Секогаш, пред да застанам да пишувам некоја колумна или сценарио за филм, прво мислам за која тема сакам да пишувам. Секоја колумна или сценарио, без разлика на темата која ја обработувам, може да биде раскажана на милион начини. Но, најважно нешто во целиот овој процес на пишување е моето живеење со таа тема. Ако не ми е блиска, морам да ја доживеам и научам за да можам да извлечам некоја поука која преку некоја колумна или сценарио би ја пренел како порака. Јас во главно пишувам за тоа што го мислам, а и тоа го говорам. Се она со што ми е полна главата, со тоа и го исполнувам секојдневието. Онаа моја црта која е согласна со мојата етика, преовладува, а таа е тоа што го говорам.

Понекогаш процесот на пишување е многу тежок и мачен, бидејќи од мене се бара дисциплина за пишување и жртви кои треба да ги направам за некои работи да ги научам и искусам. Се држам до една одредена рутина која си ја имам направено во текот на годините и гледам да се придржам кон таа рутина без некои големи варијации. Таа рутина ми е многу важна работа бидејќи станува збор за еден вид на хипноза. Се “хипнотизирам” себеси со цел да постигнам подлабока состојба на умот. Но, за да се одржи таа рутина долго време, бара голема ментална и физичка сила. Во таа смисла, пишувањето сценарио е како тренинг за преживување. Физичката сила е исто толку потребна, колку и уметничкиот сензибилитет. Немој да мислите дека тој што пишува, тоа го прави само заради себе. Основата на целата уметничка работа е во комуникацијата. Го барате идеалниот читател или гледач на кому му упатувате нешто и тој совршено го разбира. И потоа, после долга осаменост, затоа што пишувањето е осаменичка работа, ќе излезете во таканаречениот свет со своја колумна која треба да биде прочитана или сценарио кое треба да биде снимано па гледано, тогаш сите ние (писатели, сценаристи, режисери…) го очекуваме токму тоа – комуникација, причината поради која воопшто сме пишувале. Јас не пишувам бесвесно. И сакам тука да настапам во улога на сопствен медијатор затоа што мислам дека многу често и е потребно. Она од што најмногу се плашам и што сакам да го избегнам е пишувањето со авторитативен тон. Секогаш кога пишувате во прво лице, секој од авторите порано или подоцна зазема тон на автор кој знае апсолутно се и кој многу добро знае да суди. Затоа со разни постапки се обидувам да го донесам до минимум тој авторитативен тон.

Да не пишував, веројатно би седел по кафани и кафичи и би раскажувал приказни. А, такви луѓе имаме прилично доста. Сите знаете по некој човек покрај кој уживате да седите и да ги слушате приказните што ви ги кажува. Едноставно, големо е задоволството да се седи покрај такви луѓе. Покрај тоа што се забавни, ни прават и времето да ни летне за миг. Јас знам многу луди кафански раскажувачи кои додека ги слушав ми изгледаше дека ја гледам најдобрата претстава или најдобриот филм. Знам дека некои од тие луѓе пробуваа одвреме-навреме нешто и да напишат ама ништо од тоа не чинеше. Тоа е поинаков вид на дарба.

Јас не сум заложник на митот за божјата инспирација. Приказните за музите, не се моја приказна. Никогаш не ми се случило, ниту пак сум бил сведок на ненадејно просветлување, во кој писателот или сценаристот го пишува своето ремек-дело незапирливо и речиси несвесно, во еден здив, под диктат на виши сили. А, знам сценаристи и режисери кои со години чмаат по кафани, упорно ја чекаат својата инспирација. Инспирацијата не е ништо друго освен една е симпатична измислица на мрзливите луѓе. Јас се инспирирам правејќи муабет со еден куп пријатели кои ми ги кажуваат своите доживувања, стравови, желби и надежи. Така и јас со нивните желби, стравови и доживувања си живеам.

А што е, читањето? Прво е бегство од реалноста, патување со мислите, постојано учење на различни знаења кои ги прошируваат хоризонтите и кои ја потикнуваат имагинацијата. Читањето предизвикува пронаоѓање значења и откривање симболи и нови светови. Некои читаат за да поминат досадата во која се наоѓаат или побрзо да заспијат. Но како и да е, читањето во секоја смисла не прави да се замислиме за некои работи.

Сите ние кои се занимаваме со оваа креативна работа која се вика пишување и искажување чувства и ставови, имаме една тајна, во која се вели дека ќе направиме лош избор ако избереме некоја тема која е премногу лична. Приватноста е контрапродуктивна, бидејќи големината на пишувачкиот занает е пред се, во начинот на кој ќе ја раскажам приказната, мајсторијата е во изработката, толкувањето на темата. Еве, неколку примери – Античките драмски писатели на својата публика им ги прераскажувале приказните кои биле дел од актуелната религија, нивните теми се исклучително митолошки, главните ликови се нивните богови и полубогови, митските херои и кралеви, и цела сурија на демони, титани, нимфи…Значи, публиката одела да гледа драми на кои темата не само што им била однапред добро позната, туку и повеќе, била дел од нивната секојдневна пракса. Меѓутоа, тоа не ја намалувало нивната возбуда, напротив, таа кулминирала во зависност од тоа како драмскиот писател им ја раскажал нивната приказна. Тој што ќе успеел најдобро да го трансформира митот во уметничко дело, добивал златен венец и длабока почит од гледачите и од дворот, кои подеднакво му се восхитувале. Шекспир темите ги земал од старо англиските легенди. Гете, приказната за доктор Фауст ја гледал уште како мало дете на некој панаѓур како куклена претстава. Брехт сите свои приказни ги “украл”. Кога го прашале “Зошто?”, тој одговорил дека не сакал да губи време на најнебитниот сегмент од неговиот драматурски систем на практикување театар. Истите приказни биле претолкувани од многу драматичари низ историјата, во зависност од актуелната поетика во уметноста. Но, да се одолее на искушенијата, тоа е една од најважните работи за еден уметник, а претставува тешка борба која најверојатно јас ќе морам да ја водам цел живот. Затоа што, ако е нешто важно за уметникот, тоа е неговата лична слобода. Слобода која морам да ја издвојувам и сочувам. Мислам дека најдобро е уметникот да се држи настрана од политиката, но уште поважно е да се држи настрана од уметноста, а, ако веќе се вмешува во културното битисување како ова моето што ќе го прочитате подолу, тогаш тоа некако го прави на позитивен и стимулирачки начин.

Слободата на еден уметник значи несигурна егзистенција, но секому треба да му стане јасно дека уметникот со полн стомак е контрапродуктивен за креативниот чин и секогаш, кризните социјално-економски времиња ги давале најквалитетните уметнички дела. Јас во животов сум се научил да бидам задоволен со тоа што го имам. Моите ме воспитале да бидам скромен и да не претерувам дури и кога ќе имам повеќе одколку што ми треба. Да ми текне дека има и други кои немаат, па да им помогнам. .Знам како да живеам во сиромаштија и во изобилие. Тој што ме познава, многу добро знае каков. Ми помагале, и секогаш ќе помагам. Сега и секаде сум задоволен, без разлика на тоа дали сум сит или гладен, дали имам многу или малку. Александар Македонски, наредил да биде носен на погребна носилка со откриени раце, за сите да видат дека заминува од овој свет со празни раце. Слободен. Не знам дали некогаш уметниците ќе ја сватат лекцијата на имачка – немачка, но нека му ја мислат тие што сега и (пре)многу имаат, а утре – ќе немаат. Кој ли ќе им го гледа крајот?!

Сега стојам пред полу завршена колумна, полн со визии во себе и навистина чувствувам слобода. Тоа е слобода што ме обврзува затоа што сакам мојата колумна да биде разбрана и да не биде погрешно толкувана. Да се биде слободен сега, во овој миг за нас уметниците, значи изворедно прецизно да се мисли и да се доживува секој момент. Силно внимавам на тоа што се случува околу мене. Настојувам да перцепирам во сите состојби и ситуации во кои се наоѓам. Имам чувство дека оваа слобода за која јас сакам да говорам, ако се покаже на улица, тоа би било протолкувано како лудило, а не и како особеност што еден човек ја носи во себе. Да не заборавиме, слободата е најголемиот идеал на личноста. Нема поголем идеал од слободата.

Драги мои, овој свет не е создаден во радост, а сепак е зачнат со уживање. Но, уживањето не е исто што и радоста, тоа е привидна радост. Неговата функција е да не измами, да направи да го заборавиме светот, се до најмалта поединост го носи белегот на првобитната тага од која потекнал. Така да, не Бог, туку Болката ја ужива предноста на сеписутноста.

Дали постои поголемо зло од предавството на сопствената земја, на сопствениот народ и на својот најблизок? Дали, конечно постојат ситуации кога предавствата можат да се оправдаат? На човек можеш да му правиш што ти душа сака, да го малтретираш, да го третираш како стока, да го нервираш…само немој да му го уништиш идеалот во кој најмногу верува. Идејата за која мисли дека вреди да се умре. Во идејата дека јас/ти/тој/таа, тоа, семејството, државата, иднината…за која што верува најмногу и се спремен да направи се. Ама апсолутно се.

Реалноста е таква, барем така не учи физиката. Но, психологијата вели поинаку. Таа не е ниту наука, ниту уметност, ниту мудрост, туку од сиве овие по малку или повеќе од малку. Таа е се и сешто, а од неа не се гледа ама баш ништо, бидејќи таа е најапстракна од сите, а сепак сурово реална. Никој никаде не видел мисла, не допре чувство, не помирисал сон, а сепак сите тие се така присутни. Психологијата на нештата им приоѓа субјективно, а преку личното доживување, за таква барем јас ја есапам.

Нешто што најмногу ми ги преокупира мислите во последно време е тоа дали предавствотот е судбина на Македонецот и дали тоа е неговото проклетство низ вековите?  За нас Македонците, темата на предавство е многу трауматична. Речиси целата наша историја, од најстарите времиња до денес е поврзана со предавства и братоубиства, така што многу често сме ја губеле и ја губиме историската шанса заради некое предавство. А, предавството ја одразува срамната страна од човековото однесување, внатрешниот нагон произлезен од алчноста, желбата да се дојде до некаква материјална добивка или до некоја позиција во одредена хиерархија. Луѓето не сакаат да ги потсетувате на нешто што е нечесно, па макар тоа било и во вид на историја. Таа појава ни направила огромна штета во историјата, најпрво со тоа што последни од европските нации формиравме своја современа држава и што е уште пострашно заради неизвесноста од нејзиното опстојување на почетокот на ЏЏИ век. Ние сме народ кое нема силно национално чувство, љубов кон нацијата, кон својот народ, традиција, историја и сето ова не прави нас луѓе без идентитет, подлежен на секакви влијанија и склоности кон предавства.  Знаеме дека со децении наназад како ни ја одземаат историјата, ни го одземаат идентитетот, не прават амфорна маса која нема на што да се горедее, ни пласираат исполитизирани фрази дека наводно нам не ни е потребна историја, односно дека тие ни ја градат иднината. А, да ги прашаш, врз што ја градат иднината, врз кои корени, сигурен сум дека нема да знаат да ти кажат. Во последно време слушам како се поставуваат клучни момент или прашања за нациите но, за жал, ние не размислуваме како нација, туку нашата историска свест се приземјува на ниво на парцијализирана партиска свест и ништо повеќе. Леле, колку жално сето ова. Еден ден, ова расцепкана свест ќе биде погубна за сите нас.

А, политика е бездушно знаење. Ние тоа не сакаме да го признаеме. Да си језуит и револуционер, што секој вистински политичар треба да биде или неизбежно е, толку не би лелекал за отфрлените пријатели. Во политиката, вистински светец е оној којшто го камшикува и убива народот за доброто на народот. Но, најнепоправлива од сите мани е да се прави зло од глупост. Живееме во време кога патриотите се чукаат во гради како мајмуни, а предавниците се молат да не бидат фатени. Непријателот не може да ви биде предавник, затоа што тој ви е деклариран противник. Непријателот никогаш не може да ви биде предавник, но предавникот може секогаш да ви стане непријател. Предавник може да ви биде само роднината и пријателот. Тој што ве предал, тој што до вчера со вас споделувал идеја или љубов, а утре од вас се откажал поради материја, на пример пари, власт или нова љубов. Сигурно е една од овие 3 работи. Денес луѓето се раѓаат како припадници на одредена етничка група, а таа припадност ни е дадена, бидејќи народот не се избира, како што не се избира ниту семејството. Нашите подоцнежни врски со луѓето, пријателски, професионални, политички, сексуални или општествени, најчесто, се плод на избор. Нашата лоцираност во светот, која не зависи од нашата волја, упатува  на тоа дека не постојат причини кои не обврзуваат на бескрајна верност, бидејќи никој не го избрал својот народ, а ниту ги молел родителите да го донесат на овој свет. Значи, нема бегање само од припадностите кои сами сме ги избрале. Бидејќи на народот му припаѓаме без чин на изборот, таа припадност ја носиме во себе, па кога се откажуваме или ја негираме таа правосилност, тоа е како да го убиваме самиот народ. Страв од изолација и прекорувања од општеството, страв од сиромаштија, страв од неуспех, од обврски и одговорности, од борба, од самотија, страв од луѓето, страв од смрта. Ми се чини дека стравот е најтешката болест што го загрозува човештвото и очигледно, средство што гарантира успех на секоја уцена, основен инструмент со помош на кој секој може да биде принуден да се приспособи на одредена ситуација, какво и да е зло во прашање. Стравот е најдобар пат по кој може да се одрече од својата автономија, од независноста и на крајот, од слободата.

Во кривичното законодавство, современите општества изградиле институт – велепредавство. Некој може да побегне од земјата и да не ја брани од напад на непријател во случај на окупација, агресија и геноцид, иако одбраната на земјата е света обврска за сите нејзини државјани. Овој нема да биде обвинет за ништо во тој случај. Ќе го сметаат за кукавица, предавник ама без одговорност и ќе го заборават. Кога офицерско лице или функционер ќе побегне, е тоа се смета за дезертерство и нему му се суди, за тоа одговара и лежи во затвор, затоа што полагал заклетва пред да седне на тоа место. Понекогаш на таквите им се пресудува смртна казна, во редовна или итна постапка. Луѓето не се раѓаат како христијани или како муслимани, туку така подоцна стануваат. Предавство не се разликите во мислата, говорот и уверувањето. Тоа е богатство на општеството, во тоа е смислата на демократијата. Се разбира, антидемократски е квалификацијата предавник за сите што различно размислуваат, говорат и имаат свое спротивно уверување од било која власт. И кај нас, како и во секое демократско општество, не се предавства или велепредавство разликите во мислата, говорот или уверувањето. Тоа е здраво демократско општество. Кај нас проблемот е во лажниот патриотизам и вистинските предавства се историски континуитет. Не случајно сме имале такво минато. Секој подвиг бил предаден, па тој лесно станал тежок пораз. Почнувајќи од Александар ИИИ Македонски, Цар Самуил, Јане Сандански, Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев…сите се бореа за Македонија, патриотите и предавниците. Едни против други. Едни со ум, другите со кама. И чувствувајќи ја големината на историските мигови, “патриотите” побрзаа себеси да се прогласат за патриоти, а сите други за предавници.

Но, “патриотите”, за кои сите други се предавници, се како плевел. Тие се “патриоти” по професија, за секое ура очекуваат награда, сеедно дали од држава или од партија, во спротивно и тие би биле предавници. Ќе излезат на митинг или ќе се качат на кафански стол, под напливот на алкохол и емоции, ќе викнат неколку пати “Македонија” и готово. Тие се големи “патриоти”. Сите други се предавници. “Патриотите” и кога крадат, го прават тоа во името на Македонија, значи од патриотски побуди. И болно е што Македонците се уништувале меѓу себе заради некоја идеологија или идеолошка припадност (десница-левица; комунисти-антикомунисти и итн). Таа трагична ситуација, базирана врз идеолошки сметки, се чувствува до ден денес. Значи, настанала обезглавеност на македонскиот национален дух. Секој човек може да се чувствува како сака и да се декларира како сака, но за тоа не треба да биде убиен. Затоа атентатите врз македонската интелегенција и врз бројни македонски дејци е нешто најстрашно што може да му се случи на македонското ревулуционерно дело кое трае и денес, на процесот на формирањето на македонската нација и македонската свест.

Всушност, тоа е судбината на секој скромен граѓанин на Македонија. Ако молчи, ако ја сака вистината и Македонија, тој е предавник. Него никој не го прашува како преживува во овие скудни времиња, што го мачи. Ако не си со нив, ти си предавник! Нели рековме дека тоа во Македонија е историски континуитет, така? Но, до кога?

Немој да мислите дека забегав со темава, сеуште зборувам за истите работи. Слободата и предавството. Многу ми се контрадикторни овие две теми. Колку општеството создава поздрави вредности, толку повеќе ке имаме здрави личности. Ако, инвестираме во Шмизли, ќе добиеме Шмизли. Во секоја промена има нешто срамно и пријатно едновремено, нешто што личи на неверство и селидба. Тоа е доволно да се објасни Француската револуција. Секое несреќно семејство е несреќно на свој начин. Како и со секое проширено семејство, треба да се знае сопствената историја за да се разбере зошто малите расправии преминуваат во ужасни тепачки. Зад секој судир се наоѓаат години непријателство и омаложување.

Сите сме свесни дека постојат бројни карактеристични и трагични примери, чии последици од предавства се фатални за нечиј живот, фамилија и нејзината иднина. Ни се случуваат пред очи. Или реагираме или немо набљудуваме. Дали ќе можиме да простиме и ако можиме, на кој ќе му простиме? На “Глупачата” или на “Кретенот”? Или воопшто, зошто да простиме? Да си речиме, ма гони ги у пм, мамето нивно да им го е*ам и се најмило по список!? Да простиме, а да не заборавиме? Или да не простуваме затоа што ако некој не предал, тој/таа повеќе не ја заслужува нашата почит?

Никој не може да ни е крив ако одиме според онаа “Пријателите ги избрираш, роднините не!” вака би се разочарувале сами од сопствениот избор.  Или да размислуваме вака: Партнерите доаѓаат и си одат, а со другарите сме биле цел живот. Но, што ако партнерот е вистинскиот што сме го барале? Што ќе правиме тогаш? Колку е само иронично сето ова. Ги игнорираме тие што не обожаваат, а ги обожаваме тие што не игнорираат. Ги сакаме тие што не повредуваат, а ги повредуваме тие што не сакаат. Според мене, болката би била најголема кога некој кој ме познава цел живот би ме оставил без подршка. Меѓутоа, роднините се оние кои не можеме да ги смениме, и болно е кога знаеме дека некој со кој сме било многу блиски и некој кој не познавал (зборувам за родители, брат, сестра) одеднаш не остави без негова подршка и целосно ни го сврти грбот, да не речам – ни забил нож в грб. И, затоа мислам дека на родителите и на сестрата/братот би им простил многу полесно, без разлика што болката која тие би ми ја нанеле би била поголема од онаа другата, нанесена од другарите и од партнерите. Само вистинските другарства и искрената љубов ќе докаже дека не сум во право. Сепак, даваме уште една шанса, така? А, знаете колку е ретко ова сега што го кажав. Сите разочарувања се мерка со времето остануваат само како искуство и мерка за предпазливост. Тешко е да се најде вистинската личност, но уште потешко е да се заборави “погрешната”.  Денес, гледам дека мажите се женат затоа што се изморени од потрагите, а жените се мажат бидејќи веруваат во љубовта, во бракот. Така да, и едните, а и другите се разочаруваат и тргнуваат да го бараат она што мислат дека не го нашле. И затоа брачниот синџир е толку тежок што двајцата не можат да го носат – потребни се три лица. Измамата не е кога се мами партнерот, туку кога се лаже дека не се сака некој друг.

И, дали сте се запрашале што правиме кога гледаме ситуација на предавство? Драги мои, фаќаме сеир! Судиме!!! А, кој ни го има дадено тоа право на некој да му судиме? Можеби тој што е “предавник” има “вистинска цел” за која ние никогаш нема да ја знаеме, а го судиме заради предавството што го направил. Судиме затоа што не сакаме тоа нам да ни се случи или судиме затоа што би имале некоја корист од последиците од таа ситуација? Целта не ми е да ширам омразам наоколу иако повеќе се гледам како циник и прагматичар, и не можам да кажам дека ми е жал што повеќе ми се допаѓаат неранимајковци кои знаат што прават од чесните идиоти кои сами си дозволиле да си дојдат до тоа “дереџе” до кое се дојдени. 

Мислам дека се може да се прости, а тоа значи и да се заборави.Сум го пишувал ова и порано. Ако се обидеме да најдеме оправдување и утеха на секое едно предавство, ќе ни биде помалку безболно и времето ќе го избледе. Простувањето е економија на срцето. Простувањето ви ги заштедува трошците на гневот, чинењето на омразата и загубата на духот. Кога верата исчезнува, нејзиното место го зазема суеверието. Во тој поглед, човечката душа не ја поднесува празнината. Уште за покајанието. Ако видиш дека човекот што згрешил, бара да му биде простено и се обидува да си го обели образот, дозволи му да си го обели и прости му затоа што еден ден и тебе ќе ти се случи тоа што и нему му се случи.  Покајанието, тоа не се букви една до друга за да одбележат дека “ти е криво” НЕ! Тие зборови имаат длабина и суштина далеку, светлосни години подалеку од тоа англиското “И’м соррѕ”. Да се покаеш, значи да го признаеш својот грев и побараш прошка од оној на кој си му згрешил. Што и како ќе правиш потоа,  е друга песна, но ако го направи ова што го напишав и го избра свој пат, тогаш во ред, ако не тогаш направи го (толку и должиш или му должиш) и пак ако избериш оди по друг пат. Само тоа е покајание, се друго е англосаксонски виц кој се употребува и кога некој ти забива нож во грбот.

Планирав да го објававам овој текст по повод празникот “Прочка”, ама си велам зошто дури тогаш и зошто на посебен ден? Зарем не може секој ден да си простуваме еден со друг? Зарем празниците се направени само да не потсетат што треба да правиме секој ден? Мене единствено ми е тешко да си простам самиот себе, само заради грешките кои не можам да ги поправам.

Сега знаеме дека за нешто да се случи треба да има причина, ништо не се случува без причина. А, се случува тогаш кога мора да се случи. Едноставно, не можеме да живееме без други луѓе. Едни ни ги создаваат, а други ни ги решаваат проблемите.  Ние, обично, наместо да се сакаме, само докажуваме дека сме научиле да влегуваме едни во други. Јас имам толку необична душа што понекогаш, и самиот не се снаоѓам во неа. Сакам да ги осветлам нештата со својот дух и нивниот одсјај да се одрази во духот на другите.  И, еден ден, без сомнение, лично јас, ќе си заминам задоволен од светот во кој сонот и делото не се браќа и со надеж дека нема да сум гробиште од кое и месечината се ужаснува. Само да знаете, откако сте изгубиле се, тогаш сте слободни да правите што сакате.

Нам ни е потребно огромно единство, сплотеност, она што никогаш не сме го имале во историјата за да се извлечиме од ситуацијата во која се наоѓаме. Денес, прашање е колку сме спремни да дадеме нова шанса и да сме свесни дека не се фолираме дека знаеме да простуваме. Даме Груев убаво рече, подобро ужасен крај, одколку ужас без крај.

п.с. Секогаш сте биле со мене, секогаш и ќе бидете, знам и во тоа не се сомневам и затоа сум најбогатиот човек на светот! Затоа што ве имам вас и подршката ваша и знам дека секогаш ќе ја имам, секогаш сум ја имал … и многу сум среќен! Многу, многу, многу…, многу… Човек може само да биде среќен со Вас Сите, со Сите Вас… Многу ве сакам! – Тоше Проески.
п.п.с. Зарем немаше добра порака овој човек?

Авторот е сценарист и режисер
Илија Пиперкоски