Кажано во прво лице или слушнато со свои уши- колку пати им има ли број?
Човекот на денешницава покрај многуте хронични болести  има една се повеќе присутна поточно болно метастазирана дијагноза недостаток на време.

-Зошто современиот човек е во постојана трка со хронос?
-Зарем напредокот на техниката и технологијата не требаше да ни овозможи побрзо и повеќе работи за помалку време? Или можеби грешам? Јас навистина сакам да немам право но сведок сум дека човекот е поголем роб отколку господар на чудата од техниката.

Од сите страни врз нас  влијаат негативни електро бранови ,неповолни зрачења но ние кој може со нас, ние имаме био пирамида, против мобилните имаме чипови, за заштита на мониторите имаме некакви фолии. Ме пратите ли што зборувам.? Признаваме дека поголемите пронајдоци ни носат поголема штета за која ние имаме соодветен контра напад. Тие напад ние контра. До кога?Тие нам требаше да ни ги поедностават работите, а ни ги украдија и децата и пријателите и книгите и разговорите..

Како тоа нашите баби и мајки на огништа и шпорети на дрва ЗАДОЛЖИТЕЛНО имаа ручек за својата многубројна фамилија, а ние со најсовремени електрични апарати на сопствените деца ги труеме со сендвичи, пици, вчерашни пецива за денешен оброк. Туку заборавив ние немаме време. Но, паметам и мајка ми одеше на работа и тоа во три смени на машина (не ретко прва и трета во ист ден) плус три деца дома па искрено речено таа е поим за вкусно зготвена храна. Е мои мајки ! А татковците?

Е дури тие се приказна сами за себе. Тие трчаат далеку пред времето да не речам му бегаат од видно поле па така кутрите се во сепаре со своите бизнис партнери, работни обврски, а кога конечно ќе се вратат дома бараат  мир после напорниот ден заради кој децата треба да излезат надвор со 50 -100 ден. Немаат време ни за жените ни за децата дури  и се чудат  како  не може да сфатат дека се прават поради нив!? Татковците нека ми простат но се повеќе личат на лица со закон обврзани да плаќаат алиментација. Да за жал еве ти пари и решен проблем. По некои немаат време ни за себе но најголем број за никој друг освен себе. За среќа ова е оној дел кој може да се поправи а за следниов? Иако на крај и двата ќе се поврзат сепак овој втор дел има личен печат.

Се гледам во огледало и забележувам нови бори. Од  животот ли се, од децата од мимиките? Од се по малку но најмногу од знете што -времето? Но не она со стабилни и константни димензии кое постоело и пред, а дај Боже и многу многу по мене.Тие се од моето време она кое јас го живеам.  Тие ми кажуваат дека одбројува мојот часовник, но уште поважно е дека ме опоменуваат како да го користам тоа за мене определеното. А мене ми се чини дека тоа мое време лета. Зошто лета? И заклучувам дека размислувам како возрасен човек кој сепак не сфаќа или тешко му оди реалноста по која како вчера да имав 20 а веќе денес без една, двојно повеќе години. Зошто се прашувам времето се’ скратило? А знам дека не е така. Или поточно дека за секој од нас постојат две перцепции на време. Првата е онаа календарска која содржи објективни ориентири познати и прифатени како еталони,  а втората е онаа болната внатрешната димензија која се однесува на душевното чувствување на неговото забележување во согласност со ритмот и процесите во самиот организам.

Кога бев дете едвај чекав да пораснам. Денот ми траеше долго, необично долго.
Носев високи потпетици десет броеви поголеми за да  исто онака како што мојот син наутро се крева на прсти, покажам колку сум голема. Тој сака во мојот а јас би дала се за неговиот свет. Каде се губи времето, во непозната насока, во длабока провалија?Оваа загатка тешко кој може да ја реши јас најмалку. Затоа би ве замолила мајки оставете ги шпанските серии, татковци заборавете ги наместените натпревари и барем малку посветете им се на своите деца квалитетно не мора квантитетно. Посветете си време едни на други, на пријателите на убавата книга, на содржинскиот разговор, жестоката дискусија, мирната прошетка.

Сите народи кои живеат едноставно, живеат долго а пред се витално. Не се колкаат со таблети од 30 години. Амишите дури отидоа понатаму. Во овој свет си имаат свој автономен простор, свое време, свои правила. Неоптоварени од современите пронајдоци за кои заклучивме дека повеќе ни штетат одошто користат, даваат на знаење дека човекот во единство со природата може совршено да функционира. Затоа и монасите повлечени во самотијата сокриени од светот со време добиваат бистра, продорна а пред се длабока мисла. Ние не сме ни едното ни другото но затоа сме во можност да отфрлиме мноштво непотребности, како физички така и душевни. Како што стануваме троми од премногу храна така и  психички се дебелиме од премногу информации па личиме на неподвижни пациенти кои врескаат за помош. Затоа драги мои  да им го направиме барем детството на нашите деца најубаво време од нивниот дај Боже долг и исполнет живот. Да се обидеме секогаш кога на прсти се поткреваат да бидат по наша мерка   – ние да се спуштаме до нивна висина за да им покажеме дека кон детето, а не кон возрасните е поубаво. Но искуствено е извлечена и се пренесува мислата дека откако нешто изгубиш ја сфаќаш неговата вредност. Па така и нашите деца дури кога ќе ја затворат вратата на детството и ќе тргнат по патот на возрасните ќе ја почувствуваат  бесценетоста на се она што останало зад затворените порти. Ама во некоја рака и тоа е во ред. Не може само за себе да се чува детството. Тоа им припага на генерации  неродени дечиња.  Пријателите  залужуваат  дел од скапоценото време. Да знам, некогаш не нервираат, ни се досадни, замисли ме навреди, омаловажи, предаде! Но за пријателот засекогаш треба да важи само ова правило: Научи раните од неправди да ги запишуваш на песок (за ветерот да ги избрише) а среќата од взаемното пријателство на камен.  Книгата ? За неа велат дека е најдобар пријател. Не е вистина! Најдобриот пријател има име и презиме. Но сепак голема вистина е дека помага да ги одбереме и сочуваме вистинските пријатели. Да се восхитуваме на бесценетата реалност на природата доживеана со директен контакт низ сите сетила а не преку реално тв шоу.

 Јас одлучив во мојот живот да има повеќе време за вистинските вредности.   
-А вие?

 Ирена Чакареска