катче од плоштадот и чаршијата на различни локации треба да се остават за уметниците, кои можат да сликаат и изработуваат уметнички дела на отворено и секако за бендови и музичари кои ќе пеат и свират во живо, а покрај кои ќе подигруваат распоиложените и загреани за забава граѓани и гости. Е само така,новогодишниот амбиент ќе биде целосен и ќе допре до сечија душа и дење и ноќе. Зошто не може секој да ја чека ноќта за да излезе надвор на прошетка и забава. Но ќе може по свој вкус, поевтино и понеобично секој да си најде свое катче за задоволство што ќе му овозможи повесело да влезе во Новогодишната надеж.
 
 Водени од желбата за подобро, постојат критиките. Од нив треба да се извлечат поуките. Досега со година оние кои “не му сакаа добро на охридскиот туризам“ гласно трубеа дека Охрид со децении чмаеше во тотален мрак и со полускршени украси, во мизерен амбиент, без прослава на отворено, ги чекаше туристите и им ја честиташе Новата Година на своите граѓани. Овој пат покажавме дека не треба многу, за да си го направиме животот поубав ! Среќата не се плаќа со илјадниците евра што општината ги даде за новогодишните украси, но со тоа се  покажа дека и надвор од семејството некој мислел на нас. Она што заслужува пофалба треба да се пофали, а она што е за критика секогаш ќе биде на столбот на осудата и од јавноста и од медиумите. По наградата за успехот, Охрид треба да остане постојано буден, зошто ни оддалеку не се искористени сите негови туристички потенцијали, каде многу работи ни недостасуваат за да се мериме со светските туристички центри, кои иако не толку убави и обдарени со непроценливи богатства како ние, умеат туризмот да го продваат како алва со висока цена. Но тие ни на сон не дозволуваат странските новинари да го видат ѓубрето расфрлено околу спомениците од културата, на плажите, во природата и на патиштата, да ја јадат забранетата риба во рестораните и да гледаат како насред бел ден таа се лови на црно, ниту во ресторанските тоалети да нема тоалет хартија, а гостите да се мијат со еден ист сапун од оние старите кои одамна заминаа во историјата на светските туристички стандарди. А нам за жал, тоа сеуште ни се случува итоа пред оние  кои како странски емисари сме ги поканиле во Охрид, за да не промовираат во светот како неоткриена туристичка дестинација низ репортажи во медиумите со огромни тиражи. Не смееме да ги потценуваме новинарите и тур операторите. Тие ќе пишуваат така како што виделе со своите очи и она што самите го почуствувале, а не само она што официјално ќе им го сервираат градските власти и туристичките работници, кои им го платиле престојот.

Затоа, поаѓајќи од се што претходно прочитавте, откако одамна изгаснаа празничните светилки во градот, се почесто се прашувам, колку ли долго ќе му дозволиме да сјае новогодишниот ореол над Охрид ??? 

                      Нина Кепеска
(авторот е новинар)