Релативизирањето на работите оди рака под рака со различните перцепции. Но, кога станува збор за Градот, тогаш тоа мора да е апсолутна категорија. Ги следам настаните во последните недели, обидувајќи се барем во моето писание да не внесувам политички аспект, туку да се насочам кон граѓанскиот. Ако експертите тврдат дека Студенчишкото блато мора да се сочува, дека Галичица има многу поинаков и поважен потенцијал, ако старото јадро на Градот односно Плаошник подлежи на заштита, па кои сте Вие или Тие да носите такви одлуки?! Зарем приходот од комуналии стана приоритет? Сакајте автентични конаци во Заум. Сакајте го Блатото. Ридот кај Плаошник. Не мора да ја сакате опозицијата, но зарем ваквата власт залужува власт?

Фактографијата на животот е една од најздодевните работи за читање за кој и да било поединец. Мошне депресивна: се родил, живеел и умрел. Фактографијата на Охрид е поразлична: Градот изникнал, живее и не треба да умре. Глув свиреж и масакрирана вистина. Затапено новинарско перо поради оние кратци на мастило….Прислушкувани разговори кои докажуваат разнебитени и нефункционални институции. Кога е така, зарем ќе чекаме наивно преку верифицираната неправда да се решава за судбината на Охрид, со епилог на „Космос“?!

На една од последните комиси ги разгледувавме цените за гробни места. Добивме ценовник за православни и за муслимани. Цената е различна заради квадратурата на местото. Но, за мој вкус, поделбата е морбидна. Дури и на последното почивалиште не ни даваат мир без поделба. Цени различни за патриоти и предавници, за македонци и македончиња, за охриѓани или охриѓанчиња. Кога читаш е морбидно, но многу работи не мислевме дека ќе ни се случат, а се случија за жал.

Треба да се знае дека тие не се веќе истите луѓе, раздрмани се, ја немаат таа моќ со која го плашеа сопственото членство, зацрвенети им се образите, претивки се за нивната агресивност на која навикнавме, суви им се грлата. Со последните сили во општинските комитети даваат налози за да потпомогнете во погрешното. Време е да ги напуштите заради доблест, затоа што е подоцна од секогаш, затоа што е соучесништво. Контаминираа за криминалната приватизацијата, а сега токму тие на сите страни се величаат како големи инвеститори. Токму тие се потенцијалните инвестиори во Градот. Сето останато од политичката фела е параван, процент, бизнис. Веќе не смее да се бега во шегата, неподнослива станува и таа, но затоа пак не ни недостасува напливот на комичари и испревртувачи, одработувачи. Во тоа не треба да се учествува, не треба да се стои на страна, не треба да се аминува, туку да се дејствува.

Токму оние кои ја фрлаат мушичката, оние кои го собираат кајмакот, оние кои ни ги донираа копјата, свесно ни направија арена за борба. Токму таквите, сега даваат налози колку и како да се мразиме, следејќи го, условно кажано, боксерскиот меч од своите удобни фотељи кои за некаква среќа не се направени од кожата на луѓето директно, туку индиректно – со Вашата пот. Токму од таа фотеља го следат мечот. На декларацијата од средствата за дезинфекција на раце, јасно пишува дека уништуваат 99,9 проценти од познатите бактерии. Токму тука ја изгубивме битката како граѓани на Охрид. Останатиот процент е нашата болест. Од “непознатите”. Неподносливата леснотија за релативизирање на работите…..Не ми се смешни ни Гоца, ни Ставре. Не ми се смешни ни младиве сили кои со статуси и документарци ја бранат зeмјата од замислен непријател, а не си ги бранат дворот и градот, Плаошник и Блатотo,Заум и крајбрежјето. Не ми се смешни ниту пратениците од Охрид во (не)законодавниот дом. Доколку за сето ова изговор е егзистенцијата, дотолку се релативизираат работите од типот дека некоја си Тања од мртвата А1, долго време веќе прва перјаница на Канал 5, само си ја работи работата за парче леб?! Кој Ви рече дека таа е предодредена за презентерка? Па за леб можела да биде и шанкерка. Каде е запишано дека некој си Никола мора да биде директор на училиште по илјадитиот неуспех кај колегите при изборот? Кој Ви кажа дека со цврст став може политички „да изгорите“, кој Ве излажа? Некој од јавното дејствување ќе се срами. Но, кога ќе му се земе животот на граѓанството, зарем е важно кој е во право. За срамот, a за него ќе зборуваме, од него се гори повеќе……..Сепак, можеби маестралниот Пепи Бафтировски е во право – ако згрешам нека изгорам……

За крај, се надевам дека Вербата ќе и’ шепне на Надежта да и’ пренесе на Љубовта да царува. А за астматичарот, како што го нареков Градов во една претходна колумна, се надевам дека пак ќе има воздух, доколку од политичките и бизнис метастази кои му се веќе хронично заболување, не ќе биде (пре)доцна за следна хемотерапија или пак од премногу обиди за реанимација ќе му откаже срцето. И тој е душа, не само што има душа. Токму таму сега го чепкаат….. 

Дејан Блажески 
Член на советот на општина Охрид 

*Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.