Деновиве под импресија сум на последната седница на советот каде дефинитивно забележав дека ја немаше десничарската идеологија. Вистината е дека “Движењето” го бранеше назначено лице место избраните на избори. Недоносените политички припадници кои не само што го напуштиле инкубаторот предвреме, туку истиот го скршиле на излегување без никаков респект кон тој кој претходно го направил и им овозможил во него да се развиваат. Нема простор за наивност од типот дека советниците – победници решиле да носат квалитетни одлуки игнорирајќи го затајувањето на идеологијата на партијата од која доаѓаат, затоа што знаеме дека тоа кај оваа власт не е можно, односно читај не им дозволуваат. Препознавам порив кај многумина од нив, но тоа е, што да се прави, кога на кординација им кажуваат како и никако поинаку.

Од друга страна за воља на вистината многумина од нив не пропуштаат да се сликаат на секој настан. Да се живи и здрави социјалните мрежи па можеме да видиме и пренос во живо од седница, но на тие слики никако да дадат дека изгласавме П+7, што не мислам дека е лошо, но истото тоа не кореспондира со нивната осумгодишна “голгота” кога беа жртвени јагниња на пресовите и каде максимум политички поени влечеа од урбанизација на градот. Не напишаа дека од цените кои ги најавија како намалување од страна на ЈП Комуналец ниту една не се однесува на секојдневните комунални услуги туку на некои вонредни активности, не коментриаат на сликите дека голем дел од извештаите од јавните претпријатија личат како јајце на јајце со претходните, да, да на оние кои со гадење ги одбиваа. Не кажуваат дека си отидоа едни од работа за да дојдат други и се така во круг. Сликата на социјалните мрежи не секогаш содржи илјада зборови, во случајов покрива и преќутува. Само народот се залажува дека некој некаде работи….

Време е почитувани колеги да не се зборува за триците, туку за брашното. Не треба да се употребува добра шминка кога работите имаат потреба од екстремна козметичка хирургија. Не треба да се ампутира здравото ткиво само ако е политички неподобно. Не смее да се лечи вирус со антибиотик, нити пак тромбоза со хепарин. Не треба да го поплочуваме блатото нити пак да ја сушиме надежта. Не треба да се наседнува на омразата на која не тера политиката, туку напротив да се зголеми професионализмот. Не треба да се исклучува туку напротив да се вклучува. Најважно од се е да сфатиме дека треба да оставиме да има од се по нешто на политичката сцена како одличен десничар и непоколеблив припадник на центарот така и вистински левичар, сите заедно на заедничко кафе кај некој кој не го интерсира политика и на кој упорно со своето политичко дејствување му влегуваме секојдневно во џебот.

Се додека политиката не е долгорочно конципирана и се додека човечките судбини зависат од тоа кој ќе дојде а кој ќе си замине сѐ до тогаш ќе биде вака. Ќе никнуваат како печурки неискусни правници, архитекти, економисти кои од прв ден сакаат да бидат раководители со однос кон луѓето дека се незаменливи, до толку несигурни во себе што ароганцијата им е едниствената одбрана од прашања и од интелектуална полемика. Не знаеш дали треба да ги жалиш заради тоа што ќе удрат во оваа тешка реалност како ѓуле во трева, со баш толку тупав звук или пак да ги оставиш да ја научат лекцијата. Во прилог на ова ќе бидам не фер доколку не кажам дека се согласувам со една дискусија на Градоначалникот кога кажа дека вистински недостасуваат квалифицирани луѓе за работа. Тоа е така, но не можам да сфатам зошто не ги бараат таквите?! Секој одговорен човек би се прашал што прави тој или оние на кои идеолошки им припаѓа. Не можам да си опростам на премногу зелените ”За” наспроти нивното секогаш некоструктивно црвено “Не”? Зошто им дозволуваме да дадат и црвен картон за раздор меѓу граѓаните. Зошто со причина не бојкотираме кога тие бојкотираат други општини без причина. Дали премногу омекнавме или веќе нема кој на опозицијата за време на протестите да и донесе сендвич? Зарем вистински отпор не би требало да се случува сега?!

Денес од некоја непозната причина сите се власт. Често милувам да кажам дека опозицијата во Охрид ги намести изборите ако се има предвид дека најголем број граѓани зборуваат како тие само биле приморани да бидат опозиција и дека на избори го гласале сегашниов победник. Токму ваквиот профил на луѓе се најголемите кочничари на генарално сите промени. Тоа се оние кои ви намигнуваат во ходник со знак на поддршка а потоа при поздравувањето со другиот му ја стегаат раката. Толку не се почитуваат себе си, што можеби е лудост да очекуваш од истите да бидат дел од некаква идеологија. Се пропознаваат по неочекуваната љубезност и огромната омраза во очите. По тоа што личат на мандарина која упорно се труди да биде портокал, но ќе ја препознаеш по тешкотијата во лупењето. Ќе те испрска на белата кошула тогаш кога не очекуваш, тогаш кога немаш време да се пресоблечеш, токму тогаш кога најмалку треба да бидеш со флека. Жално е тоа што логиката ја пратија во пензија која веројатно ги очекува новите пет проценти ветени пред потенцијалните парламентарни избори. Наспроти тоа, нелогиката ја ставија на плата со огромни бенефиции, и врзаа машна за да делува посериозно, но никако да ја научат на почит, манири и сестраност.

Луѓето по дефиниција се ксенофоби. Она нешто таму не плаши. Она нешто може да не загрози, она нешто мора да се уништи за да не не уништи тоа нас. Ова е кругот на стравот, а тој ограничува и е дисторзен, па затоа нека нѐ ве изненадува ако еден ден вашето дете ве запраша зошто вакво нешто поддржувавте, зошто за една потенцијална потпросечна плата им викавте добар ден советниче, секретаре, пратениче, градоначалниче? Зошто им стававте ‘лајкови” на слепо, зошто ви се допаѓаше секоја фотографија направена во некоја биртија од вашиот шеф или мев? Ќе ве прашаат дали аплаудиравте на тоа што асфалтирале неколку дупки а ви отвориле кратер во душата? Ќе ве прашаат зошто кога не сте свиња сте одлучиле да се тркалате во блато со нив? Ќе ве прашаат дали барем еднаш место да шепотите не рикавте? Најтешко ќе биде кога ќе ве прашаат дали барем нешто сте сонувавале и зошто поделби без никаква крајна цел? Во септември стануваме свесни колку ни недостига летото, но веќе во април забораваме. Нејсе, и да ни пукне жолчката од мака, сега имаме каде лапараскопски да ја извадиме. Да, да вест на векот….

Дејан Блажески
Либерално Демократска Партија
(авторот е докторант од областа на економските науки)

*Ставовите изнесени во рубриката „Отворена“ (Писма-Колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.