(Пишува Дим Дон, еден од Вас)

“Да можам бар да се разбудам”! Не знам како да почнам. “Тамо гдје вјечно сунце сја, тамо је..” Е, “није више тамо, него негде на северу…”. Оти, нема веќе да се викала МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА, туку, ќе ја преКРСТеле во СЕВЕРИНА, се извинувам, СЕВЕРНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. И нема веќе да имало ни петокрака, ни лав, туку некој си орел кој ќе бил со тело на албански лав, демек, цар и на небото и на земјата! СИФОН, се извинувам, ГРИФОН. 

Македонци мои, ако Ве има од СОЈОТ МОЈ (и ониe нашите од сојот на Цаноски): мислам дека нам не ни треба грб, туку некоја “грбача” за да ни се исправи и направи и грбот како мевот, оти само со мевот мислиме и со желудникот, да  не речам со цревото дебело, и со тоа на излезот му негов, ебаго, разбираш. Ами, како, бре,  ќе го користиме името што ни го нудат олеснувачите. Со какво душевно олеснување и за какво стомачно олеснување, ебате, беља, ебате. За да си ги олесниме цревата дебели, нели, еј, глави дебели! За внатрестомачна употреба или само за понадвор:за трчај-мочај дипломатија, за падни-стани економија, за лапни-голтни позиција, за молчи-пикај транзиција, за пери-носи егзистенција, за купи-продај приватизација, за не умри- магаре  либерализација, за ќути-не прашувај еуинатоизација, за македонско-топаанска балканска гетоизација, за соланобарозова егоизација, за ичрозова футуризација – за каква ф’кин еуропеизација?! 

Каква, бре, Северна Мaкедонија?! Зар северот и ветрот Ви ги замрзнал умојте, та ќе се преКРСТувате како ќе Ви подметнат “кумојте” и “босојте” европски и белосветски. И, што ако не влезeме во Унијата!? И што, пак, ако влезeме?!
Ќе врнат ли евра и долари, или ќе плаќаме и нови евро-давачки. Ќе се возиме со екоавтомобили и…? А леб, ќе има ли доволно? А вработување ќе има ли доволно, или сите овденевработени ќе се ујдисаме и ќе кинисаме за да  просиме работа кај чинарон и кај пазарон бриселски, берлински, римски или париски, се разбира доколку таму нема бугари, романци, украинци, белоруси и други поновоевропски членки, евро-аргати, разбираш…а…аха…, a ИМЕТО?! Мислам, како ќе се викаме, и како ќе не викаат: СЕВЕР(И)НИ или ВЕТЕР МАКЕДОНЦИ?! Некој ќе рече, сеедно, ама  и тој што ќе рече, знае дека не е сеедно. 
         
Се чудам на умојте наши, никаде наши, туку: што ќе правиме со песните, со патриотските, разбираш? Е, ќе речите, нема патриоти и не ни требаат патриотски песни. Тие, демек, патриотските наши песни дури и ги разгорувааат меѓуетничките односи. А нам, пак, божем ни требаат односи за да ги задоволиме нив, за да покажеме дека ние сме еонаквата страна, ме разбираш? Нам ни треба соживот. А соживотот треба да се брани. Ако треба, (а ни велат дека треба!) ние македонците (пак со мала буква?!) и живот даваме, само соживот да имаме. И, за жал, да! Животи многу дадовме и ништо повеќе не добивме освен хашки судови и нови крстови христијански. Но, важно е да се биде соживотен и поданик (којзнае, чиј ли?) доживотен! Заради тој соживот, ќе мора да имаме и заеднички јазик – албански, “разбира се”! 
         
Нндичме: еве, од утре-задутре, Македончињата (а, богами и родителите-Македонци) ќе вежбаат најпрво во прво и факултативно, а потоа и на факултет (ја факултативно, ја задолжително) албански. Да, бре, што се чудиш, албански!! ЃУА ШЧИПЕ, МРВЕШ! За да се сочува соживотот! А нам, животот? Е, …’бати животот, ‘бати! Да не ја спомнувам ли Првата Македонска Енциклопедија? Таа е неофицијално прогласена за ништовна, според барањата на Соживот-ните, на оние со кои сме во Соживот, демек! И ако повторно се појави таа енциклопедија, сигурно тоа ќе биде првата соживотна и доживотна енциклиопедија, на светов и на веков, во која сè ќе биде запишано, како  ништо да не било и сè што било не ќе е запишано, за дa не се наљути Али (баба) и другите од родот негов; за да божем ни цутат рози, а не диви планински цвеќа и шипинки. Којзнае, енциклопедијата можеби ќе остане  со наслов МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА, или пак, Недајбаба(!), ќе се прекрсти во РАМКОВНА ЕНЦИМЕНЦИПЕДИЈА на РМ – СЕВЕР(И)НА!? И да не видиш – да веруваш, оти сè што наумиле, умните ни и кутри браќа – сè ќе ми ти добиеле, па макар и своја, не само енцименципедија, ами и своја ААНУ, и тоа како пандан на нашата МАНУ!
         
Ој, Македонијо: QUO VADIS? Keine Ahnung?! Кога го велам ова, германсково “кајне ану”, не знам, зошто сето тоа ме потсетува на познатиот Адолф кој среде Германија и Рајстагот гневно и огорчено истапи со зборовите Ich will nicht mazedonische zustande in Deutschland, verstehen!? (Не сакам македонски состојби во Германија, разбирате!?) Ете, тоа беше во неговата борба – најверојатно сакаше да каже: да нема македонски делби и поделби, да нема македонско кодошење и предавство; да нема македонско коленичење и соблекување; да нема македонско поданичење и паничење! А ние, денес, по 70 и кусур години од адолфовата забелешка, не се научивме да ги решаваме македонските состојби во Македонија и на Балканот во кои Македонецот сè уште го викаат Македонче; во кои Македонецот сè уште треба да има газ, а не мадиња за да се справи со проблемите и за да се спротивстави на неправдите и невистините!
         
Сепак – сега ја имаме таа историска можност, мајне Даме унд Херен, да му покажеме на светот дека досега испеаните патриотски песни: Земјо македонска, Едно име имаме, Македонија име не менува, Нема друга Македонија, Една мисла имаме, Дрво рисјанско, Гордо Македонијо, Бисер Балкански и многу, многу други… не беа само навивачки шлагери до денот на осамостојувањето, туку дека беа и од срце и од душа испеани со аманет предадени од предците преку нас до потомците за да не крепат во борбата и слогата за зачувување на светото име и на светата и библиска земја Македонија! И, кога сме овде: кои сме ние, која и каква “избрана” генерација сме, та што си дозволува луксуз: да менува име на татковината на нашите внуци, на татковината од правнуците на нашите прадедовци?!

Татковината не ни припаѓа само нам, туку многу повеќе и подолго на нашите потомци! Затоа, не обидувајте се да го менувате вечното и бесмртното; не менувајте го македонското во Македонецот – сегашен и иден и вечен! Ваше е, ајде, да не Ве терам само Вас сами, еве Ваше е и Наше и Мое е да се избориме, како што со милениуми нашите предци, неуки и неписмени и невооружени, но со полно срце љубов и патриотизам го одбраниле своето, го одбраниле и просторот и името; ајде така да го зачуваме она што е со нивна крв наследено и со  нивна крв  двапатиилинденско потпишано како наследство за  Нашите Македонски Поколенија! Сега или никогаш! СЕГА, зашто утре ќе биде доцна! Утре, веќе, ќе биде никогаш! Ќе ни извадат име и ќе не бијат мајтап, ќе си играат кљошкапа и котка со нас магароумните, со нас неумните, со нас наивните! СЕГА! Зашто сега имаме право и уште 125 пати имаме повеќе право и 125 пати повеќе причини да се викаме Македонци и да ни се обраќаат со Република Македонија. Заради нас, заради нашите корени, но и заради Кина и Русија, Турција и Бугарија, Хрватска и Србија, заради Индија и Америка, заради Дадо и Антонија, заради Борис, заради Симон, заради Тоше што нè сакаше сите и заради сите што ја сакаа(т) Македонија, заради  сите пријатели од сите континенти кои не признаа како уставноимена и суверена Република Македонија. 
         
Не ни треба и не смееме да си дозволиме едно име за понадвор, едно за меѓунасшепотење. Ни треба само името наше во кое се колневме, име во песните наши опеано, име за вечна употреба, име без цена за размена, име со глава на рамена! Нема и не смее да има референдум во кој сами ќе се прекрстуваме и ќе признаеме јавно ние (кои сме ние, привремените  во споредба со Вечните Наши Минати и Идни Македонци?) дека ете, сакаме друго име со додавка, придавка или со некоја географска одредница! А, кога сме кај одредниците, се прашувам: кога оние другите од преамбулата, или оние јужните од унијата би составиле македонска енциклопедија, дали би имало Македонци во Македонија? Нејсе, за Соживотот и ние Соживот-ните, ќе направиме некој разумен компромис во кој Нашата формула Соживотна ќе биде пример и Концепција Доживотна за некоја земја со назив Обединети Нации или Европска Унија. Патем, му предлагам на господинот Бан Ки Мун да го префрли седиштето на ООН од Њујорк во Македонија, или да направи овде барем своја ООН-Бановина во Нашава МултиКултиТатковина (учена е оваа земја за бановина!?)! 
         
Кутра моја Татковина! Што велеше мојот покоен пријател, Тале Мартиноски: ”татковина имам, ама народ немам!“. Е, мој Тале! “Е, мој народе…” – како ќе ни простат бранителите?! Како, кои бранители?! Па, тие што останаа сакати, без здравје и без пари и без орден за патриотизам…а, бре, и без покрив над глава и без глава на семејството нивно и без памет – оти не знаат сега каде е идеалот за кој се бореа: Господе Златен, барем Ти смилувај се над нив! …И  кои се сега и кои  ќе бидат утре тие “будали кои ќе гинат за идеали”: за какви идеали, Господа Врховни и Одбранбени, а, Ви се молам…КОИ СЕ ТИЕ ДРУГИ И ВИСОКИ ИДЕАЛИ ЗА КОИ ТРЕБА ДА СЕ ГИНЕ, ако Вие заедно со ОНИЕ решавате и менувате сè што е свето и неменливо – вечно!? Решавате и менувате заедно со Соживот-ните (заради соживотот, нели?!) на маса и под маса, и тоа сè во четири очи, разбираш, или во шест, ако ги броиме оние од европските – посредници! 
         
Пу! Јаз’к – за знамето! Јаз’к за името! Јаз’к за грбот! Јаз’к за сега и за навек! Резил до резил! И, зошто? За ништо, за џабе, за бадијала. За ум и за памет, о, безумно и ошумоглавено мое поколение! Време е, и пет до дванаесет е веќе, за да се исправиме и во очи да ги погледнеме своите деца, нашите поколенија и да им кажеме, барем: Простете, не знаеме што правиме. Господ нека Ви е на помош, на Вас потомците! Снаоѓајте се без нас, грешните, без нас задкарпатните, без нас недревните, без нас нинапрекуогревните, без нас безенциклопедните, безимените, безисториските, безживотните, без нас еветефендиите на соживот-ните!..

Ој, Македонијо, каде ли те загубивме, ој, жалбо недоискажана, ој, таго недотажена, ој, болко недоболена! Кај ти е крстот, кај ти е црквата, кај ти е верата, кај ти е вербата, кај ти е сонцето, кај ти е минатото, кај ти е иднината, кај ти е биднината! Кај ти е славата, ој, Македонијо, кај ти е главата?!
         
Господе, Боже, смилувај се над нас и благослови ја мојата Татковина и Мојот Народ уште еднаш, сега и засекогаш и во сите времиња: АМИН!

  Авторот е претседател 
  на Здружението на граѓани
  РОДОЉУБИ СВЕТИ ИЛИЈА