Оваа реченица може да ја заврши секој кој барем еднаш го посетил Охрид и со тоа да ни го открие впечатокот кој го понел од градот со многу епитети. Реченицата можат да ја довршат и оние кои никогаш не биле во Охрид, а го познаваат, слушнале, научиле или прочитале нешто за градот под кулите. Охрид е асоцијација, слика, впечаток или чувство што се буди кај секого и убеден сум дека пробуденото е нешто убаво.

Но, ме плаши нешто ново, некој нов бран на настани кои како да се пуштени по надојдена река и ми е страв да не го збришат поимот за природната идила и духовната енергија кои зрачат од името Охрид.

Во периодот од осамостојувањето на Република Македонија до денес, Охрид, покрај другото, се наметна како политички летниковец на центарот – Скопје, место каде се случија многу средби, договори и преговори подготвени и работени во Скопје, а потпишани во Охрид. Горди домаќини бевме на некои од нив на пример: лидерските средби на претседателите од регионов иницирани од покојниот претседател; Форумот за безбедност на Евро-атланскиот Совет за Соработка организиран од НАТО; Светската меѓурелигиска конференција, сите достојни за угледот и во рамките на сликата која ја побудува Охрид во секого од нас. Охрид беше добар домаќин за луѓето со добри намери.

Но, Охрид се наметна како постојана алтернатива на Скопје и со исклучок на неколку политички средби одржани во Маврово, Охрид го добива приматот на град за парафирање на договори кои договори од тој момент за навек стануваат Охридски. Тука дојдов до уште една асоцијација:

Охридски + договор = … Е, ако сликата која ја добивте од оваа асоцијација ви ги пресече градите за момент, ве исполни со тага исто колку со бес, ако за момент ви надојде крв во главата, тогаш сум сигурен дека на граничниот премин Блато, Ќафасан или Св.Наум ќе ви побараат 10 евра за виза.

Ако не ви одат асоцијации низ квизовите побарајте на Google и ќе добиете 100% релевантен одговор на поставената фраза без оглед како сте ја напишале: „ohridski dogovor“ или „охридски договор“. Ако не сте патувале досега во Албанија, да ве инфирмирам дека на граница од албанска страна за виза не плаќаат само оние државјани на Република Македонија кои ќе се декларираат за етнички Албанци (заради сличноста во имињата им нудат и на етнички Турци од Македонија, но повеќето од нив достоинствено си плаќаат 10 евра за влез).
Ова е предмет на актуелна тема на анкетата на порталов.

Ама ајде да се вратиме на нашата болка и она што ни се спрема:
http://www.ohridnews.com/index.php?mod=1&id=3367

Дали вредат во прилогот спомнатите странци да бидат гости на Охрид?

Одговор нема да дадам, одговорите сами на (се надевам) следната анкета на порталов:
Дали Охрид е вистинското место за отпочнување на преговорите за името со Република Грција?
Јас би продолжил со прашања кои извинете, ама сакам да наметнат едноличен одговор, кога одговорот е огорченост:  До кога понижувачка сервилност на нашите жолтоклуни, но самобендисани политичари, во билатералата со нашите вековни непријатели?
До кога брзоплетост?
До кога преговарачко дилетантство?

Охрид е нај…Сакам суперлативите да побудат многу јаки бои во чувствата за Охрид отсега па натаму и за темите кои се тонирани со политичко сивило. Охрид не ја сака Бакојани! Би бил од мене посакуваниот одговор. Бакојани нека ја примат во канцелариите на ОКТА, во касиното Фламенго во Гевгелија или во било кој друг индустриски капацитет во пограничниот дел со Република Грција кој е отворен во Република Македонија со грчки владини грантови. Ги има многу и имаат ќар од тоа. Нека се сретнат во Скопје – секако за нив, ние сме Република Скопје. Па нека се сретнат таму – во Скопје.

На крај еве го и поводот: со оваа тема сакам да поттикнам еден граѓански став за заштита на името на градот во кого живеам и со кого сеуште се гордеам. Сакам да го спасиме градот со прекрасни суперлативи од уште една кобна асоцијација. Ние, граѓаните на Охрид, да создадеме начин како да ги затвориме секогаш отворените градски порти брзо и сигурно пред оние кои не заслужиле да се насладуваат од неговите-наши убавини. Можеби нашата дипломатија има свои аргументи (иако сум длабоко убеден дека единствениот аргумент во случајов им е инерција во размисливање), но вака барем ќе знаат дали сме се согласиле да бидеме добри домаќини и дали ќе се чувствуваат комотно во нашиот град.

Никола Тодоровски