Ваква слава немаме доживеано во ниеден сегмент од живеењето. 20 години народ жеден за признание, за успех, за среќа… Овие три недели на кошаркарско лудило не’ вратија во живот. Величенствените, на моменти епски битки на македонските кошаркари направија секојдневните проблеми да ни изгледаат помали, неважни, минорни. Па дали некој спомна ВМРО, СДСМ… сплотена нација како никогаш досега. Најпродаван “артикал” убедливо – македонското ЗНАМЕ. Ако Бо, Војдан, Перо, Влатко и останатите решат во овој момент да основаат политичка партија, ќе добијат 90% од гласовите. Ама влада би била!?

Масовноста во прославувањето почна после победата против Грција. Ги појадовме начисто. Транс. Оттука, осмина – финале, четврт – финале, инстант легендарна тројка на Илиевски…полуфинале, ееј полуфинале!!! Медал на дофат. За малку. Штета.

Многу занимливи ми беа и странските коментатори кои буквално навиваа за нас како да се нивни репрезентации во прашање. “Најпозитивна сензација на првенството” – изјави за Македонија Франк Бушман од Спорт 1, Германија. Медиумите од Хрватска со неверојатни епитети за нашите “воини”. Од останатите бивши републики сепак се чуствуваше мала завист. Ако.

Шпанија ја понижи Франција во финалето. Наваровци и Гасоловци излегоа од игра 2-3 минути пред крај да слават на клупа. Нас никој, ама баш никој не не’ понижи. Игравме како лавови. А со лавови нема зезање. Игравме како да ќе нема утре.

Сите предрасуди и стереотипи за малото “македонче” испарија на ЕП во Литванија. Наместо малодушност – верба во себе, наместо предвреме предавање – борба до крај. Сите како браќа, нема расправање на терен. Дисциплина, дисциплина, дисциплина. Какви македончиња, овие беа МАКЕДОНЧИШТА. Во секое време знаеја што сакаат на паркетот. “Од сите репрезентации, само Македонија во сите натпревари го одигра она што го договориле претходно” (Божидар Маљковиќ, селектор на Словенија).

Дечки фала ви на се’. На вратените насмевки на нашите лица и на радоста. На вратеното достоинство. Господ да Ве чува. Се гледаме на Олимпијада.

ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА.

Спаско Костоски
екс-спортски коментатор