Пред ден – два длабоко ми се врежа во умствениот регистар еден брилијантен, професионално стокмен и над се’ добронамерен коментар објавен во еден електронски весник (не може да се рече „локален“ заради глобализацијата на интернетот). Со одбрани зборови, без некого да навреди, но доволно сугестивен (заради реалноста) за себе-препознавање на „прозваните“, спомнатиот коментар укажуваше на една крајно недозволива состојба во која се ставаат новинарите и медиумите од страна на институциите, политичарите и оние кои треба да бидат извор на информации за јавноста во едено дадено и критично време за граѓаните.
Токму заради благородната заложба на тој коментар за (не) злоупотребата на новинарите и медиумите или нивното „шетање“ од немило до недраго, долупотпишаниот чувствува потреба да се солидаризира со заложбата изнесена во наведениот коментар за ставање крај на недоличниот однос на „власта“ кон „оние што постојано душкаат и досадуваат“. Уште повеќе, гледајки дека „новинарската“ суета на поединци од еснафот или зависта што некој друг бил „попаметен“ да го напише тоа, не им дозволила да укажат како „фела“ на истото тоа заради истоветниот однос и кон нив, едноставно, авторот на ова писание ја покрева оваа иницијатива за достоинство на (охридското) новинарство.
Всушност, прашањето кое се наметнува само по себе, е содржано во она мудрото, а сепак, народно: Како да те почитуваат другите кога таа почит ја немаш самиот кон себе. Или, како да се изборат новинарите за достоинство на професијата кога самите ја газат и ставаат својата професија толку ниско што пониско не може.
Да не набројуваме „еден куп“ примери од „памтивека“ како илустрција за тоа ( или што би рекле Бошњаците :„Од Кулина Бана до наших дана“), мислејки пред се’ на непрофесионалното и неколегијално „пишување“ во стилот на „копи- пејст“ или преземање текстови еден од друг без да се наведе изворот, ќе биде доволно да се наведат два – три примери од оваа сабота (значи само во еден ден) за несоодветниот приод кон благородната, тешка и одговорна професија од самите оние кои се сметаат за „новинари“ или па залутале во новинарството.
Пример прв: Во денот кога Охрид го чествуваше својот сограѓанин, гемиџијата Марко Бошнаков (дневен настан!), еден локален електронски медиум (овој пат ТВ) не најде за потребно да го одбележи истиот во своето централно информативно издание ни со збор. Но, затоа нижеше бајати вести и информации кои можат да се објавуваат во било кој ден заради нивната „воопштеност“. За тој локален медиум, родната куќа на Бошнаков е далеку зад 7 планини и 7 долини, но затоа се најблиску Мачу Пикчу, Дубаи или контоверзниот Доналд Трамп! Навистина, според уредувачката политика на тој медиум, кој е тој Марко Бошнаков и што е тоа положен живот за самостојна Македонија???
Еден друг, исто така локален електронски медиум, го одбележа тој настан со текст (каков – таков) но и со фотоси од минатата година на кои можеа да се видат „фаци“ кои ниту беа дента на настанот во ул.„ Цар Самоил“ ниту пак се во државава! ( Што беше тоа латентна дезинформација?).
Демек едниот ТВ медиум немал ни новинар ни камерман, а другиот се снашол за веста, ама немал камерман!
Пример втор: Еден локален, но и еден национален ТВ медиум давајќи наслов на извештајот за сантиметрите на нивото на Езерото, на екранот запишале „…23 сантиметри над дозволеното ниво. ! ! ! Како да е прашање за природата дали дозволила или не дозволила, наместо да стават над критичното ниво или над максималната кота.
Е де! Фаќање за ситници – ќе рече некој недоволно упатен или простодушен гледач !
Но, што да рече секој оној кој барем малку е свесен за сериозноста на новинарската професија и за нејзината општествена, а не само профитерска улога? Или оној кој смета дека треба да се уважува таа професија? Што да се рече за достоинството на профеијата за која, со право, бараме –како демократско општество- да и’ го запазуваме достоинството кога самите протагонисти „газат“ на тоа достоинство?
Затоа господа „новинари“ и новинари, долупотпишаниот повикува или, ако сакате, покренува иницијатива за достоинство на (охридското) новинарство.
Но, таа иницијатива треба да си ја водите и „ потпишувате“ со своите секојдневни прилози, вести и извештаи, најнапред (и најповеќе) вие самите па потоа вашите уредници и медиумски куќи. Така, и само така, ќе ве уважуваат и другите, па нема и да ве шетаат од врата на врата или да прават селекција и „играат“ со вас (да ве злоупотребуваат) како „способни“ за „ексклузивни“ вести, а фактички – да манипулираат со вас.
Не дека сите вие не го чувстувате и препознавате тоа. Само, ви годи вам кои сте опиени со себеси, искомплексирани од некаква самозамислена „моќ“ и се сметате за Оријана Фалачи во современото новинарство. Таа навистина остана да важи и денес за поим во новинарството, но не она калкулантското, рекетарското „каубојското“, нарцисоидно и површно бидејки таа беше перјаница на аналитичко, одговорно и ангажирано новинарство од кое многумина од вас се далеку колку и Месечината од Земјата.
Сето тоа на штета на професијата и нејзиното достоинство, а само заради болните суети на поединци меѓу вас кои залутале!
(авторот е дипл. политиколог)