Човештвото во XX век ги доживеа најужасните и најпотресните настани во историјата. Првата и Втората светска војна од политичко средство за нови колонии и територии станаа средство за масовен геноцид на милиони недолжни луѓе ширум Европа и светот и придонесоа за рушење на сите мостови кои дотогаш постоеа меѓу човечката раса. И, место светот да биде поучен од грешките во минатото и да гради мостови на пријателство, поствоениот период носи една нова, помодерна и пософистицирана, Студена војна. Тоа е војна на идеолошки принцип, заснована врз различните убедувања на луѓето од Истокот и Западот.   
   
Првиот значаен вооружен конфликт кој ќе произлезе од овој капиталистичко-комунистички судир ќе го има своето средиште во Кореја, земјата растргната меѓу Северот и Југот, меѓу комунизмот и капитализмот; земјата која е поделена спротивно од желбата на нејзиниот народ. Корејската војна е и првиот меѓународен судир со кој ќе се соочат Обединетите нации кои, за првпат, тука, ќе одиграат значајна улога.   
   
За време на Втората светска војна, Кореја е под јапонска окупација. Без никаква консултација со матичниот народ – Корејците, пред крајот на војната (на Потсдамската конференција) Сојузниците одлучуваат Корејскиот полуостров административно да се подели по должина на 38-та паралела, со цел полесно да се отстранат јапонските трупи. Територијата северно од 38-та паралела е под контрола на советската Црвена армија, додека Југот е под „закрила“ на војската на САД. Декларацијата на ООН за одржување на слободни демократски избори на ниво на целиот полуостов, со цел воспоставување една влада за Кореја, е одбиена од Северна Кореја. Под спонзорство на СССР, на Северот се фомира комунистичка севернокорејска влада на чело со Ким Ил-Сунг, како советски пандан на демократски избраната (про-американска) влада на Јужна Кореја, под водство на Сингман Ри. Заедничко за двата режима е што претендираат да ја наметнат власта над целата територија на Кореја. Тоа доведува и до неизбежниот воен судир, во летото 1950.
   
Охрабрена од повлекувањето на американските трупи во 1949, севернокорејската армија (25 јуни 1950) неочекувано го напаѓа јужниот сосед и за неколку дена го освојува Сеул.  Обединетите нации, по изгласувањето на Резолуциите 82 и 83 решаваат да се вклучат во војната,  настапувајќи во одбрана на јужнокорејските сојузници. Со клучната победа кај Инчеон, армијата на ООН (под лидерство на САД) силно продира во Северот на Кореја, речиси до кинеската граница, настојувајќи да ја оствари замислата за централизирана, обединета корејска држава. Во очи на крајниот исход и завршување на војната, во октомври 1950 на страната на деморализираниот Север се вклучува комунистичка Кина, но и СССР, иако само со материјална помош. По почетниот успех и продирањето на југ, комунистичките сојузници ќе бидат задржани од армиите на ООН и принудени да се повлечат.    
   
Фронтот ќе се стабилизира во средината на 1951 година, и во следните две години, покрај тешките преговори за примирје ќе се води една „неподвижна“, статична војна меѓу двете страни, добро утврдени во своите позиции. Преговорите за мир меѓу двете Кореи ќе се водат под исклучително сложени услови и предлози, пред сѐ околу иднината на заробениците во војната, кои според ООН требало сами да решат на чија страна ќе се приклучат. За севернокорејскиот режим прифатлива опција било враќање на заробениците во матичната земја, без разлика на нивната идеолошка определба. По големите побуни на заробениците и по меѓународниот притисок, прифатено е компромисно решение: оние што сакале да бидат репатрирани да се вратат дома, додека останатите да можат да бараат азил. 
   
Долгоочекуваното примирје е склучено на 27 јули 1953 година, безмалку шеесет полни години до денес, и со истото е воведена Корејската демилитаризирана зона, тампон зона која го дели Полуостровот на  два речиси еднакви дела, притоа сечејќи ја 38-та паралела – веќе воспоставениот меѓник за двете Кореи. Со потпишувањето на примирјето е завршен тригодишниот воен судир, меѓутоа, до денешен ден, двете страни немаат потпишано мировен договор, со што формално-правно сè уште се во војна. Токму тоа е и причината што од примирјето до денес двете страни се во заострени односи и сè уште продолжуваат со нивните меѓусебни престрелки, напади и инциденти.    
   
Она што оваа војна ја прави уникатна и специфична, а со тоа и предмет за историско, но и политичко проучување и анализирање е фактот што таа, всушност, не се води помеѓу Северна Кореја и Јужна Кореја, туку помеѓу нивните „спонзори“ – САД и Кина/СССР.
   
Ова е една туѓа, наметната војна за корејскиот народ кој е заложник, заробеник на своите „ослободители“. Преку судирот на двете спротивставени идеологии и системи, еден народ ќе биде искористен за повисоки политички цели и апетити на суперсилите, предводници на Истокот и Западот. Оваа политичко-идеолошка поделба и војна на апсурдот е историска и долготрајна штета за истокрвниот корејски народ кој очекувал обединување на земјата по претрпените реперкусии во Втората светска војна.    
   

Сонот за обединување на раскараниот и поделен Корејски полуостров живее и денес меѓу жителите на Северот и Југот од земјата, меѓутоа за неговото остварување потребни се коренити, радикални промени во поглед на меѓусебната (не)доверба која владее меѓу политичките претставници на двете Кореи.Идејата за обединување ќе стане реалност тогаш кога желбата на народот правилно и вистински ќе биде отсликана во одлуките на неговите избраници.

Павел ДОНЕСКИ
(Авторот е апсолвент на Политички студии)

*Ставовите
изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и
редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на
истите.