Навистина треба да се има добар желудник, одреден степен на глувост и принудна глупавост, за да можеме стоечки да го поднесеме и прифатиме она што ни се форсира по сите видови на медиуми.

Не убедувате дека е нормално еден локален директор  вработените да  ги користи како иконографија. Жално. Воопшто не е пристојно,  со позицијата која ја имате  да ги принудувате  оние поради кои е чист Охрид,  да заликуваат  на една одвратна реклама за канцелариски материјали. Не  е природно.

Не убедувате, да го прифатиме  сликањето за истиот случај од  страна на претседателот на општинскиот огранок во Охрид  од партијата на власт. Мотивот ист, само гардеробата беше различна. Бели мантили,  и  наместо метли, во рацете имаа контаминиран или деконтаминиран отпад. Никој не знае.

Не убедуваше потпретседателот  на најголемата опозициона партија за време на гостувањето во еден локален медиум,  дека локалната самоуправа на чело со градоначалникот работат со полна пареа. Само што тоа не сме можеле да го забележиме, поради тоа што истиот не бил доволно застапен во медиумите на централно ниво. За мало потсетување. Ние живееме во Охрид  и   не треба тоа да го слушнеме, видиме  од вестите.

И уште еден куп убедувања….

Не убедувате, дека бугарофил по дефиниција е човек кој не сака српски филмови и музика. Срамота. Сите ја знаеме дефиницијата за истото. Пребегнатите нема да ве погребаат политички, но внимавајте случајно да не си го направите тоа самите на себе.

Не  убедувате, дека е нормално  карневалот и навивачките песни  дека треба да се цензурираат. Базичниот проблем за ваквото навивање и инспирација за маски веројатно не доаѓа од учесниците. Тоа е рефлексија на вашата политика. И затоа немојте напразно да ги ставате учесниците во уста, кога вие самите со вашата политика така скроивте. Ние сите заедно навиваме и ќе навиваме, заедно ќе се смееме на маските и заедно ќе ја осудиме поделбата од секаков вид. 

Не убедувате дека еден водител кој истражуваше  марсовци, а сега има своја емисија каде што може да каже што сака е слобода на говор. Слободата на говор не кореспондира со говорот на омраза. Различно е.

Не убедувате дека сме во подобра економска позиција од Грција. Ако за компарација ја земете Уганда, ќе сме во уште подобра позиција. Логично. Бројките и фактите зобруваат дека насоката ни е натаму.

Не убедувате дека кафетериите се ваши работни кабинети, дека хепатитот  е задолжителен за време на дијализа, дека имаме помали даноци, дека немаме пренатрупана администрација, дека имаме ниво на политички дијалог и коректност. Ве гледаме секојдневно во кафетериите. Народот ве бира за да сте на своите работни места. Секојдневно пропаѓање на бизнисите не оди рака под рака со позитивна бизнис клима. Во министерствата и локалните самоуправи  одсновна дејност е потрошувачката на кафе и струја. Политичкиот дијалог кој го водите и на кој сме сведоци од “преносите во живо” е доказ за необразованоста и некултурата. И од двете страни.

Не убедувате дека имаме квалитетна парламентарна опозиција. Не убедува СДСМ дека неговите коалиционите партии  кои имат  по неколку пратенички места, а не постојат во нити една сондажа, па и макар со скромниот наш процент, се поважни од ЛДП. Погледнете ги анкетите. Ве разбирам. Зборувате за чувства, не за бројки.

Не убедувате да веруваме во новите магистри, доктори на
 наука, во трубо фолкерите,  во институциите, во службите. Плејадата на квази научници, експанзијата на она што го правеше нашиот северен сосед во деведесетите како и политичките затварања и нерасчистени убиства се фактите.

Не убедувате дека кампањата за локални избори треба да почне, а само што завршивме со парламентарните, и онака непотребно исфорсирани. Кога ќе работите? Веројатно никогаш.

Не убедувате во искреноста, а ја форсирате лагата. Не убедувате дека живееме достоинствено и квалитетно, но се чувствуваме поинаку.

Не убедувате дека, отапувањето на интелектот, ноевизмот и духовниот промискуитет од емоционален вид  се основни средства за преживување.  Е, за ова сте во право. Убедени сме.

Дејан Блажески
Либерално демократска партија

* Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.