Ова недела се сетив на еден, шеснаесет години стар разговор. „Мора да живеете заедно. Има омраза ама мора да има слога. За да нема немири или оган.“ Со овие утешни и слатки зборови се трудев да го убедам мојот драг братучед во Охрид. Беше тоа во 2001 година. Му ги пресеков градите со овие западни мисли. Точно го погодив во нервите. Тој пред рамковениот договор од на плажа и чаршија наеднаш требаше со други резервисти да ја заштитуваат македонската граница од евентуални терористички напади. Живееме одделено, имаме иста крв. Двајцата ја сакаме истата држава и, исто така, имаме заеднички страв. Кога го гледам и слушам братучед ми размислуваме слично, само со други аргументи.

Мултиетничка Македонија од секогаш била темпирана бомба. После актуелниов тежок турбулентен период, прислушкувањето, шарената револуција, нови избори и постојано фрлање со кал сега се е јасно. Џабе сите митинзи, скапи политички спотови и сите ветувања. Реалноста дојде навистина пред нашите лица. Нон стоп две кучиња се бореа. И ние сите бевме фокусирани на тоа беснило. Како се касаат остро. Ама третото куче си отиде со моќната, клучната македонска коска. И што ќе правиме сега? Дали ќе го решиме сами ова. Или странски политичари со свои агенди, барања, принципи, со колбаси ќе ги мамат кучињата во Македонија.

Јас одамна заминав. Ја напуштив пред четири децении татковината. Се збогатив со многу светски култури од сите континенти. Го најдов правецот во Холандија. Ова држава со децени е пријателски, економски, политички и туристички поврзана со Охрид и Македонија. Холанѓаните се во голем број присутни во летната сезона на охридската ривиера. Јас годишно сум просечно во различни моменти пет до осум недели во Македонија. Гледам, пратам што се случува. Разговарам со блиски. Слушам широко и други гласови што кажуваат. И моеве срце плаче. Не сакам тоа што се изгради да исчезне. 

Пораснат сум во Холандија. Држава каде што има секогаш различни коалиции и опозиции. Држава каде што моментално еден крајно десно ориентиран политичар ќе биде најверојатно победник на следните парламентарни избори. Холандија да биде повторно наша, му е главна порака. Никој не сака со него да прави влада. Тој вели: Холандија да ја напушти Европската Унија. Има план да ги затвори сите џамии, исламски училишта и азилантски центри во Холандија. Да се затвори националната телевизија, да не им се помага на сиромашните држави, да не се инвестираат повеќе пари во уметност и еколошки проекти. Тој ги мрази премногу Мароканците. Програмата му е само на еден лист од А-4 формат. Добива закани. Живее во кафез, секогаш опкружен со телохранители. Тој е најзаштитениот човек во Холандија. Можеби повеќе од кралот.

Тука се и традиционалните партии со долги корени: Христијани, Либерали, Социјалдемократи, Зелени, Социјалисти, Средно Демократи. Имаме и партија на стари и партија за заштита на животните во сегашниов парламент. На листите за следниве избори има и партија на странци, партија без програма, Пиратска партија, Бизнис партија. Нова е партијата Исус Живее! Да се живее според правилата и мислите од Христос. Да, да, живеам во многу чудна, слободна држава. Во држава со повеке партии и гласови.

Моментално Холандија е збунета држава. Идентитетот, корените и своите изградени норми и вредности се главните, популарни изборни теми. Од леви и десни партии. Странците се добредојдени ама не по секоја цена. Нешто неочекувано во нашиот либерален, отворен холандски живот. Живеам во држава каде што владее моментално страв. Страв од она што се случува во Велика Британија со Брегзит, со Трамп во Америка, со Ле Пен во Франција, во Турција со Ердоган. Има страв од ислам, од бегалци, економски мигранти, од евтина работна сила од источна Европа. Популизмот се шири низ Европа. Холандскиве дилеми се навистина сериозни ама се детски игри, цртан филм наспроти жестоките, тешки македонски проблеми! Холандија е речиси во топ десет на сите светски ранг листи. Богата е и стабилна. Не е зависна од никого. Не треба портокаловиот народ толку да се плаши. Ќе го реши државата, народот, и ова. Лево или десно. Во коалиција, заедно со различни партии и програми. Како секогаш.

Роден сум во Македонија. Не се работи за победници или губитници. Верувам во свесноста на сите политичари и во македонскиот народ. Политичкиот систем во Македонија е многу јасен ама и нежен, ранлив. Се плашам. Во Македонија главно прашање е: Нашата заедничка мултиетничка иднина. И јас незнам кој е правилниот пат. Само паметно и мирно.

Влатко
Амстердам