Излегувам од аптеката и се уште ми се врти муабетот во глава па ми текнува некако дека се нешто со несигурност гледаме на нашиве производи – квалитети. Па ми текнува и на една изјава на наш познат уметник кој ќе рече дека кај нас, мисли на Македонија, познат се станува само ако признанието дојде од надвор. А бе ајде, си велам што има тоа врска сега, како да не. Па ќе се сетам дека „Леб и Сол“во моментите на најголема популарност го полнеа „Сава центар“ во Белград ко од шала, ама „Полигончено“ во Охрид едвај до пола. Затоа пак на настапот на Весна Змијанац во Охрид од таванот капеше пареа. Толку луѓе на концерт во затворено немало-коментираа организаторите. Добро сега за вкусовите не се разговара, башка Весна царица беше, нон-стоп на телевизија тогаш. Ама ми се чини дека и денес повеќе се гледаат телевизиските канали на кои се вртат несудените наследнички на Весна, Брена, (Цеца е закон) и други брендови, па во многу работите не се менуваат. Секој милува добра музика, весела, што ќе ми рече еден мој голем пријател. Македонската била многу тажна, не може да те расположи вели друг мој пријател. И ме задумаа. Се обидувам да ја одгатнам „дилемата“ и сурфам по фолдериве , компарирам Сариевски – Тозовац, Сафет Исовиќ – Кирил Манчески, Тома Здравковиќ – Никола Бадев, се легенди. Не можам да ја решам сам „дилемава“, па одлучувам да се потпрам на професионалци.
Втора вечер за Нова година во култна кафеана во Охрид. Одбрани друштва, амбиент гром. Се загрева атмосфера со „Деспина“, „Јовано Јованке“… па малаку српско, турско, грчко, бугарско, па пак српско, бугарско, грчко, турско и така уште неколку пати од се по малку. Делириум. Барем пола пола пола да беше, ама ајде си велам, што има врска, сите беа расположени, немаше „тажна“ музика. Сите пееја, весели. Имаше и по некој гостин од страна, воодушевени, како и нема, исто како да славеле дома – странска музика ептен малку – ич скоро. Ама за вкусовите не се разговара. Зашто амбиентот не го прави само музиката, без публика таа е осамен играч. А нашава публиката е топ, прати музика, ништо не и бега, а и башка современа е, не слуша „тажни“ песни. Празник е мајка му. Башка утре кај и да појде во кафеана во соседството нема проблем, се весела музика ќе слуша, никој не свири „тажна“ музика за Нова година. Ама и јас сум запнал ко „сивоња“ нели за вкусовите не се преговара, пардон разговара, како и да е, исходот зависи од музичарите.