Оддамна ја напуштивме содржината и тргнавме кон формата. Факт е дека добрата амбалажа подобро го продава производот. Политичката храна сервирана за доручек, ручек и вечера, без никаква нутритивна вредност, но со добар изглед, е најпродаваниот производ на нашиот пазар. Но, кога конзументите ќе ја искинат амблажата и кога ќе стигнат до производот, веќе имаат проблем.

Сега да ја разгледаме понудата за оброк за следната сезона на локалните избори, Таа веќе ни се нуди од страна на  маркетинг- политичките агенции и маркетинг – партиските ,,потрчковци’’.

Најновиот пакет на политички доручек, ручек и вечера од власта на централно ниво, воглавно се состои од закани. Јавни закани, за тоа дека Охрид не добива и нема да добива доволно средства од централата, поради тоа што имаме градоначалник од невладејачката партија. Немам намера да бранам некого, но се чудам на храброста за ваква директна закана до граѓаните кои не гласаа воопшто, па и до гласачите кои гласаа против нивниот кандидат . За мало потсетување, партиципиенти во буџетот на Р. Македонија сме сите, па аналогно на тоа сите имаме право на средствата од истиот, без оглед на политичката припадност или апстиненција. Ваквата политичка храна, сервирана без трошка естетика, сериозно може да наштети. На крајот на денот не сум баш сигурен дека охриѓани би сакале проект ,,Охрид 2015”. Не, благодарам.

Другиот пакет на политички доручек, ручек и вечера од страна на локалниот мајор, се состои од пораки кои се праќаат до граѓаните, односно пораки кои зборуваат дека бизнис фелата е на негова страна, што по автоматизам би значело и негов следен мандат. На крајот на краиштата, зошто не разберете дека во бизнис фелата работат и луѓе на кои не им требаат спорни тендери и непринципиелни договарања?. Проста математика, не е на одмет. Бројот на граѓаните спореден со бројот на спорните ваши бизнис соработници е далеку поголем. Ќе заборавев и уште една интересна математика на локалциве. Во калкулациите за поддршка на избори, ги земаат предвид и гласовите од луѓето кои работат во јавните претпријатија во Охрид. Прво исплатете плата, а потоа калкулирајте. Жалосно!

Ова паралела беше со цел да се разгледаат основните пакети на политичка храна за гласачот, но постојат и дополнителни пакети во туристичкиов Охрид. Нив ни ги сервираат неморалните калуѓерки, од типот на заборавени коалициони партии претопени во СДСМ, кои по заслуга на друг човек седат во советот на општина Охрид. И тоа сите го знаат. Неморално го продадоа истиот, па што останува кога станува збор за граѓаните. Барем да реализиравте нешто од вашата програма. Нели бевте тимот за Охрид?.Смешно. Дополнителен пакет добиваме и од ,,народњаците”. Бугарското мени е поразлично од традиционалната македонска храна. Затоа гласачите ќе ја одберат ,,нашата” тадиционалната, мислам..
Имам впечаток, дека граѓаните не само што оддамана стигнале до производот и ја фрлиле амбалажата, туку  некои од нив се решиле и воопшто да не го пробаат. Можеби сето ова изгледа строго напишано, но е во служба на содржината, а не на формата. И кога сите читајќи го текстот ќе климнете со главата пред вашите компјутери, ( тоа знам ќе го направите), не поради авторот туку поради искажаната вистина, веќе сме на прагот на подобрување на работите. А, кога гласно ќе прозбориме со своите пријатели дека ова се фактите, почнува моментот кога веќе ќе избираме што ќе јадеме од сервираното.

П.С. претходната недела советниците на советот на општина Охрид, гласаа со ,,НЕ” за лошиот предлог за урбанизација, но огромно ,,ДА” за Охрид. Советот во заминување конечно донесе одлука од која нема да се срамат. Секоја чест.

Дејан Блажески
Либерално демократска партија


* Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNewsне сноси одоговорност за содржината на истите.