Дали знаете што имаат заедничко едно саќе од пчели, едно цвеќе, една композиција од Бах, еден филм од Тарковски, една субатомска честитка и лицето на Катарина Ивановска (која неколку пати се има појавено на насловни страни од многу списанија како пример за совршено лице)? Нивниот “НЗС” е – Симетријата, т.е фактот дека нештата одговараат на една геометриска правилност што го прави предметот допадлив.

Симетријата е секаде околу нас : Во природата, во нашите тела, во уметноста, во математиката…Симетријата е јазик што го користат цвеќињата и пчелите за да комуницираат меѓусебе. За првите, хексагонот или пентагонот се еден вид картички на кои пишува : “Дојди да ме најдеш!“. За вторите, симетричната форма  ја содржи пораката “Тука има јадење!”. Пчелите ги одбираат најсиметричните цвеќиња, затоа што тие се поздрави. Ова правило кај луѓето е малку поинаку. Секако дека симетричните лица најчесто се сметаат за поубави од асиметричните. Нашата чувствителност кон  убавината е вродена. А таа убавина не е во симетријата, туку вон симетријата. Ни се допаѓа мазна кожа, совршена насмевка, сјајна коса, заоблени колкови, добар задник, големи гради… затоа што во текот на еволуцијата, сите што ги поседувале овие сигнали и кои посакувале да ги поседуваат, имале поголема способност за размножување. А, ние сме нивни потомци.


Многу често, за да се истакне симетријата, се користела асиметријата. На пример, на убаво лице се цртала бемка. Со бемките се истакнува симетријата на лицето. Тоа го правеле и античките народи, кои намерно ставале малечки асиметрии при подигањето на столбовите во храмовите, токму за да и дадат поголема вредност на архитектонската совршеност. Како што кажав, ние луѓето не ја гледаме убавината во симетријата, туку вон симетријата. Има едноставен пример. Земете слика од преубава девојка, свиткајте ја на половина и составете го нејзиното лице со огледало, со тоа што ќе го употребите огледалото како другата страна од нејзиното лице. Ќе видете како преубавата девојка се претворила во едно безлично, ниту убаво, ниту грдо лице…но – безлично и блуткаво лице.
Понекогаш толку сум фасциниран од симетријата па на моите композитори им велам да ми направат структура на симетрија и асиметрија во секоја композиција. Им го кажувам моето мислење за тоа како јас го гледам времето и како тоа за мене тече обратно и како има композиции во кои мотивот се враќа во обратна форма, наназад. На пример, Бах и Хајдн компонирале така. Хајдн има една Соната за пијано број 41 која се свири од крајот кон почетокот, наместо од почетокот кон крајот и нема да забележите никава разлика. Жорж Перек исто така ги пишувал своите книги. Гаспар Ное со “Ирревирсибле” (Неповратно) го режира филмот почнувајќи од крајот кон почетокот. Кристофер Нолан го режираше “Мементо”, кој исто така ја имаа оваа структура.,  Алберт Ајнштајн се потпрел на критериумите на симетријата и на убавината за да ја конструира својата теорија на релативноста. А, во 1928, еден британски физичар, Пол Дирак успеал преку симетријата да го открие постоењето на една нова форма на материја. Дирак тврдел дека формулите на релативитетот се валидни дури и ако се претпостави дека постои нова негативна материја, која е спротивна на нормалната материја, кој подоцна навистина била откриена и крстена како “антиматерија”. Меѓутоа, антиматеријата речиси отсуствува од универзумот. За некои тоа е среќна околност, а за мене голема жал, затоа што кога материјата и антиматеријата ќе се сретнат, тие се уништуваат при што се ослободува чиста енергија. Само да знаете колку го чекам тој ден! Кога сите ќе бидеме чисти и претворени во светлина.     

Но, муабетот не ми е за тоа колку се радувам кога ќе дојде крајот. Туку, за кого сме ние асиметрија. Кој не чува така и на кој му одговара да бидеме асиметрија. Дали сами сме виновни или на некој прави такви да сме? Ние во последниве години, не правиме ништо друго освен тоа што чекаме.  Така го поминуваме времето. Чекаме влез во ЕУ и во НАТО. Чекаме решавање на спорот со Грција. Чекаме ослободување на визниот режим и ослободување од нашето гето. Чекаме подобар животен стандард. Чекаме намалување на невработеноста и сиромаштијата. Чекаме странски инвестиции и намалување на трговскиот дефицит. Чекаме партиите да прекинат да шират омраза и ксенофобија и да не делат на лоши и арни. Чекаме кризата да си замине. Чекаме нови предвремени избори. Чекаме нови кино сали и нови театри. Многу концерти, премиери и светски/европски првенства. Нови вистински актерски и пејачки ѕвезди, а не евтин кич и спонзоруши… Е така, чекаат сите: млекари, земјоделци, стечајци, невработени, бизнисмени, режисери , актери, проститутки, студенти, пензионери…чекаме и уште долго време ќе чекаме. Она што најмногу ме нервира е тоа што чекањето не е само карактеристика на денешниот општествен живот, туку тоа се повеќе се промовира во состојба на духот на народот. Збеснат сум од фактот дека македонскиот граѓанин е помирен со фактот дека самиот не може ништо да направи за својата иднина. Ја има прифатено ова филозофија и пати од отсуство на сопствена иницијатива и сопствен ангажман во решавањето на личните проблеми, но и на општествените. Многу ми е криво тоа што кај него е во целост е изгубена вербата дека како поединец, со сопствен труд и чесно работење може пристојно да живее во својата држава. И така, земја во која мала група на луѓе, без разлика на тоа дали се од странство или од тука, профитираат на сметка на големото мнозинство збунети, животни аутсајдери кои немо и речиси без отпор само го посматраат сето тоа.  Единствено нешто што кај нас е евтино е времето. Особено, најмалку вредно е туѓото време. Докази за ова има во сечие секојдневие. Сетете се само колку пати залудно ви поминувало времето, чекајќи нешто или некого.

А, кутриве наши политичари, се повеќе личат на Владимир и Естрагон. Тие чекаат клучните проблем во државата да се решат сами по себе. Немајќи јасна визија за конкретна политичка акција, тие се надеваат во чуда. Притоа, кога се на власт, се повеќе сакаат да веруваат, а во тоа ги убедуваат и на граѓаните дека сме на вистинскиот пат, а и самите добро знаат дека стоиме во место. Наместо да се борат против општествените неправди, тие од тоа прават програма. Колку ми е жал што го велам ова дека се претворивме во една е*ана чекална во која апсурдот е нејзина основна филозофија. Не верувам дека Бекет е Ирец. Мислам дека има македонско потекло и така се инспирирал да ја напише драмата “Чекајќи го Годо”. Сигурно, многу јасна му била, нашата  дефиниција дека поединецот сам не може да го менува светот и работите околу себе и како имаме прифатено да бидиме заробеници на филозофијата на чекањето. Со тоа, истовремено, чекањето стана и наша судбина и наше пророштво. Барајќи го својот идентитет, низ вековите, ние се помалку знаеме каде (кој) е денес, а уште помалку знаеме што ќе биде со нас утре.

Мислам дека никој не ни е крив. Сами си сме криви. Таков ни е генот. Многу пати сум кажувал дека нам како народ ни е потребен некој сега и овде кој ќе направи за нас да се слушне, да сведочи дека постоиме. Кога во 19-ти век се формираа, или возобновуваа нациите на Балканот, се создаваа првите современи држави на денешна Србија, Грциј, Бугарија…Македонија не успеа да создаде писмен круг на решителни луѓе кои нацијата ќе ја поведат напред. За нас никој напреден, посмел од останатите, не чинеше и беше загушен во меѓусебните поткажувања, клеветења, а често и убиства. Не ни беа виновни Турците. Со истите Турци, Србија во соработка со султанот крена буна против локалните власти, дахии, од која се создаде подоцна државата. Грција, со помош на Анлгија, на Турците им го загорчи животот до таа мера што разменија 2 милиони жители преселувајќи ги од Турција во Грција и обратно.

Истото ни се повтори и подоцна, на почетокот на 20-от век, кога во своите држави ги создаваа денешна Албанија, Црна Гора…Македонија се наоѓаше во постојана состојба на непочитување на сопствените уметници, интелектуалци, писмен и креативен свет…имавме повеќе ајдуци отколку учители по глава на жител. И денес е така. Имаме многу актери, а малку каскадери. И повеќе ги славиме нив, ајдуците, од учителите. Ако погледнеме во биографиите на нашите историски имиња од тоа време, од Делчев до Сандански…ќе видиме дека најголем дел од нив умрел од македонска рака. Не му требал ни душман ни непријател од друга нација, од друг род. И тоа го преспавме чекајќи. Не ни беа виновни ни Бугари, ни Срби, ни Албанци. Се испотепавме сами, меѓу себе. Додека другите создаваа, или градеа држави.

Денес, каде ми е животот? Овде. Сега. “Битисувањето” на сегашниот момент. Сега од почетокот ми се чини така мал, краток дел од времето меѓу минатото, иднината и моите соништа, а сепак во него скриена целокупната животна сила. Во моментот на духовно будење, јас се будам во полност, живост и исто така светост на сегашниот момент. Не сум бил тука, сум спиел, а сега сум присутен и буден. Промените во ова држава плашат. А, кога ќе се случат, предизвикуваат паника. Историјата ме научи да си ги признам сопствените слабости. Се плашам да речам дека делам иста судбина ама што да правам кога таков ми е генот!? Крвта вода не е!

Илија Пиперкоски
авторот е режисер
[email protected]