“Откриј им се, како со скалпел некој градите да ти ги распарал на оние што вреди да те знаат – никогаш нема да зажалиш верувај – искреноста стално ќе е модерна”- Дарко Лешоски, реченици од кои ја црпев храброста за денешново писание. Втор серијал од мојата колумна. Одејќи по линијата на пристојноста, незаглавувајќи во љубезноста и калкулантството, нужно беше да и покажам среден прст на автоцензурата,зошто за се друго има начин да се обајви, без лажна скромност, заради мене, моето семејство, детето кое го очекувам, заради градот…не сме сами, тука биле студентите, даскалите, граѓанството.
Новиот феномен, за кој не сака никој да прозбори јавно во Охрид е синдромот власт во власт. Дел од советничкото мнозинство во Охрид, иако незадоволно од функционирањето и начинот на работа на градоначалникот, не покажува незадоволство во советот туку само употребува инструменти за хушкање на опозицијата, седејќи пасивно и тивко аминувајќи на катастрофалните политики од страна на предлагачите.
Позиционирањето во партија е важно, но кога се плука за наводна пасивност од опозицијата и нејзиното дејствување, се забораваат дека со сопствениот глас може да се блокираат многу катастрофални одлуки за градот. Плашливоста на власта во власт оди до таа мера што не само што не се прогресивни туку напротив како носители на програмата, токму тие кои ги глорифицираа кандидатите за време на локалните избори, како за советници така за градоначалник останаа тивки, мирни и сокриени позади плаштот на партијата. Го бранат ДПМНЕ, но не и локалниот кадар. Го величаат премиерот но не и неговите продолжени раце. И, токму тие зборуваат за нечива туѓа храброст и лојалност. Не играат во партијата но и го даваат гласот. Место да го спасат градот, тие чекаат порака од мозокот на пропаганданата машинерија, со име што симболизира еден месец во годината, да ги утеши дека за брзо ќе настанат во општинскиот промени, (читај комитетот). Од 8 да 12 нема многу, само желба и принципиелност на која често се повикуваат.Од вас колеги сега зависи, ние, ниту со сила верифицираме мандати, ниту со сила ги одземаме.
Така охриѓани останаа заглавени во постојаната борба за тоа што е подобро, а што полошо за градот. Им ветуваа преродба кога ќе имаме градоначалник од нивна провиненција. Сега го имаат, но не е доволно. Имаат едно заедничко, и нормативци од задните редови и оние со завет на молчење, и суетниот татко, иако не вешто се уште ги користат жалопојките и криењето позади поранешниот градоначалник.
Политичка дебата нема, економска дебата нема, ама затоа има суета. Опозицијата продолжува да игра тенис со удирање на топчето во ѕид место во противник. Демократскиот капацитет одамна е мртов. Читаа по ијладници пресови, многу од нив со вистински елементи на клевета ама им беше простено.
Крајот се гледа, нема да лажам дека ќе биде преродба или да пишувам балансиран текст како новопечените колумнисти последниов период , со маестрални идеи, кои гледаат вина во опозицијата а не во мнозинството. Потфрли акцијата за апсење, но не и емотивните траги на семејствата, потфрли вујна но не и оделенијата за трауматологија, потфрли дипломата на правникот, но не и договорените планови, потфрли СОНК но не и гимназијата.
Од друга стрна, градот ќе чека да си простат најсуетните, еден од најгласаните советници во минатиот мандат, и сегашниот градоначалник. И, не е важно кој прв почна, ниту е до екологијата ниту до кардиологијата, заради градот е, а, тој како таков не е ниту само езеро, ниту само центар за лекување на кардио-васкуларни заболувања. Не е слика од 360 степени. Населено место со животни приказни, егзистенционални, социјални, социолошки. Градот, удавен во својата лековерност,градот во кој и најголемите уметници не можеа лесно да извлечат аплаус, сега аплаудира на сопствениот погреб.Како вели онаа народната вие гра,таткото на…
Во еден спонтан разговор, со еден мој драг соговорник зборувавме за еден поранешен локален фраер, чие име ги надминало и границите на државата. Кога го допрел дното, влегол во еден локален бар барајќи да му разменат германски марки во денари.Еден млад дечко, се обидел да го потцени сериозно курсот а и имиџот на мангупот. Да бил моќен, сигурно ќе станело збор за прецена на курсот, вака се решил и превидел, па заглавил во надменост. За ваквиот однос, добил гласна шлаканица од која зујат ушите, која е нужна за да пораснеме и ние возрасните. Шлаканица, која иако била од човек кој бил на дното значела достоинство. Кој ја добил, знае како понатаму, се сеќава на погледите од очевидците, ја билда неговата храброст и учи на основните вредности, а тоа значи дека конструктивна критика се дава тогаш кога некој е најмоќен, условно кажано. Подоцна е само нехумано клоцање по мртов противник.
Да не се лажеме. Премногу ја погрешивме работава. Ниту Билјана платно ќе бели, ниту ќе се пие водата од нејзините извори. Деспина не ја грабаат, сама се стокмила и со либето кај бетон – блатото се чекале, веројатно на по една чашка минерална вода. Ангелина, мајката од Русе, починала, а Русе со првиот лет во белиот свет. Џоче,заглавил во својата добра воља и намера (читај граѓаните). Зарина ќе ја заборавев, била страшно гневна затоа што на место да се ниша на нишалка и подготвиле урбанистички план Елешец -Лагадин. Извини, Зарина, ама вратеното со денационализација не важи. За од Кичево и од Прилеп е таксано…
Дејан Блажески
Член на советот на општина Охрид
*Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.