Говорот е конкретно остварување на јазикот преку конкретен акт на комуникација и претставува индивидуална појава. Доколку се има предвид неговата моменталност и неповторливост, тогаш оној што говори, се обраќа некому, треба да биде потполно свесен за своите зборови, за нивната моќ на повредливост, односно за задржување на етичноста во говорењето. Преку говорењето, луѓето меѓусебно ги осознаваат мислите, чувствата, намерите на другиот, различен од себеси по особености, но ист по својството дадено со самото раѓање- да се биде човек.
Човекот сака да му се допадне на пријателот, се стреми пред него да биде добра личност, настојува со него да прават добри дела. Пријателството покажува како луѓето можат да бидат зближени и да градат блиски односи. Значи потребни се слога и единство. Почитувајќи ги туѓите вредности, обичаи, навики, Вие станувате личност со морално настојување, а на таков начин средината околу Вас, добива на значење. Секој тргнува од субјективните својства, определби, кои понекогаш се различни од тие на оној другиот, но треба да се стремите да бидат заеднички, сложни и единствени кон една единствена цел- човекољубие, состојба на добротворство, милосрдие, правење добри дела кон човекот, човечност. Нема ништо полесно од тоа да се измисли причина за омраза. На поинаквите од Вас, во етничка, верска, национална, па дури и во политичка смисла (бидејќи живееме во демократско општество), не зависно од искуството, не треба да им се припишуваат некои од општите човечки пороци и мани, а со што тие би можеле да бидат жигосани. Нема ништо понедостоинствено од: непристојноста (лошо дејствување, несогласност на дејствувањето со правилата на доброто постапување), неразумноста (безумност, неумно однесување, неводење сметка за сите аспекти на животот), неумереност (недржење средина, неправење рамнотежа, невоздржаност, дејствување со претераности), некоректност (неточно, неисправно однесување, непостапување според прописите, неводење сметка за позицијата на другиот). Решението за ова се состои во развивање на свесноста за другиот, различниот од Вас.
Нормите и постапките кои се однесуваат на другите луѓе се многу важни, бидејќи луѓето живеат со луѓе, секој мора да води сметка за луѓето со кои доаѓа во контакт, со кои живее и работи, со кои соработува, гради исто општество. Основните вредности кон кои мора да се придржува секој се: разбирање (имање осет за другиот), почитување (уважување, укажување чест некому), емпатија (сочувствување со другиот), љубов (наклонетост кон некого со чисти емоции), помош, лојалност, искреност, неповредување. При контактот со секој човек, субјектот треба да се води од овие вредносни правила, бидејќи како што рекол американскиот филозоф, Ралф Волдо Емерсон: „Единствен начин да имаш пријател е да бидеш пријател.“ !
М-р Лидија Размоска, педагог
*Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.