Ако човекот требаше да живее сам на Земјата, ако исполнувањето на неговите потреби зависеше само од него самиот, тогаш немаше да постојат принципите на лојалност, хуманост, правичност. Светот треба да се набљудува како целина, бидејќи Земјата е дом на сите луѓе. Значи, секое човечко суштество треба да се залага за исполнување на својот дел од тоа што се нарекува обврска кон човештвото, односно претставува дел од етичкото однесување. Етиката е наука за човечко однесување кое се мери со доброто и злото. Етиката се занимава со животните вредности на луѓето, со тоа како луѓето избираат добри цели и како се застапуваат за тие цели во живеењето. Секој човек мора да учествува во градењето на таквото опкружување во секојдневното живеење. Природата е животна основа на сите живи суштества. Сите знаења на луѓето се општи, им користат на сите, а добрите и лошите дела влијаат позитивно односно негативно врз сите. Сѐ нѐ поврзува нас луѓето, нѐ разделуваат само себичните интереси и злите меѓусебни дела.

Светот стана „село“ како последица од новата епоха на развиена наука, економија, култура, комуникација. Светот сега е блиска целина во која сите се поврзани со стотици нишки, знаат сѐ за секого и живеат сличен живот. Глобализацијата ги плаши луѓето, но таа е неминовност. Постојат и други појави што говорат за општата поврзаност. Меѓу нив спаѓа и убавото однесување како дел од единствениот етички систем од општоважечки вредности и норми, кои се најважни за целото човештво и кои би биле почитувани од сите луѓе. Истакнувањето на приоритетите од вредностите треба да биде проследено и со повик за реализирање. Највредните цели и норми се на врвот од етичката скала, а потоа следуваат другите. Вредностите на врвот се општи за сите, а со ширењето на етичката пирамида се истакнуваат и посебните етички вредности. Залагањето за позитивно однесување го брани животот и правото на сите на добро живеење. Живеејќи со оптимизам верувате дека е можно да се најде решение за тешките проблеми на животот и на меѓучовечките односи. Секој човек треба да се надева на добро, да прави добро и да се труди доброто да стане присутно во севкупната човечка егзистенција, да стане општ симбол на човековото постоење.

На врвот на скалата стои вредноста Мир. Со неа одат и вредностите Толеранција, Солидарност и Соработка. Тие се најважните вредности на целото човештво кои му овозможуваат да опстане, да постои како целина и да се развива во позитивна насока. Често мирот се определува како состојба на не-војна, како ситуација во која не доминира непријателството. Но покрај тоа, мирот треба да биде резултат на добрата волја и намери, израз на пријателство и на желбата за спокојно живеење и градење. Од живеењето со добронамерно однесување природно следува состојбата на мир. Вредностите Толеранција, Солидарност и Соработка не значат само не-напаѓање, не-откажување помош или не-одбивање на односи туку се креативен и активен придонес кон вредноста Мир, односно начинот на кој луѓето кои сакаат мир се однесуваат меѓу себе – трпеливи се кон различните идеи и животни форми, си помагаат секогаш едните на другите и настапуваат заедно во работата, политиката и во сите други важни социјални области. Потсетени за вредностите Мир, Ненасилство, Толеранција, Солидарност и Соработка, кои ја изразуваат логиката на еден свет кој е свесен за заедничката егзистенција и за нужноста од мирно човечко однесување за натамошниот опстанок на човештвото и на животот на Земјата, треба да бидеме свесни и за личната заложба кон градењето на истите. Во етиката има малку наметнување на вредностите, тука се очекува секој човек нив да ги гради и да ги шири самиот. Секој може да даде придонес кон градбата на вредностите затоа што сите народи во светот ги разбираат прашањата за мирот и соработката, за работењето и градењето, за страдањето и помагањето.

Потсетувањето на овие вредности на почетокот од календарската година е најпотребно зашто почетокот е најзначен за понатамошниот тек на нештата. Животот е како поглед во огледало – Ви ја покажува онаа слика што му ја нудите, го рефлектира она однесување кое Вие сакајќи или несакајќи го покажувате. Затоа, ослободете ја позитивната енергија, покажете љубов наместо омраза, подарете среќа наместо тага, покажате скромност наспроти суетност, надеж наспроти трулеж, соработка наспроти егоцентричност, почит наспроти малициозност. И во оваа година бидете здрави и живи, среќни и весели, љубопитни и смели, исполнети и мотивирани.

Среќна Нова 2015 година!       

                            

М-р Лидија Размоска

*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на ОхридНењс не сноси одговорност за изнесеното во нив.