“Некогаш моралот беше на повисоко ниво, образованието посолидно, политиката почиста, луѓето подобри и попаметни”

Ако веднаш  штом прочитавте си помисливте”ништо ново “, на кого тоа не му е јасно  потполно сте во право. Но ова не е дел од дневен печат  ниту мисла на современик.Ова се зборови изречени од устата на еден од најголемите комедиографи на сите времиња Аристофан. Во моментов не е битна неговата исклучителна биографија туку времето кога е ова напишано.Ни повеќе ни помалку тоа е во 5 от век п.н.е. Што ни говорат овие безмалку 26 векови разлика? Дали дека времето е немерлива категорија или дека човекот е непроменлива? По се изгледа и едното и другото.Онакви какви што сме немоќни да ги решиме проблемите во “наше време”постојано споредувајќи се со некогаш подобро и некаде поубаво, оставаме без белег да помине нашето ексклузивно право на живот. Притоа без насмевка на нашите лица даваме порака колку ми е тешко, се е за никаде, немам ова,  неможам она, темно е, бедно е и се така.

А на запад е тоа е веќе друга приказна. Ако имате уши да слушате слушајте ја,  јас останувам овде. Одсега натаму ова се однесува на мене и на оние со моја крвна група .Одамна сфатив дека да требало да живеам на друго место таму и ќе сум се родела. Тоа што моите први чекори се на ова парче земја мене ми дава за право истата да ја нарекувам своја. А тоа не е малку тоа е многу, најмногу. Тоа се познатите природни дарби растурени со сета раскош, или знајното”поле погледнеш или планина седге Божја е убавина”. Тоа е секојдневие исполнето со блиски луѓе и движење по улици кои по бројот на чекори ти се познати.

Не идеализирам знам дека планините ги уништуваат, дека блиските се малку на број,  дека улиците се полни со смет но МОИ се. Тоа право никој не може да ми го одземе. Зошто постојано сме оптеретени со убедувањето дека ние не вредиме а западот е непроценлив.   За парите ли е? Од кога тоа парите значат доблест? Значат моќ но не се семоќни. Ако грешам обидете се да ме разубедите во мојот став и одговорете ми зошто во семејствата на најбогатите има мистериозни убиства, депресивни самоубиства, бесмислени забави, дрогирани деца, неуспешни бракови, пријателства од интерес,  непријателства од завист? Чекајќи го вашиот јас ќе дадам свој одговор. Најверојатно затоа што доблеста не се купува. И се додека ги чуваме вистинските вредности сме се оградиле од нападот на западната долар смисла на живот.

Се плашам само од напливот на бришењето на колективната меморија кој сме? и зошто сме?..Да бевме паметни па да го прифатевме од таму начинот на работа зошто мора да се признае работаат и тоа не бираат работа, кај ќе ни беше крајот . А вака ги прифативме само душегубните дејанија. Кога прочитав дека децата со задоволство се маскирале за “Halloween “си реков зарем уште ова ни требаше. Ако дозволиме меѓу луѓето најчистите детски души да ја слават ноќта на вештерките со нас драги мои нешто страшно се случува. Ако сте крстени вие или вашите деца дури и ако сте припадник на било која друга монотеистичка религија ќе ви биде јасно дека не смеете да одите против себе. Барем не додека не ги срамните со земја Свети Наум,Свети Климент, Света Софија сите свети знајни и незнајни(да не даде Господ).Зошто не може да се биде христијанин и паган истовремено!   Зарем ќе видите некогаш будист да слави Божиќ, евреин- бајрам, муслиман- кинеска нова година? Никогаш!  На широка врата се разнебитуваме. За некој месец ние и преку анкети и со украсени излози ќе го славиме Св.Валентајн(намерно го напишав така ) а нашиот светец кој на дело ја покажал љубовта давајќи го својот  живот, Христа ради погубениот на 17 години свети Трифун ќе го нарекуваме пијаница.  Оној кој не е свесен за сопствените вредности и безусловно ги прифаќа туѓите наликува на дрво кое го витка ветрот во секоја насока. Оној пак кој има длабоки корени преку стеблото ќе даде плодови кој пет, кој десет,кој стотина. Ве молам да не бидеме вејки на ветрот.. Нашиот народ тоа се родови пред нас кои успеале да ја сочуваат својата посебност. Притоа никого не омаловажувајќи  а секого почитувајќи. Како што бојата на цветот и вкусот на плодот треба да се бараат во историјата на земјата така и особеностите   на народот треба да се бараат во неговите атавистички сили во историјата на неговите предци .Можеби ќе звучи излитено но вреди да се повтори” И најлошиот оргинал е подобар од најдобрата копија” .

Ирена Чакареска