Денеска е понеделник, 13-ти август и уште од рано утро некакви проклети облаци со искинати, распарталени рабови се превртуваат по хоризонтот. Прилично е депресивно. Не сум нешто премногу в љубен во понеделниците а уште помалку во вакви луди понеделнички облаци. Плисоците што пред околу една недела ги истурија исти такви облаци, ги натераа нашите “драги туристи”, врескајки и пцуејки да го напуштат градот. Не можам да тврдам дека тоа не ми се допадна. Од разни причини. Па сепак, сето тоа ве прави некако тажен, затоа што знаете дека завршува сезоната на поуголи жени и доаѓа “сезоната на ајварката” која не ја сакам баш претерано. Дури и ја мразам, ако сакате да знаете. Сė на сė, жешкото, огнено лето овдека секогаш завршува со глупавата “ајварка”, што е прилично депресивно. Ви доаѓа да заминете некаде кога би можеле.

 Друго сакав да ви раскажам. Што се случуваше во периодот од последната колумна. Уште во првиот викенд во јули, пристигнаа првите бегалци од афричките горештини. Следниот викенд веќе беше неподносливо. Се враќав возејки према градот, а еден милион автомобили сулудо јуреа покрај мене, бегајќи од јулските жештини и проклетите пожари низ државата. Во градот стануваше прилично напорно. На сите страни беа расфрлани отпадоци и мирисаше на “лесковачка”. Ме депримираше, морам да признам. Сето тоа немаше некој ”шмек” и слично. Не лудувам многу по “лесковачка”, сообраќаен или човечки хаос ако сакате да знаете.
 
После два прилично неуспешни обиди да отидам на плажа и покрај сите надчовечки настојувања на моите колеги да ми ја доловат волшебноста на плажирањето, не бев баш нешто отепан од желба да бидам на исто место со милион други акмаци. Посебно ме депримира кога некој ја донел целата отепана зимница и доручкува, руча и вечера пиперки на плажа, а никаде не можете да добиете еден глупав ладен јогурт. Сето тоа ми изгледа некако изветвено и жално. Чувствував како да стојам на работ на некој избеглички логор. Многу чудна работа. Дури и езерото изгледаше неподносливо мирно, препуштено на сиот тој метеж во кој сé беше ужасно важно, освен самото езеро. Дури и имињата на неговиот брег ги сменија. Сани бич, Бисер бич… Немаат ли некоја посебна работа па смислуваат вакви идиотски бисери? Луѓе мои какви морони. Згора на тоа, требаше да биде нешто како посебна чест да се биде на тие проклети “бичови”. Би се обложил дека мал милион акмаци секој ден по три пати јадат ајварка и евтини салами и плаќаат да бидат таму, замислувајки дека се некакви бисери. Некако ми е жал за езерото. Према него сите овие морони се чувствителни колку и кантата за ѓубре према одпадокот. Луѓе мои, кулминација беше кога еден кретен, во сета таа лудница, го видов како вози ХАМЕР. Каков морон. Убаво можеше да се замисли какви сé пречки во развојот има доживеано ваков еден идиот.
 
Сė на сė, од сето тоа бев толку проклето отепан, што одлучив да се посветам на развиканите “културни настани” во градот. Не дека сум нешто многу залуден по балет или опера ама Античкиот театар со сета своја патина, понекогаш може да ви ги разблажи депресиите и провинциската меланхолија. Тој Спартак беше прилично добар на отварањето. Не сакам да кажам дека беше фантастично или слично. Мразам такви претерувања.Се гледаше дека луѓето, Спартак, Римјаните и останатите, вложиле невиден труд да ја изведат својата сточасовна претстава на минус десет целзиуси. Малку ми беше и жал, посебно за членовите на навистина добриот оркестар. Можеби и немаше да ги фати зимата, да не беа толку долгите воведни говоранции.
 
Следното на што отидов беше старата Барбара Хендрикс. Мислам, не беше така млада како на фотката од фестивалскиот информативен леток. Со неа свиреше и еден музички квартет од Шведска. Овојпат се накачив нешто порано на Антички кој што беше полупразен непосредно до пред почетокот на концертот. Погледнав попатно на оние големи камени степеници. Убаво се гледаше дека допрва треба да пристигнат сите оние безброј снобови кои своето присуство секогаш го врзуваат со присуството на некопја величина, славна личност или нешто слично. Не вреди на таквите да им кажувате дека на џез –блуз не се оди со БМВ или џип Гранд чироки, во балкански вечерни тоалети и слични паланечки ордевери. Сė на сė, старата Барбара беше навистина добра, а ние околу саат и половина бевме црни и осамени, заедно со Били Холидеј, Елингтон, Гершвин и сите тие фаци. А и оној саксофонистот во групата, навистина умееше да свири. Толку беше добар што речиси беше неподнослив. Можам само да замислам колку ќе беше подобро старата Барбара и оркестарот да ги слушавме седејки во некој Њу Орлеанс клуб, зачаден од кубански пури со чашка пијалок, наместо свиткани на оној камен, петти ред одоздола.
 
Во меѓувреме до лудо најавуваниот голем проект на МНТ – ни се случија пожарите и кризната состојба, температури од над четириесет и нов бран на “гости”. Мислам дека повеќе не знаевме дали се тоа “гости”, туристи, бегалци од жештините и пожарите или нешто друго. Не е наша  вина. Нашите национални телевизии не се во состојба линковски во живо да емитуваат никаква проклета снимка за состојбите во Битола – едно две илјади километри од Скопје -, ама затоа ударно ќе ве известат дека некој луд дедо на седумдесет и четири години силувал некоја баба од осумдесет години. Невиден настан, нема што. Такви секого би го упропастиле, само ако им дадете можност. Од сето тоа повторно се чувствував бедно и потиштено па малку фалеше да го замам ранецот и засекогаш да заминам.

Не сум сигурен колку траеше сето тоа пред да се случи “Соларис”. Од таа претстава во најавите се правеше вистински циркус. Се очекуваше да си ги исечете глупавите вени или нешто слично ако не отидете да ја гледате. Бидејки немав некоја особена желба да извршам самоубиство и покрај мигрената што цел ден ме мачеше, вечерта се искачив на Антички. Убаво се гледаше дека уште еден милион други веќе заседнале на каменот. Ја гледав извесно време сцената која изгледаше прилично коцкасто, пред да се сместам на еден дел од сидините. Тоа се оние урнатини на Антички кои служат како помошни места за седење. Неколкупати дури и морав да им помагам на некои чудаци да се искачат на сидот. Тогаш претстават почна и … Беше најздодевната звучно – визуелна проекција што некогаш сум ја гледал. Некаков чуден глас во проекцијата уфрлаше некакви “силни” размисли. Фигури со чудни цуцли се шетаа по коцките. На еден дисплеј се објавуваа некакви фазони на македонски па потоа на англиски јазик. Десно од мене седеа две девојки со чуден изглед. Најсмешно беше што едната, на англиски редовно и преведуваше на другата што пишува на проклетиот дисплеј и покрај тоа што следуваше превод на англиски на дисплејот. Не знам зошто, некако ми беше жал за нив. Тоа навистина ме дотолчи. Не знам зошто не си заминав од тука. Во меѓувреме “претставата” продолжуваше. Аудио – видео техничарите упорно ги уфрлуваа сите тие глупави снимки, звукови, пораки и уште еден куп други фазони на коцките. Ми дојде да вриснам на цел глас дека Кјубриковата “Одисеја 2001” е снимена уште пред едно четиристотини години, “Војната на свездите” пред триста, дека за свездите и вашето место под нив многу повеќе ќе научите набљудувајки една мравка како го тркала својот плен, дека звучно–визуелната психоделија на Пинк Флојд нé разнесе по работ на проклетата вселена пред векови … ама ме фати некоја мачнина. Од такво нешто навистина може да ве фати мачнина. На крајот дури морав да го слушам она мноштво луѓе кога сето тоа заврши. Ракоплескаа и се клештеа како оние луди космонаути на сцена. Еден од екипата на техничари дури и падна во делириум па само повторуваше “Браво”. Беше доста дволично. Мислам, ретко кој мислеше дека гледал нешто феноменално. Долу на сцената се поклонуваа екипата и актерите, некако дволично, наводно скромно. Луѓето секогаш ракоплескаат на погрешни работи. На оние работи што ве фрлаат во бесознание со убавина или нешто… не можете да ракоплескате. Само останувате некако неми и спокојни. Не би ни знаеле колку траела претставата или нештото.
 
На крајот си заминав од таму. Луѓе мои како би отишол на некој концерт на Флојд или нешто слично.

Горан Мицкоски