Образованието е процес на промена на личноста со усвојување на различни содржини во зависност од возраста и потребите на поединци. Значајна улога во постигувањето на посакуваната насока во која треба да се надгради личноста има книгата. Книгата е збир на пишани, печатени или илустрирани страници изработени од хартија, пергамент или друг вид материјал. Секоја книга преку својата содржина на читателите им пренесува некоја порака со едукативен карактер. Токму за книгите кои го поттикнуваат образовното надградување на личноста, вреди да се зборува и пишува.
Тие книги ги стимулираат: самодовербата, ентузијазмот и доброто морално однесување кај човекот. Моралот е една од најважните категории во човековото однесување. По своето значење моралот може да се однесува на лични или на културни вредности, кодекс на однесување или општествени обичаи со кои се прави разлика помеѓу она што е правилно и тоа што е погрешно во човековото однесување. Застапеноста на моралните вредности во книгите е еден од клучните фактори кои влијаат врз оформувањето на моралниот лик на читателите, односно се дава насока што е добро, а што е лошо. Моралното воспитание претставува процес на формирање морална личност што значи изградување морална свест и морално однесување. Моралното воспитание во процесот на образование има пресудна улога и во подоцнежното формирање на личноста на човекот. Заради сево ова многу е важно да се посвети посебно внимание на афирмирањето на моралните вредности во книгите. Втората карактеристика што ја одредува позитивната вредност на книгите претставува нивното правилно уредување, а вклучува: употреба на македонски зборови, почитување на правописот, правилна употреба на интерпункциските знаци, соодветна големина на буквите во текстот, соодветен проред, логична и последователна распореденост на настаните во текстот на книгата. Македонската литература изобилува со книги, различни по својата вредност, значење и содржина. Честопати можат да се најдат книги кои со својата содржина им даваат погрешни насоки на читателите во поглед на правилна синтаксичка распореденост на текстот, употребата на интерпункциските знаци, па дури и во поглед на информациите што се нудат како податоци во книгата. Овде до израз доаѓа одговорноста на засегнатите чинители за овој аспект на книгата- уредници, рецезенти, лектори. Самото одобрување на книга со грешки да влезе во печат и да биде објавена, го повлекува неодговорниот однос на сите оние кои се потпишале како проверувачи на книгата. Проверливоста во овој контекст би значела дека тие би требало најпрво да ја прочитаат книгата, а потоа и да ги проверат податоците што пак влијае врз квалитетот на книгата. Секој што е ставен во улога на оценувач треба да биде подготвен да ја сноси и одговорноста. Одговорноста е човекова особина и способност да се прифати повик за отчет за своите зборови, постапки и обврски. Одговорноста е залагање кое нужно се поврзува со сродните поими: свесен, зрел, карактерен, чесен кон себеси и кон другите.
Заради сево погоре напишано, од особено значење е постоењето на квалитетна литература на македонски јазик, книги кои покрај тоа што правилно ќе го образоваат читателот, ќе го поттикнат и на некои размисли, корисни за човековото живеење, бидејќи книгата треба да биде извор на сите мудрости во животот.
М-р Лидија Размоска
*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.