Кога само помислив дека го имаме чепнато политичкото и популистичкото дно, веднаш нови аргументи дека дното нема дно. Минатата сабота, СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ  ги извадија своите членови на улица и ги натераа да протестираат. Целонеделното и константно труење  за време на работната недела со политика се пренесе  и на викендите.

Доколку поседувате просечен потенцијал и ја  разгледате стурктурата на тие што учествуваа на протестите ќе дојдете до два заклучоци, односно дека таму беа присутни две категории на луѓе. Луѓе кои партиски добро се офајдиле(организаторите) и луѓе со кои најмногу се манипулира, односно излажани членови чија човечка судбина ги тера да веруваат во ветувањата од првиве. Офајдениве или организаториве пак, никако да им текне дека ja имаат најголемата одговорност за ваквата состојба во која се наоѓаат вторава категорија на луѓе. На крајот на денот, и да сте ги вработиле, или и  да  сте им помогнале со вработување,  зарем мислите дека нивното достоинство  е подот?. Не, за брзо ќе биде плафонот, а вие ќе бидете некаде, некаде… Таму каде што ќе ја платите казната за нивната принудна мобилизација, за нивната премрзнатост, за нивната накиснатост, за итн, итн.. Третманот на гласачот, не само што ја поминува границата на добриот вкус, туку и навлегува во сферата на бизарноста.

Едниве  организатори- манипулатори, кои дел се декларираа како невладина(читај владина) организација, протестираа  портив покачување на цената на водата и на комуналните услуги и отидоа пред општината во Охрид. За да ви веруваат сакам исто така да постапите и да отидете да протестирате против покачувањето на цената на струјата, цената на парното, против лошиот животен и студентски стандард, подобра болница итн.итн.. Вие добро знаете каде треба да го направите тоа. Се додека се однесувате така, неопределените и оние кои ништо не ви должат нема да ви веруваат.

Вториве организатори –манипулатори, кои отидоа да протестираат пред болницата во Охрид,  наместо да постапат како зрела и одговорна опозиција тие си играа невладина (читај опозиционерска) организација, се повеќе заличувајќи на лоша копија од првиве. Многу лоша копија. Катастрофална е состојабата на болницата во Охрид, и тоа е факт, но никако да разберам зошто отидовте маскирани и сокриени  под превезот на неутралноста.  Кого го лажете! Се додека се однесувате така, неопределените и оние кои ништо не ви должат нема да ви веруваат. За да ви веруваат, се надевам дека следниот пат  ќе отидете да ги поддржите првиве против поскапувањето на цените на водата и комуналните услуги.

Никако  да разбереме  дека протестот треба да биде спонтан, предизвикан од револт и непартиски  обоен. Истиот да биде поддржан од критична маса на луѓе, кои имаат потреба од поквалитетен начин на живот (во случајов подобра болница во Охрид и пониски цени за вода и комунални услуги) и кои ќе бидат растеретени од тоа дека тамошното присуство нема да ги обои. Многу тазе, имавме примери на спонтано собирање, мислам на спотристите, кое  треба да ни биде пример. Тука веднаш ќе завршам со нивното спомнување. Мојот впечаток е дека сите се направивме спортски аналитичари, иако на многу политичари вклучуваќи ме и мене, не само што не ни ја даваа топката на часовите по физичка култура, туку имаше и такви кои мислеа дека истата е глобус (ќе се пронајдат самите).

Граѓаните на Охрид кои не припаѓаат нити на едните нити на другите  и вистинскиот невладин сектор изминатиов викенд исто така протестираа . Можеби  физички  отсутни, но мисловно  протестираа  и  тоа не само пред општината во  Охрид, не само пред болницата во Охрид, туку и пред вашите штабови.

Ако ништо друго и двете инволвирани политички партии во случајов, требаше да размислите дали непотребно ги фрлате во оган младите  кои даваа изјави и се претставуваа како членови на невладини организации. Сигурно, само по неколку години, истите тие  ќе сфатат дека биле лесно изманипулирани, а снимките  ќе бидат  еден непобитен доказ дека лажно  се претставувале. Сето тоа може погубно да се одрази на кариерата на еден млад човек.

Свесното фрлање на младиот човек во рингот на неморалот од страна на политичарите, ќе се врати како бумеранг со долгорочни последици. Аналните алпинисти сега се на цена и сцена. Но, кога ќе се згаснат светлата поради неплатени сметки, кога  гламурозните одела  во политиката  ќе бидат минато како резултат на празниот желудник, а сценографијате ќе се распадне поради неодоржување, целата таа сцена ќе биде само една обична шупа каде аналните алпинисти ќе настапат последни. Младите луѓе ќе бидат публика која во манирот на доброто воспитување повторно ќе ги испрати со аплазуз. А, можеби и со овации, но без довидување.

п.с една почитувана професорка пред неколку денови ми остави порака  на мојот фб профил која гласеше: одлична колумна, меѓутоа  воопшто не ме радува што се ангажираш политички, мислам дека не треба. Мојот одговор беше: нема да ве послушам почитувана, иако знам дека сте во право, но од вас зборува искуството, а од мене младоста, храброста или лудоста – веројатно.

м-р  Дејан Блажески
    Либерално демократска партија

*
Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и
редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.