Ми се чини како да ме брка македонски дух. Се е спонтано, неочекувано. Охрид е на моменти верна сенка низ мојот секојдневен живот. Тој познат дух се крие со недели, месеци. И наеднаш оживува. Исчезнува подолг период и повторно одеднаш се појавува. Си игра со мене.

На пример оваа недела. Чекам во центар на семафори во Амстердам. Гужви со велосипедисти, автомобили, скутери, трамвај… Го „помдрнав“ моето лице. Од каде сега охридскиот дух? Уште и на овој простор. Дали е случајно? Или е можеби судбина. Гледам во реклама со фотографија од девојче на излог од просечна холандска туристичка агенција. Девојчето ужива во бистрото Охридско Езеро со детска опрема за нуркање. На рекламата пишува: „Мојата Македонија, истражете ја Македонија“.

Живеам во Холандија. 2400 километри оддалечен од Охридското Езеро. Кога возам по регионални патчиња поминувам покрај мали автобуски станици. На такви места последниов период често сум изненаден. На билборди често има реклами за Македонија. Интересна работа. Дали е ова веќе изненадување? Пред 10-15 години требаше на многу луѓе да им објаснувам каде е мојот роден крај, зошто таму одам на одмор, дали има војна и стите други стандардни прашања. Моментално Македонија веќе постепено се интегрира на холандскиот туристички пазар. Холанѓаните ја сметаат како една најевтините туристички дестинации и држави во Европа.

Нова Година, 0.45 часот.  Гледам во тв екранот без некое поголемо внимание. Кога, забележувам позната слика. Избоени кајчиња, кави што има само во Охрид, потоа Канео и други детаљи. Спот од 30 секунди за Охрид сред новогодишна програма на првиот канал на Холандската национална телевизија. Гордо чувство. Милионска публика гледа дека за 199 евра може да резервира одмор: „Аранжмани покрај најубавото езеро во Европа“-порачува тв рекламата за Охрид. Некаде во јануари Охридскиот дух слета пак од небото. Во едно холандско градче видов реклама за Хотел „Мизо“ во Охрид! Понуда од 319 евра по човек за аранжман од 8 дена со вклучен доручек. Летот е на 12 мај. Што ми се случува? Ме следи Охридскиот дух. Браво!

Православен Божик 2014. Ме посети еден школски другар. Тој: „Со 5мина планираме да доаѓаме ова лето во Охрид. Но не е толку евтино како што стои на рекламите. Се работи за 5 авионски карти, 5 резервации за сместување. Поевтино ни е “All inclusive” да одиме во Турција, Грција, Шпанија…“
Јас: Ајде живели, на здравје, ќе прајме муабет, ќе видиме што и како, ќе средиме нешто за тебе, нема проблем, не се секирај, уживај….“.

Пред два месеца духот повторно ме посети, овојпат на приватна територија. Доаѓа дома докторка.
Таа: Од каде сте?
Јас: Од Македонија.
Таа: Од Македонија? Со сопругот пред 30 години бевме во Охрид. Луѓето беа многу пријатни. Како е сега таму? Сакаме уште еднаш да дојдеме.
Јас: Одете што побрзо. Охрид за жал го менува идентитетот. Нема да го препознаете.

Пред три недели една стара пријателка ми вели: „Сакав да ти се јавам. Немаме одлучено точно каде ќе одмараме ова лето. Лево десно по магазини и весници читам за твојата држава. Планираме да отпатуваме за Охрид или Струга. Имате квалитетни хотели?
Јас: Да, само за вас подобро е можеби приватното сместување, така ќе имате повеќе контакт со локалното население.

Пред два дена. Колега веќе четири години не може да се реши дали да дојде во Охрид или не. Сака да дојде само ако сум јас таму. Не во јули или август, мрази гужви.
Јас: Вистинскиот Охрид можеш да видиш во мај, јуни или септември. Оди сам, изненадисе.

Кратко размислував да си ја променам професијата. Духот е крив. Да отворам во Амстердам приватна агенција за аранжмани во Охрид. Здравје можеби некогаш. Има време. Во Холандија велиме: Чевлар работисија твојата струка, поправај чевли, прави го тоа што го работиш најдобро… Имам волја можеби во иднина да работам како туристички водич со мали групи. Пред пензија. Сега вака малку доброволно се ангажирам како охридски амбасадор по пријатели и колеги. Македонскиот дух следниве следниве месеци задолжително ќе им праќа комерцијални пораки на Холанѓаните. Тој дух ќе лебди и ќе вреска колку е убава неговата земја. Не се сомневам. И се согласувам 98% со тој пријателски дух од Охрид. Го чекам повторно да се видиме ненадејно во Холандија.

Владо Велјаноски – Амстердам Холандија

*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.