Пишува: Дим Дон, еден од вас)

Такви сме ние. Мали граѓани на оваа кутра земја со големо древно име – Македонија!

Такви сме си и такви сме ти Македонијо: алчни, неетични, неточни, завидливи,бесчувствителни, безочни до крај, ненаситни на туѓото зло. Потребна ни енекоја несреќа, некој трагичен настан и како стршни, како оси, да се нафрлимеда напаѓаме, да обвинуваме, да судиме и да пресудуваме! И секогаш нашите се во право, а другите и туѓите се кривите.

Ете, се случи еден несакан, еден случаен настан, еден редок и единствен ваков трагичен бродолом во кој загинаа петнаесет патници. Да, тоа се случи во Елешец, во Охридското Езеро, во Македонија.Тоа можеше да се случи и во друг град и во друга држава, а тоа  и  се случувало, но што е овде посебно за дискусија?! Од кога сите станаа судии и експерти по сообраќај и пловидба; експерти по машинство и по наука и наутика?! Пред време се нафрлија сите партиски портабл политичари да обвинат, да пресудат. Локалните да ја обвинат централната, а централните – локалната. Сите се криви, сите се обвинети.  Цела Македонија е виновна за несреќата. И сите се искарани. Се јавуваат на прес-конференции и вршат атака врз противните политичари. Се карааат и се опирааат  сами тука крај Охрид и во Македонија. А оттука,  пак, од Скопјето, некои  нови благонадежни србиновци се  нудат во бтв-то кај елизара за да му се поплачат од македонсково владеење, за да му кажат дека ”нашиве водачи биле злобни будалетинки, а нивните, бугарските, биле добродушни и наивни будалетинки” и незнам што уште  ќе му кажел…А надвор, таму – по софиите и  по солуните, по виените и женевите, по бриселите и стразбурите, –  токму такви не сакаат и не посакуваат  – да сме разјадени, настрвени еден на друг; да се обвинуваме,  и да си пресудуваме сами – сами меѓу себе и со сите други против нас. И сето тоа беспотребно, пред еден случај кој треба да го решаваат институциите, а не партиите; институциите, а не телевизиите и журналистите, и сето тоа, замислете, пред да се заврши една нормална истрага за случајот – за несреќата која се случила од засега непознати  причини.

Колку, пак, причините се непознати, говорат и дофрлувањата дека бродот бил претоварен, дека бил стар повеќе од осумдесет години, дека немал доволно искусни капетани и заповедници и дека немал доволно радио-врска со други бродови за вакви случаи; дека во бродот се возеле патници во поодминати години и непливачи; патниците за првпат се качиле на брод и дека паниката на патниците е една од причините. Дека заштитните и спасувачки елеци ги немало доволно или биле притиснати под седиштата…Има и други вакви непознати и некои, можеби, навистина непознати причини за несреќата. Но едно треба да се знае: Несреќите не се казна од Бога, поради концертот на Мадона и поради
непочитувањето на денот на отсекувањето на главата на Свети Јован, како што рече во Пловдив, митрополитот бугарски г. Николај. Несреќите не се случија за да се поврзат и со Бугарите во Македонија кои сакале да минуваат неказнето на црвен семафор. Несреќите не се случија за да се  изврши атака од страна на бугарскиот прв министер, Б.Б., кој трагедијата ја поврза со Спаска Митрова. Несреќи од ваков вид и попотреесни имало и во Македонија кога ни гинеа војници и полицајци; несреќи од ваков вид и попотресни имало и во Бугарија, но немало ваква непристојна еуфорија, ваква привидна траурфорија.

Несреќите, скапи пријатели,  ни се секогаш тука, околу нас. Тие секогаш постојат и не демнат. Нашата способност е да ги избегнеме, да ги заобиколиме или да ги прескокнеме. А ако се случат, да ги ублажиме!

Езерото е секогаш полно со длабока вода, а со длабока вода не се игра. Во длабока вода не се патува  без знаење и без имање. Треба да се знае, повторно ќе нафрлат (не)повиканите, и што треба да се има кога плови бродот; треба да се има се што  треба, доколку не се знае пливањето и пловењето. Не е потребна само дозвола од транспорт и врски, туку требаат и радио-врски со другите капетани и со другите министерства. Треба да се знае колку столчиња плус да се додадат; каде да се постават, дали да се постават! Треба  да се знае кога се менува брзина,  кога се менува сајла, кога се менува брод! И треба да се знае дека парите никогаш не се доста. И илјада патници да има денес, утре ќе бидат малку. Затоа, скромност пред сè!Скромно и домаќински со секого и со сите,и пред секого и пред сите! Да видат и другите дека  и утре ќе биде убав денот; дека и утре, ако (о)станеме здрави – живи ќе можеме да му се радуваме на мали нешта, на убави нешта, на насмевки од среќа, на сила од здравје, на нова молитва пред Бога и на нова љубов и милост  Божја!

Скромно и со желбите, но и со жалбите. Скромно и со клеветите и со пресудите. Скромно, почитувани –  и со плачењето, и со тажењето! Да не го ситиме ѓаволот, натемагото! Доста е жална  еуфорија и болна траурфорија! Несреќата бидна, и, ајде на покој да ги оставиме настраданите; да се помолиме само за спас на нивните души; да ги оставиме на мира да го изодат патот до Рајот. Да не ги вознемируваме одново нивните блиски; да не ги отвораме нивните рани, оти доста им се на нив страдањата нивни; да престанеме, да прекинеме   барем четириесет дена за мир на душите нивни. И за спокој на живите – на ним блиските и на сите нас живите… А слушам, и гледам : формирање на здруженија кои собирале потписи/петиции  за правично судење. А како ќе биде судењето без петициите? Неправично?! Дали тоа предвреме ги обвинуваме и судиите, и македонската судска власт и Македонија како кандидат за ЕУ и Нато?! Посакуваме правично, а  со таа масовност (не)свесно притискаме за пристрасно судење. Би сакал да грешам! Но се си мислам дека од една ваква преголема непристојна еуфорија во која секој  секого напаѓа и нагаѓа и секој гледа некаков  политички или личен профит, – сите помалку ќе загубиме. Сите поединечно и како Македонија – заедно….Ќе имало и спомен-плочи и споменици на плажата кај Елешец!? Или можеби внатре во Езерото!? Се мислам: од голема жал и болка, или од болна траурфорија?! Да се искаже сочувство, или да се искористи тагата за да се покрие лагата?! Кој ни подготвува , кој ни пометнува нови прашалници, нови бенчмаркови, нови услови ?! Или, пак,  можеби поени за нови предвремени избори – за ново прекрстување на Македонија, за новоодложување на Европска Македонија?! Зошто не се почека барем до четириесетте дена христијанска почит кон покојните?! Со која цел  и денес над(л)ежните, место искрена благодарност, подготвуваат  бугарски пасоши за спасителите на педесетината преживеани по езерскиот  бродолом?! Ќе има ли  во Елешец (или  во Елшани) и  во Македонија нови 15  живи македонски граѓани, Македонци со бугарски пасоши – нови граѓани на  Мајка Б’лгарија?!  И, Боже мој, нормално ли е тоа?! И, морално ли е сето тоа?! Да се искористи, да се злоупотреби овој тажен и трагичен настан за остварување на безобѕирни и безобразни цели и да се пополнуваат екраните и страниците и формуларите со такви и политички и политикантски дејанија, Господи, колку проѕирно и бездушно!

Морам да Ви признам, скапи пријатели: и јас и моите елшанци навистина бевме потресени од трагичниот настан, од страшната погибија, која токму ние жителите од Елшани катадневно ќе ја имаме пред нашите очи, зашто ние, жителите на Елшани сме постојано тука во Елешец, зашто ние елшанци  – тука живееме. Елешец е нашата плажа, а делот од езерото каде што се случи бродоломот е нашето пливалиште, нашето место на езерски доживувања. Овој немил настан ни го подрасипа пливалиштето, ни ги смени пливачките патеки…А ќе ни го промени и местото за плажа и за сончање, зашто тука ќе била спомен-плочата која ќе потсетува на стравичната глетка и на загинатите (!?).

Елшанци, почитувани пријатели, својата помош ја искажаа во моментот на несреќата, учествувајќи во спасувањето на преживеаните. Елшанци,  на местото на несреќата, на 7 септември оставија цвеќе и запалија свеќи за помен на настраданите.  Елшанци, преку своето здружение РОДОЉУБИ СВЕТИ ИЛИЈА, на 7 септември, упатија јавно сочувство, преку  разговор со г.Росен Цветков и преку изјава за Бугарската национална Телевизија, токму од Елешец, од местото на несреќата. Елшанци, и преку приватната бугарска СКАТ телевизија јавно упатија сочувство до сите семејства на настраданите, но и порака до медиумите, до политичарите  и до сите надлежни и во Бугарија и во Македонија, овој трагичен настан да не се злоупотребува за ниски  и политикантски цели, ами да биде само причина за заедничко споделување и на несреќата и на среќата, и на тагата и на радоста  – на заедничкото живеење.

Така ние елшанци го изразивме нашето сочувство  и така ја разбираме нашата поткрепа и нашата подадена утеха, нашето пријателско рамо, нашата братска и христијанска рака. И тоа го сметаме за нормално и за доволно. Да, тоа е доволно! Сè друго, прескапи пријатели, само ќе личи на ликување и лицемерие; сè друго, прескапи Дами и Господа, не ќе да е нормално и морално. Сè друго, и се нешто повеќе, ќе личи само на една привремена и проѕирна траурфорија,  на една болна еуфорија.   

Деновиве започна, и  со помош на “Дубина” веќе  на површина го ивадија телото на потонатиот брод. „Осумдесетгодишниот старец“ е спасен ќе биде спастрен или спрострен колку што е долг и широк на суво или крај суво, пред Билјанините извори. Верувале или не, бродот “Илинден” загуби дел од патниците, но го преживеа својот бродолом, а ние : ние сеуште  и сè подлабоко ќе тониме од срам , од будалаштина, од лакомштина, од малограѓанштина, од немакедонштина, од каинавелие.

Господи, Боже, судбина ли е или сторение?!

 Авторот  е претседател на Здружението на граѓани
„РОДОЉУБИ СВЕТИ ИЛИЈА“