(Пишува: Дим Дон, еден од Вас)

Моево прво јавување, моево гласно размислување  пред сите Вас, жителите на ова глобално село, сакам да го започнам токму со насловнава фраза: Прстот на умот – или, како што би се превело со народен јазик: Клај си го прстот на умот!

Да, скапи пријатели (и други читатели), клајте си го прстот на умот секогаш пред да речете што и да било; пред да одлучите вака или така. Прстот на умот : и  пред да прочитате нешто, но и откако ќе прочитате; и пред да
напишете и уште повеќе пред да потпишете; прстот на умот  – и пред да ви кажат, и откако ќе слушнете. Прстот  на умот: и однапред и отпосле!

Ставањето на прстот  кај умот е корисно  и од полза за секој настан, за секоја ситуација, за секое одење, идење, давање, земање. Прстот кај умот е превентивна варијанта за да не останете зачудени и – со прстот  в уста! Прстот
нека ви биде кај умот или на чело – за да не ви трепери раката; за да не ве видат другите како се тресите од секого и пред секого – за сè и сешто, за ситници –  и за ништо.

Прстот на умот, ако сакате дури и за да изгледате умни и за да видат другите дека вие размислувате со своја глава. Прстот на умот за да ја задржите главата од климање на секој предлог, на секој туѓоумен или на секој безумен збор. Прстот на умот пред секој оној (некој или никој) што ве смета само за еден глас или за само два прста.

Клајте си го прстот на умот и умно  подумајте за се што Ви се случува, а што требаше да се случува; прстот на
умот  – за да размислите шчо напраифте и шчо требит да напраите за однапред : со себе , со  Вашите органи и  со
Вашата организација; со сиот овој  локален и централен организам, со сета оваа позиција и опозиција ,со сета оваа вечна транзиција. Прстот на умот: пред сите,  сред сите и после сите говори, разговори, преговори и договори за името, за презимето , за префиксите и за суфиксите, за се што е дневно  и за се што е древно, наше, македонско. За да е наше, за да си остане наше – МАКЕДОНСКО!

 Клајте си го прстот на умот  и пред секој непристоен предлог и пред секој данајски подарок ; пред секое годишно доба,  и пред секоја туристичка сезона, и пред секое клавање на туристи, и пред секое возење на туристи; пред секое летање и летување, пред секое  пловење  и пливање – за да не Ви се случат глисери и бродоломи; за да не Ви се случат миракули и грозомори , за да не Ви се намножат  содоми и гомори.

Прстот на умот, скапи пријатели ( и други читатели) и пред секое бакнување на роднини и пријатели , на цркви и
икони, на попови и богови. Прстот на умот и подалеку од сите што личат на свињи и грипови, подалеку од сомнителни типови што Ви нудат бесплатни и перверзни клипови.

Прстот на умот и “умот в гла” , oти времињата се сменија, семињата се отсеменија, болестите навалија, натемаговците се  намножија и во оваа самонаречена земја Бож(и)ја. Прстот на умот и главата горе, кон Небото и кон Бога, за кога-тогаш да Ве Види и да се смилува за Вашата чесност и добрина,  за Вашата Правда и Вистина. Клајте си го прстот на умот и цврсто застанете пред секое двојно или тројно решение, пред секое искушение.

А на сите горделиви, на сите државо -штетни и суетни, покажете му , скапи пријатели, дека Вашиот Прст на Умот вреди многу повеќе од нивниот ум, и многу повеќе од нивниот  лажноветен збор… …Такви лажноветни, такви недоветни , такви штетни и суетни ги има насекаде, па и околу Вас: од селските чауши, преку сите градски уќумати, та до сите царски врати.

Сите тие, со вперен прст ќе Ви замавнуваат, ќе Ви се закануваат, ќе Ве замолчуваат, ќе Ве понижуваат, ќе Ве омаловажуваат, но само ако Видат дека не работи Вашиот прст; само ако видат дека Вие немате ни прст за на чело, ни прст за кај умот; само ако ве видат дека немате ниту палец, ниту показалец, ниту мал, а камоли среден прст! А, кога ќе видат дека немате такви прсти, ќе знаат дека не можете да направите  ни тупаница и  дека Вашите прсти служат само за гласање, само за ракоплескање, само за   потпишување и за заокружување на нивни имиња – со нивно пенкало.

А Вие тогаш, место со прстот на умот, место со прстот на чело, ќе останите зинати  и со прстот в уста!

Скапи пријатели, ова што сакам да Ви го кажам, она што помалку ме мачи, и заради мене, и заради Вас, и уште повеќе заради сите нас, сепак Вие го разбирате и со овие малку зборови наредени и  со овие прсти навредени и стиснати во оваа тупаница од текст со која го започнуваме ударот кон неправедното, ударот кон нечесното, кон лажноветеното, кон нечовечното, кон привидното, привременото и безвечното.

Останете здрави, свежи, силни и гневни кон неправдата! Останете  со прстот на умот или со стисната тупаница!

П.С. На оваа веб-адреса, на Ohridnews и на новоотворената веб-страница од  РОДОЉУБИ СВЕТИ ИЛИЈА – за Елшани (www.elsani.mk), секој понеделник ќе  Ве пречека, ќе Ве подземе, ќе Ве поткрепи по едно крпче нови зборови  – за да  Ви се најде во секоја (не)згода, во секоја, (не)демократска ситуација, во секоја (не)праведна постапка, во  секоја  (не)законска одлука – каде и да сте  и пред кого и да сте – за да бидете секогаш силни и кабожни – за  откако ќе го ставите прстот на умот, да покажете дека имате повеќе од два прста и повеќе од еден глас. Покажете му прст  и покажете со прст на секој што  сака заедно со прстот да ви ја земе и раката,  да ве осакати… Бидете силни: И ,  ПРСТОТ НА УМОТ

Дим Дон
Авторот  е  претседател на Здружението на граѓани
„РОДОЉУБИ СВЕТИ ИЛИЈА“