Дента кога Македонија со тага, но и пиетет, почит и низа промотивни и хуманитарни настани и средби го одбележуваше роденденот на прерано изгубената мега-ѕвезда на естрадата и олицетворението на хуманоста, Тоше ПРОЕСКИ, јавноста беше сведок и на изразувањето на незадоволството од страна на млекарите-кооперанти на пропаднатата „Сведмилк“ млекара.
Навистина, тоа се настани кои немаат ништо заедничко меѓу себе, па не може, на прв поглед, да се доведуваат во некаква врска. Но, испомешаноста на чувствата што можеше да се роди кај секој добронамерен граѓанин, пред се’ консумент на ТВ – програмите, отвара неколку дилеми околу поимањето на термините и постапките кои се однесуваат на хуманоста, односот кон проблемите во животот и изразување на револтот.
Во што се хуманистичките и морални дилеми што ги отворија блокадите на млекарите во денот кога чествувавме еден млад човек-поим на хуманоста и етичкиот кредибилитет?
Пред се’ во самото блокирање на патиштата. Да си замислиме секој од нас како би се чувствувал , ако сме имале истоштен, изнемоштен, хроничен…(не итен случај) болен сопатник или гладно дете со мајка која мислела дека најмногу за 3 часа возење ќе стигне на саканата дестинација па ќе ги подмири потребите на детето? Ни криви ни должни патниците со разни животни приказни, проблеми, преокупации и дилеми (или радости), беа принудени да чекаат додека да се смилуваат организаторите на блокадите. Втората дилема е околу прашањето кому му се манифестира незадоволството и зошто? На недолжните граѓани или на оние кои ги лажеле и прелажале млекарите? Блокираа патишта заради јавноста и заради поддршка?
Додека револтот го искажуваа пред оние кои им згрешиле и кои се повикани да им го решат проблемот – ја имаа поддршката и на долупотпишаниот, а верувам и на секој добронамерен, затоа што си го бара заработеното. Но, барање решение таму каде што тоа ниту може да се најде, нити го има – едноставно е ИЗЖИВУВАЊЕ врз недолжни граѓани. „Ама тоа е политика, притисок, средство…. за да се забрза решавањето“ – ке рече некој од засегнатите.
А, што да се рече за безочното и скоро мазохистичко истурање на млекото од цистерни и канти по коловозите или од надвозниците? Каква тоа поддршка очекуваат млекарите од „обичниот“ и осиромашен граѓанин кога за илјадници деца, стари, болни (а зошто не речеме и здрави, но сиромашни) граѓани, болници, домови за стари или домови за деца, чашата млеко дневно е мисловна именка?
Зарем во сета беда во која се нашле самите млекари (како што изјавуваат) заради продаденото а неплатено млеко, не се сетиле на една похумана димензија со која можеа да го искажат својот револт?
Токму на денот кога тагувавме и го чествувавме хуманиот ТОШЕ, нека го донираа млекото кај оние кои ке ги запаметеа и ќе им останеа и благодарни, наместо што го истураа млекото со невидена „храброст“. Оти, мудроста на револтот не е во пркосењето и инаетењето. Кога ли тоа ќе го свати славјанската душа дека со добродетелство како возврат на некоја неправда – ехото на револтот се слуша подалеку и подолго?
Или и овие блокади и оние во Лето кога безмилосно се фрлаат трактори зрели патлиџани, бостан и сл. божем заради ниската откупна цена, се израз за нашиот РАСКОШ ВО БЕДА ?
(авторот е дипл. политиколог и публицист)