Актуелниот министер за здравство, Никола Тодоров е прв кој со судска одлука го ограничи уставното право на штрајк. Кога контра притисокот од новоформираните параорганизации не вроди со плод, Основниот суд Скопје 2 одлучи да застане на страната на најголемиот помор на лекарското достоинство, во историјата на независна Македонија. Јавноста остана глува и наспроти предупредувањата за можна блокада на штрајкот од страна на судот. Мал дел од партиските лекари – раководители, условно кажано пред оваа незапаметено експресна пресуда застанаа зад повторниот пиров триумф на министерот. Купија уште малку време за да ги купат или санкционираат непослушните. Затоа сега од есенцијална важност е лекарите и целиот медицински персонал, да останат заедно без оглед на партиската припадност. Уште денес, сигурно ќе се појават самонаречени експерти кои ќе се обидат да ни објаснат дека и во многу развиени демократски земји има случаеви со судска одлука да се ограничи уставното право на штрајк. Но, кога земаат компаративни примери, нека не забораваат да го споредат и статусот на тие лекари со статусот на овие кај нас.
Застранувањето од првичната замисла на плаќањето по учинок, што подразбираше основна плата, плус средства кои клиниката ќе треба да ги добие дополнително за награда на најдобрите, резултираше со кратење од 20 проценти, или пак зголемување за 20 проценти и со конечно будење на луѓето од најхуманата професија. Ако нешто е сигурно, тоа е дека со системот на плаќање по учинок, добивме необјективен третман на лекарите и медицинскиот персонал, и тенденција истите да ги направиме трговци. Производ на сето ова се нетемелни лекарски прегледи, меѓусебни поклон – пациенти, мешетарење меѓу фелата, и сето тоа во служба на економија од обем. Најголемата трагедија е во тоа што целиот овај проект не беше предмет на долгорочна анализа базирана на експертиза, туку беше воведен преку ноќ. Можеби дел од јавноста целата оваа состојба ја доживува како нешто што лекарите и медицинскиот персонал го прават само од материјална побуда, но сакам да знам дали ова кратење доколку и се случеше на која и да било друга фела, или на кој и да било од нас, немо ќе гледавме?. И не дека сакам да бранам фела која и тоа како придонесува за процвет на митото и корупцијата, но никако да се навикнам дека во оваа земја константно мешаме баби и жаби. Работа на правото и правната држава е да ги лови корумпираните.
Тодоров, никако да размисли дека евтините политички трикови само ја зголемија агонијата на многубројните пациенти заглавени во администрацијата на здравството. Популистичката хајка против лекарите чија колатерална штета се пациентите, му помага да ги маскира аномалиите од организациска природа. Во меѓувреме не смееме да ја заборавиме и одговорноста на лекарите, кои прилично долг период седеа мирни, со достоинство затворено во фиоките заедно со рецептите, озборувајќи за проблемите само во ходниците и кабинетите, дозволувајќи го министерскиот оптимистички дизниленд. Од една од најинтелектуалните професии веднаш требаше да произлезе критична маса, која ако ништо друго барем ќе се обидеше. За воља на вистината се појавија неколкумина, но така сами и слаби, многу брзо беа решени или разрешени. Вака или онака, сега кога успеаја синдикално да се здружат, блокадата на судот од страна на министерот уште еднаш само потврди во какава држава живееме. Многуте ограничувања, треба да бидат мотив не само на лекарите, туку и на сегашните студенти на медицина, специјализанти, како и на оние кои претендираат да станат доктори. Веројатно е време да се каже не на партиски доделените специјализации, огромната цена на чинење на истите, како и не на партиски доктори наспроти професионалните. Додека некои бркаат лебарки, или пак снимаат со камери, оддамна многу млад потенцијал е на пат кон Словенија, Бугарија или некоја друга земја на Европската унија, дел како готов кадар, дел со цел дооформување на образованието.
На самиот крај, време е да разбереме дека во медицината, техниката само го олеснува дијагностицирањето, а човечкиот фактор е оној кој го води процесот и благодарение на кого многумина ја избегнале смртта. Во едно село можете да им ја подарите и најсовремената лабораторија и најдобриот копјутерски томограф, но резулататите од испитувањата се анализираат, не се читаат. Време е министерот и јавноста да покажат барем минимална почит. Очигледно е дека некој во оваа држава заборава дека сите ние сме нивни пациенти, мојата мајка, вашата баба или нечие дете. Од друга страна пак, луѓето кои работат во оваа професија исто така мора да ја убедат својата суета, дека се на платен список кај народот.
Дејан Блажески
Либерално Демократска Партија
(авторот е докторант од областа на економските науки)
се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност
за содржината на истите.