Секој од вас, барем еднаш во животов бил на  разговор за работа, каде што некој фрустриран господин ви поставувал прашања кои не само што ја вреѓаат вашата интелигенција, туку  и влегуваат во доменот на некултурата. Секогаш сакам да зборувам низ примери затоа во прилог  неколку прашања од ценетите: Дали би работеле за 3000 денари? (овде ја тестира вашата издржливост); Дали палнирате да формирате смејство во следнава година? (овде треба да сте пророк); Дали по потреба би работеле во филијалата во Кушкундалево? (овде испитува дали сте мигратор по определба); итн итн. Нејсе, постојат и  исклучоци.

Ако во поранешниот систем луѓето кои работеле  во  “КАДРОВО“,  биле “обични правничиња“, денес во секторот “Човекови ресурси“ најчесто  работат луѓе  “јазичари“. За жал,  истите тие ги оценуваат луѓето кои завршиле соодветен факултет  од областа на човековите ресурси.

Младиот човек во оваа држава има  искуство, кое е доста богато во поглед на аплицирање за работа и одење  на разговори за работа, а не добивање истата. На располагање имаме само два варијанти.  Една е со свиткан р’бет за време на разговорот, а другата е онаа искрената.  Верувајте, не функционират нити  едната нити  другата. Оваа вторава е поблиску до мојот карактер, а тоа значи  дека ако искрено одговорите ако ништо друго, барем ќе се чувствувате добро во своја кожа и ќе имате можност на кратко да уживате во збунетото лице на тој кој што ве испрашува. Но, поентата следува, “човекови ресуси“,  беа само колатерална штета. И онака не зависи ништо од нив и од нивната препорака. Се што ви треба е добра пепорака, меѓутоа не од вашиот универзитет или претходниот работодавец, туку препорака ткаканаречена- ПОВИКАЈ ПРИЈАТЕЛ ИЛИ ПАРТИЈА.

Во Охрид двете најголеми “фирми“,  се и најголеми работодавачи,  посебно пред избори( мислам на подрачните единици на  министерства и локалната самоуправа). Нормално, приватниот сектор е во криза,  тој не ни има потреба од нови вработувања. И за воља на вистината, политиката како таква во Македонија, ги  навикна младите луѓе,  дека “лежатарењето“ по јавните претпријатија е подобро од која и да било друга работа-на огромна жалост на сите нас. Затоа сега, лоши математичари-политичари, пресметајте на колку луѓе имате ветено и колку луѓе ке излажете.  Учете од проектот “КАТАСТАР“. Така се отвараат нови работни места.

Но,  не  е се така црно.  Мојот впечаток како економист, но не оној “мизерниот“, е дека нотарите, фотокопирниците и МЈП ПРОАКВА имаат голем  интерес од честото одење на раговор за работа и аплицирањето за истата. Секоја диплома мора да биде заверена кај нотар, од сето тоа мора да поседуваш дупликати и секое одење на интервју за работа е проследено со стариот добар обичај, некој да истури вода кога тргнувате. На и така високите трошоци, уште еден  трошок плус. Но, не очајувајте. За многу брзо, ако не ви одеше со нашава вода,  можеби ќе дојдат шпанците, па со “шпанската“ вода може да ни тргне. Шпанско, а сепак наше.

Но почитувани кројачи на нашата иднина, едно заборавате.  Веќе пукаме по рабови од лошо скроеното, но вие не можете толку да не измачувате колку што ние можеме да издржеме. Младите луѓе во оваа земја имаат доста прживеано.  Младите луѓе во оваа земја знаат да го прележат интервјуто на Гордан, вестите  на Латас,колумната на Секуловска, убиството на Мартин, партиската зависност, работата за без пари, лошите студентски домови, квази новинарите, хипокризијата, невработеноста и сиромаштијата, потоа да оздрават и да продолжат, но не  да простат.

Премногу веројатности за неверување во политиката. Но, веројатноста самата по себе значи и  дека може  се случи  верување во истата, доколку  доаѓа и се крои  од различна адреса. Преземањето конкретна акција за остварување на замисленто значи прв чекор кон  напуштање на комплекот  на небитен, во најмала рака, а на голема врата го отвара фронтот на интелектуалната борба на повисоко ниво, напуштање на стравовите и застапување на ставовите.

Секој голем пожар е од искра, секој  голем врисок е од еден глас, секој голем подвиг почнува од еден мал почеток. Револуцијата започнува со еден, но ние младите сме многумина.

м-р Дејан Блажески

*
Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и
редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.