Ако, како метафора за кризата која непрекидно на овие простори трае веќе една и пол деценија, ја земаме болеста – лесно ќе заклучиме – користејки се со медицинска терминологија, дека таквата болест успешно би се излечила (претпоставка доколку самата болест е излечива).

Најпрвин е потребно болеста да се открие, да се опише текот на болеста нејзините сомптоми, причината, приридата и можностите за лечење. Очигледно е дека ние и како поединци и како заедница се наоѓаме во една фаза во која што веќе дефинитивно сме ја прифатиле вистината за болеста т.е. кризата и со истата се навикнавме да живееме. Она што мене ме фасцинира е дека тоа наше прифаќање го правиме со многу поголема готово фасцинантна граѓанска толеранција, отколку што би можело да се претпостави и фактот што прагот на издржливост на поединецот и колективот во нашето општество е скоро неверојатно еластичен.
  
Реалноста станува до тој степен мачно невозможна, што ми се чини дека на сите нас ни е потребна се поголема количина на лична фантазија или лудило, како би можеле ваквата реалност “да ја разблажиме”.
 
 “Неподносливата леснотија на постоењето” овдека и околу нас, ја достигнува својата проклета кулминација. Не дека до сега сме живееле во некаква просветлена реалност или дека во нашите приватни животи сме се давеле во некакво изобилие, меѓутоа ниту најголемите проклети авторитети, ниту најистрајните садо-мазо-ентузијасти, не можеа да сонуваат дека во 2007 ќе се будиме и заспиваме со истиот степен на мачнотија како и пред шеснаесетина години.
  
Не дека сум нешто посебно намќор тип, опседнат со мрачни мисли па да врискам дека сме закопани во кал и дека за нас нема надеж! Ако ме прашате не би рекол и дека се чувствувам како некој изгубен во сето ова што ни се случува. Не сум се чувствувал така дури ни за време на онаа луда кланица во Босна во која се затекнав како новопечен слободен новинар, во текот на 90 – 92 година и од која едвај ја извадив проклетава глава во едно парче. Беше тое еден прилично глупав престој во еден тотален мрак, во кој смртта се претвори во најбанална статистика. Па сепак, онаа “ Неподнослива леснотија на постоењето” е концепт, состојба на духот која функционира дури и во услови на така проклето глупави работи како што е војната.
  
Од сето она што во практицирањето на власта, како на претходната така и на сегашната е евидентно, тоа е секако свеста или фактот за ваквата граѓанска толеранција на кризата, во прв ред економската, а потоа и ерозијата на сите општествени норми и вредности, како и на веќе споменатиот праг на издржливост на една нација или заедница, па оттука и самата стратегија на доаѓање на власт на носителите на политичките процеси  како и самото практицирање на власта.
  
Нашата криза би можела сликовито да се опише како ситуација во која што “ниту може да се живее ниту да се умре”, т.е. како дисфункција на економскиот и општествениот живот која може да се одвива во недоглед, а системот се повеќе се приспособува да функционира на пониско и пониско ниво на ефикасност.
  
На едно подлабоко или скриено ниво, клучен фактор или причина за кризата е тоа што носителите на власта не успеаја да пронајдат и реализираат правно-политички и економски проект, кој што би можел да ги задоволи интересите на поголемиот слој на граѓани на Република Македоноја, при што сите нас не третираат како да сме глупави заморчиња во еден експеримент кој што од самиот почеток е погрешен.

Експериментаторите пак очигледно се во некоја проклета паника и затоа по секоја цена настојуваат да го дефинираат својот експеримент час како национално-политички препород, час како евро-нато-мазо ориентација, а сė ми се чини дека се работи за чиста политичка порнографија со ефтини провинцијални актери и карактери. Да!, имам некое глупаво чувство дека повторно сме на некаков ГРАНДИОЗЕН почеток, дека повторно се служиме со јазикот на проклетата омраза насекаде околу нас, дека нема за што да се подзакрепиме, да добиеме малку време толку потребно да ги изладиме нашите примитивизми, фобии и страсти кои што полека но сигурно не убиваат. Цели генерации!

Ваквото чувство се повеќе ме подсетува на состојбата на духот со која се соочувате во време на војна: бидејки за вашето тело е неподносливо непрекидно да реагира на секој звук на испуканите куршуми, ја учите првата лекција на проклетството на воениот апсурд – КУРШУМОТ КОЈ Е НАМЕНЕТ ЗА ВАС – НЕМА ДА ГО СЛУШНЕТЕ!

Горан Мицкоски
(авторот е новинатр и публицист)
[email protected]