Повеќе од очигледно е дека политиканството длабоко навлегло и и’ го одзело местото на полтиката. Спроведувачите на политиканството, познати под псевдонимот “играчи”,   наметнуваат дека е нормално политиката  да молчи, кога политиканството зборува. Факт е   дека електоратот дава амин, но се поставува прашањето: до каде е прагот на трпеливост?. Времето веќе налага “НЕ”, за политиканското “ДА”.

Во човечката природа е да се застанува на страната на победникот, на страната  на моќниот и на страната на мнозинството. Со оглед на ваквото поимање, погребувањето на квалитетот како и на различноста ,е неминовност, нешто што ни се случува секојдневно, јавно и без никаков пардон.

Двојните моралисти милуваат испревртени тези, почнувајќи од невкусните шеги на контото за масновноста на вонпарламентарните партии, завршувајќи со лични дискредитации кон нивните припадници. Замислете, какво лицемерие е да се разговара  со потсмев за големината на вонпарламентарните партии, кога во законодавниот дом седат коалициони партии кои функционираат со неколку пратеници, а непостојат нити на терен нити во анкетите, нарачани од која и да било страна. Навредите врз седумдесет илјади поддржувачи е класична некултура, а не политичка борба за простор.Политичката култура е само последователност на она што се вика домашно воспитување. Можеби во оваа колумна ќе има премногу зошто, но оставам на оној на кој најмногу се повикувате, народот,  да го каже своето затоа.

Зошто некој симпатизер, член, или пак  функционер од партијата на власт има право да биде запрепастен од  спојот помеѓу центарот и ултра десницата, кога пред само неколку години неговите пулени  коалицираа со новите социјалдемократи, а  денес,   во законодавниот дом,  ја кројат политиката со социјалистите и со оние кои до пред некое време ги нарекуваа терористи?. Зошто се потсмеваат на различните категории на луѓе, кога истите тие во некој поранешен период им дале поддршка?. Зошто во оваа земја се наметнува како доблест сокривањето позади некој, а да не се почитува храброста за излегување на ветрометина  во оваа ни малку демократска клима. Зошто повеќе се дава респект на оние кои чекаат работите да се променат,  а не на оние кои барем се борат за  каква и да било промена?. Зошто се мисли дека трачарењето во затворени кругови е подобро од јасно изградениот и цврст став презентиран јавно?. Ве молам за вашето лично “затоа”. Ако ништо друго барем самите  пред себе.

Можеби јавноста не знае добро што значи во оваа држава да се биде на страната на ‘помалиот’. Можеби е добро понекогаш да се кажат искрено проблемите, но и да се прифати ризикот, односно осудата дека  сето тоа може да биде дефинирано како патетика. Јавноста треба да знае дека еден конструктивен прес на ЛДП, ја добива дваесеттата минута во вестите или пак воопшто го нема, на сметка на површинското политиканство и реторика, од која граѓаните немаат баш никаква корист.

Практично, одбраната на  моќните кои ги поседуваат сите елементи и можности да создадат нешто, а не го прават тоа, е само кукавичко криење на идивидуалната немоќ и давање легитимност на нивната неодговорност. Секое наивно приклонување кон моќта е  исто како да поддржите кога возрасен  човек физички напаѓа дете, или пак да прифатите дека е природно пензионерот  да стои во автобус, здравствениот ситем да е против болниот, а сиромаштијата да е во служба на богатството.Тоа не е правилна распределба и мерење на силите. Работите не ретко се онакви какви што изгледаат. Гилберт С. рекол: “Обезмастеното млеко се камуфлира како павлака”. Одлична споредба за политикантите, што се камуфлираат како политичари.

На самиот крај, доколку најголем грев е тоа што мислам дека нашата економија. оди кон рецесија, тоа што како докторант по економски науки во ниту една литература досега не сретнав таква варијанта на герила маркетинг, со кој министерот си даде автогол, со тоа што мислам дека во една демократска земја не е нормално да се бега од јавна дебата и дуел, тогаш подгодвен сум да го прифатам и да се покајам. Пресудете сами, тоа ли е демкратија.

Дејан Блажески
Либерлано демократска партија

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни не се ставови на OhridNews, туку се ставови на авторите и редакцијата на ел. весник не сноси одоговорност за содржината на истите.