Автоцензурата налага многу повеќе воздржаност од која и да било наклонета уредувачка политика. Кога ќе ја доживееш, игнорираш дека тоа ти се случува се до моментот, кога почнуваш да даваш преголем простор на квази експертите да зборуваат, а граѓанското општество да молчи. Денес, на оние чиј глас одлучува, за жал, примат им се симпатиите на шефовите и само насоката на нивните кариери. Реално, тука некаде во приказната треба да биде и градот, општеството. Жално е што голем дел од луѓето, без никакви предзнаења за некоја област милуваат да глумат експерти, и константно го “експертираат” Охрид. Во манирот на доброто воспитување, не би кажал каков дојам оставаат. Некои работи се подразбираат. Одоговорно тврдам, дека иако се трудат да продаваат памет, доколку дознаат дека од утре интелектот ќе може да се купи на пазар, веднаш ќе побрзаат да го купат. А, верувајте и редиците ќе се долги, многу подолги, од оние кога бевме кревка држава и чекавме ред за млеко.
Се изнаслушавме како Охрид, некој го казнува затоа што не бил политички подобен. Ајде, и тоа да го прифатиме. Но ќе ми каже ли некој, каква држава сме ние кога директно, јавно без никаков пардон ни кажуваат дека доколку избереме поразлично од партијата која е на власт, граѓаните на овој град ќе добијат многу помалку од некој друг град во истата ни оваа држава? Предлози за луксузни хотели, наспроти неисполнетиот капацитет и преживувањето на постоечките. Жичари, Марсовци кои ќе зборуваат охридски со “Т”, па се до Марини по теркот на Монте Карло.
Трагикомична понуда, за држава во која секој трет граѓанин живее под прагот на сиромаштијата. Држава во која полупансионот во Охрид чини помалку од горивото со кое можеш да стигнеш до Охрид, не земајќи ги предвид тошоците за амортизација на возилото по “прекрасните” ни патишта. Држава во која за само неколку секунди можеш за неколку собраќајни прекршоци да добиеш казна во вредност од пет месечни плати. Дури и да не си со превозно средство, можеш да имаш проблем со полицијата. На пример, да добиеш казна затоа што пешачиш во обратен правец. Или пак, да бараат оружје сокриено во твојата кожа. Па на момент, да помислиш дека е подобро да излезеш од истата. Држава, во која секој може секому да прави што сака. Драматични приведувања. Баш такви какви што ги гледаме по филмовите. Но, за мене, отсекогаш, најдраматичниот момент е тој, кога уапсениот го ставаат во кола. Полицаецот, само тогаш е внимателен, со оној кој го приведува, па внимава истиот случајно да не ја удри главата во таванот од возилото, па благо му ја става сопствената рака на неговата глава. Иако претходно го влечел, тегнел и навредувал. Последниот “драма” момент, многу е важен. За воља на вистината, јас немав можност ја доживеам драмата до крај, односно го немаше моментот кој ми личи на помилување од свештеник, но затоа пак добив, во два наврата “влез- излез” од полициското комбе. Е, тоа е привилегија. Дури, два пати. Батали ти глава, процедура, стандарди. Па, Охрид е ова. Мислам дека фино се надоврзав, со цел да си кажам, што ми лежеше на душата и со мало застранување од темата, свесно, по принципот на реклами во најинтересниот момент, па сега би продолжил со она со што и започнав.
Еспертизата е нужна за опоравување на овој град во сите сегменти. Место овој град да биде древен убавец ние секојдневно го убедуваме дека подобро изгледа како турбо фолк пеач. Накитот му се разните трамболини, скокални, лесковачки скари, зачаден од крофнари, музика од репертоарот на Секи, Меки, Цеци. Истовремено пак, ме теши помислата, дека денес Охрид, можеше да биде променет по теркот на главниот град, чија душа оддамна ја распарчија сите продадени архитекти, уметници и луѓе со стил или пак со недостаток на истиот.Таквата промена, доколку му се случеше на Охрид, ќе значеше трајно менување на неговиот лик.
Имам огромна желба, засекогаш да исчезнат тезгите и смешните забавни тракатанци од центарот на Охрид. Засекогаш да се воспостави ред во поглед на евтината миризба на скара и крофни, да се престане за овој град да се зборува само во политичка конотација, да се престане со паради на политичарите од централата, кои доаѓаат на неколку саати, а парите ги трошат на грчките плажи. Ова е само еден евтин козметички зафат, но ако не го направиме, за брзо време овој град ќе има потреба од скапа екстремна пластична хирургија.
Без оглед на се, денес мојот Охрид, повторно се бори да се справи со целата контаминација од политички фекалии. Го дожувувам како еден стар древен асматичар, кој без оглед на влошената здравствена состојба, наоѓа простор да земе макар мал промил на воздух, онаму каде што ние залауфаните во политиката не забележуваме дека го има. Можеби е подгрбавен како старец, но исправен од достоинство, против гравитацијата на неморалот и судбината. Добар во својата суштина, затоа што ако беше барем малку материјалист или пресметлив оддамна ќе не имаше казнето со неговата грдост. Денес тој сеуште е убав, иако има вишок кичест накит. Чесните граѓани ја препознаваат неговата тага, но и неговата мудрост, патејќи за граѓански Охрид. Но, не за џабе се рекло, трпение спасение. Ќе се опоравиме заедно “ГРАДЕ”.
Либерално Демократска Партија
(авторот е докторант од областа на економските науки)
изнесени во рубриката Писма-Колумни не се ставови на OhridNews, туку се
ставови на авторите и редакцијата на ел. весник не сноси одоговорност
за содржината на истите.