Денес сум среќен. Не од што е убаво, пролетно, ладно времето. Не од што ми стигна плата. Пресреќен сум денес. Не од што ми направи малиот уметнички цртеж од неговиот детски свет полн со фантазија. Ги чувам дома како галерија на врата. Се радувам. Денес и на непријателите им посакувам се најдобро.
Вака сјајно како полна месечина ретко се имам чувствувано. На овој не-обичен, многу значаен ден во нашиов живот. Историски. Посебен момент за цела Македонија и за дијаспората македонска. Денес треба 24-те часа да ги искористиме максимално. Затоа што е нешто многу ретко. Сведоци сме на нешто што не се доживува секојденевно во сегашниов исполитизиран живот.
До недела 24 март, до 19 часот сме ослободени од нешто што со децении како сенка ни е во позадина. Како муви во топол летен ден кои само ни сметаат „бзззз, бззззз“. Некогаш ништо не помага против оси. Ниту спреј, ниту друго “оружје” против комарци. Ама денес да. Денес природно сме победници. Ние, народот. До утре вечер сме највесели. Не од што сме родени во рајот на планетава. Не славам што некогаш пред 13,7 милијарди години се роди светот со бинг бенг, светот заедно со Охрид. Или дека сме ние последница од тој далечен момент.
Не, денес славам за “многу години” нешто друго: има предизборен молк. Тишина. Мир. Тоа е нешто неописливо. Нешто уникатно. На политичарите и кандидате за градоначалници, советници и на портпаролите им е забрането повеќе во јавноста да ги пропагираат нивните идеи и омразите кон противниците до недела до 19 часот. Конечно ни е мирна главата. За жал само за кратко.
Колку сум весел и среќен човек кога ја отворив денес страницава на OhridNews и кога ги скенирав другитие медиуми. Ги нема оние стандардни политички вести, прес-конференции, навреди од разните политички партии. Ден без смешни, жални, ниски изјави, можни и невозможни ветувања. Зборувам само за тие што се занимаваат со евтини финти и плитки варијанти на изборна кампања.
Им посакувам на сите граѓани да се разбудат во понеделник во град кој ќе тргне во нова фаза на живеење. Со сегашниот или новиот. Храбриот и паметниот нека победи. За добрината и добро на цел Охрид и сите жители.
Да не губам време. Пред да биде премногу доцна сакам денес да уживам максимално. Ајде брзо. Денес сите да уживаме на овај посебен ден. На Свети Мир.
Влатко
од Амстердам