Веќе 7 ден, по вина на власта, образованието во државата е во прекин. Учениците не се во можност во континуитет да одат на училиште. Државата не им обезбеди ниту нормални услови, ниту пристојна достоинствена плата на нивните, на постојните понижени наставници, ниту пак е во можност да им даде од ветените „резервни“, т.н. заменски наставници.

Очигледно, ова последново беше блеф кој и им личи на „коцкари“ кои не само што се коцкаат со образованието и со државата, ами сега и најмногу и со иднината на нашите ученици и на нашите деца. Ова го знаат и го сфатија и родителите кои овојпат и од самиот почеток ја одбрааа вистинската страна и ги поддржаа просветните работници во нивните барања. Родителите, впрочем, знаат дека само мотивирани наставници создаваат мотивирани и успешни ученици и затоа е оваа огромна масовна, речиси стопостотна поддршка на генералниот штрајк, кој, без сомнение, продолжува и следнава недела, со оглед на непристојниот предлог од власта.

Токму така, власта преку нејзиниот премиер и нејзиниот прв финансиер доставија во петокот еден срамен непристоен предлог: на наставниците да им се даде максимум 10% (кои би се исплатиле дури и на две рати: еднаш во јуни – 7%, а другите 3% во септември или до крајот на 2022), наместо оние +18 % кои се во сушност нашата црвената линија која власта не смее да ја прегази. Плус 18% без кои нема прекин на генералниот штрајк!

Со овој непристоен предлог уште еднаш е погазено достоинството на просветнииот работник, на наставникот, на учителот! И токму затоа, колку што е понепристоен предлогот на власта, толку е поголем, помасовен и пооправдан гневот и незадоволството на наставниците!

Наставниците се решени да истраат до крај! До исполнување на барањата доставени до Владата, истите барања во кои ние веќе направивме попуштање и ептен разумен компромис уште пред почетокот на генералниот штрајк!

За првпат, во поновата македонска историја, наставниците и сите други просветни работници со секој ден се се’ поедногласни, цврсто обединети, заедно од сите училишта, од сите македонски села и градови, од сите синдикати и од сите вери, партии и националности! Нема веќе игри и потценување на нашата професија! Наставниците, како никогаш досега, се во борба, не само за подостоинствена плата, ами и во борба за враќање на одземените права и украдениот углед во општеството!

Единствени нештрајкувачи и дури почесто и штрајкбрејкери се некои од некадарните директори и нивните коруптивно лојални „соработници“ кои чувајќи си го грбот и мандатот, ја чуваат и коруптивноста и компромитираноста нивна и своја. За волја на вистината, и за среќа на образованието, тоа се исклучоци.

Непристојниот предлог кој во петокот им е даден од страна на прермиерот, веднаш и со индигнација им е вратен на понудувачите од власта преку синдикалните претставници кои предупредуваат: власта да не си игра мајтап со образованието! Да не го урива веќе урнатото достоинство на наставниците! Наставниците и сите просветни работници и нивни стручни и технички соработници се огорчени од иритирачкиот и понижувачки однос од државата и продолжуваат храбро простум и не се откажуваат од своите права! Штрајкот продолжува посилно, поцврсто, пообединето, до крај!

Нека не се труди власта, ни преку министрите, ни преку директорите, да заплашува, да уценува, да се заканува и да врши мобинг врз штрајкувачите! Правото на штрајк е заштитено со Уставот, а мобингот и попречувањето на штрајкот е казниво по закон и со казна затвор од минимум една година!

Ќе следат кривични пријави против секој кој се обидува да го попречи штрајкот, порачуваат и предупредуваат од СОНК синдикалните претставници на штрајкувачите.

Владата и нејзините министри конечно треба да сфатат дека 97% од наставниците во Македонија, а 97% наставници-штрајкувачи се малку повеќе проценти од нивниот министерски инает; 97% се црвен аларм за да се задоволи, за почеток и под итно, барем црвената линија на оправданите барања на наставниците! Дотогаш, штрајкот продолжува!

P.S. Oдговорно кон обврските,
храбро во борбата за своите права!

Автор: Проф. Димче Донески,
претседател на СО СОНК, Лескоец-Охрид

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите