Нема труд во кој што не постои некој облик на проституција. Разликата: во наши услови тоа е доведено до степен на чиста порнографија (за минимални егзистенцијални средства, без работно време, без било какво осигурување, без слободно време да се посветите на оние кои снимаат видео клипови во училниците а потоа ги изложувате на столбот на срамот…ВАШИТЕ ДЕЦА).
Нештата, за кои што фамозниот полов или “сексуален” одгој во училиштата зборуваше само тивко и со огромна доза на срамежливост, стана главна содржина на мобилните телефонски апарати на тинејџерите. Уште до вчера, родителите, наставниците и другите “надлежни и помалку надлежни”, сметаа дека имаат ефикасен надзор и право на цензура на сето она што наивното потомство може да го затруе – преку малите екрани или стручни списанија – а сега дојде такво време на децата да им ги затвораме очите пред насловните страници на високотиражните дневни весници или во време на елитните телевизиски термини, кога водечките коментатори емитуваат порнографски снимки со малолетници!! АЛО!!! Тоа е чист воаеризам.
Феноменот на малолетничката порнографија (како што кај нас му ја залепија етикетата)– во последно време, во нашиот социјално-историски ХАБИТУС и “духовната ситуација на времето” (K. Jaspers), многу повеќе доби конотација на акутна социјална патологија, како деликвенција и изопаченост, а многу помалку како она што всушност е: возвраќање и исполнување на сеопштите недостатоци и очекувања па и сексуалните, во еден глобален простор кој што претставува слика на еден рај во кој што би биле заситени сите наши желби. Слика која се наоѓа под нашата постоечка или потенцијална беда и која може да се сруши врз секого од нас (немаштина, нереализирана амбициозност, теретот на потиснати желби, семејната досада, градската самотија, генерациската отуѓеност), од една и (раскошноста на блискиот билборд, гламурот на богатите и медиумите, либералноста на технологиите) од друга страна.
Егзибиционистичкото, (порнографско за моралистите), задоволување на сексуалните потреби во училницата, само ни открива една помалку видлива меѓутоа од нашата “духовна ситуација на времето” неодделлива беда – тоа се очајните обиди да се надомести “НЕСООДНОСОТ ПОМЕЃУ НАШИТЕ ЖЕЛБИ И НАШИТЕ МОЖНОСТИ” (Русо). Патетичните обиди на училишната младина, да се покаже – да проговори ДЕКА Е ТУКА! И дека сеуште не исчезнала од овој транзиционен простор.
Поедноставувањето пак и редуцирањето на феноменот порнографија, на едно генерациско ниво и детерминација, претставува само пример на социјална мимикрија и демагогија. Секако дека можеме (не само порнографијата туку појавите воопшто), лицемерно да ги лоцираме кај оваа млада популација, да шириме лажна искрена свест, да носиме итни министерски декрети и други фермани само и во име на НАШАТА ПОВРЕДЕНА МОРАЛНОСТ, сметајки дека со тоа сме кажале сė она што е важно за општествените појави и со тоа ДА СИ ЈА ОЛЕСНУВАМЕ НАШАТА МАЛОГРАЃАНСКА СОВЕСТ. Ваквите врискотници кои што порнографијата (а секако тоа важи и за голем број на дуги социјални појави) и нејзиниот извор сакаат да го лоцираат на младите и само кај младите, за мене пред се претставува малограѓански лицемерен обид да се докаже дека ПОРНОГРАФИЈАТА ЈА НЕМА ВО ДРУГИТЕ ОПШТЕСТВЕНИ СЛОЕВИ ИЛИ ГРУПИ или пак дека тоа како појава не се шири и не започнува од таквите слоеви или групи!
Дали е навистина така? Дали ваквите лажноморалистички “теории” имаат покритие во нашата фактичка реалност?
Порнографијата во современото општество, без оглед на најразличните високодизајнирани и стилизирани пакувања, всушност претставува најразвиен и најраспространет “код” на визуална комуникација. Денеска буквално не можете ниту зелка на пазар да продадете без реклама која барем асоцијативно не ве наведува на порнографско (во најблага форма сексуално), поимање на нештото. Асоцијативната сексуалност или скриената порнографија, буквално ви го продава: вашиот годишен одмор, мебел, облека, сапун и милијарда други “нешта”. ТАА, целокупната телесна присутност нė преплавува, нė надминува, нė маѓепсува на секој чекор. Сликите ги заменуваат нашите отсутни суштества! Сите тие тела со својата “необична материјалност”, со своите непредвидливи мириси, квалитет на кожата, насмевки, движења кои се граничат со нашата фантазија – не ни оставаат доволно сигурност или спокојство. Да се гледа “порнич”, тоа некогаш значеше да се прелистуваат еротски списанија, да се “палите” во самотијата на третокласни киносали на суштества што ги изумила или произвела личната имагинација. Денеска е тоа градскиот билборд или примениот видео клип на вашиот мобилен телефон.
“Ако ме сакаш, треба да кажеш
Треба да ми ги докажеш
Своите возбуди
Треба да ми го докажеш своето лудило
Љубов моја…” (Деснос)
Марксизам – проституција – порнографија
“Проституцијата е само посебен израз на општата проституција на трудот” (Капитал – Маркс/Енгелс).
Капиталистичкиот пазар (во денешни услови веќе глобален), се одликува со тоа што “работникот” е слободен и тоа од двојна гледна точка: слободен да располага со својата работна сила како со сопствена “стока”, меѓутоа и “слободен од сė, потполно лишен од предмети нужни за реализација на неговата работна способност” (Капитал-Маркс/Енгелс), до таа мерка оставен без средства, толку слободен што е принуден да го продава своето тело како би можел да се избори за право на живот. За да постои ПАЗАРОТ, телото мора да се здобие со својство на “стока” и поголемиот број на поединци да нема друго ништо за размена освен таа “стока”. Ви се чини дека ја препознавате нашата “духовна ситуација на времето”?? Да ја продолжиме марксистичката анлиза.
Да се има за своја сопственост единствено својот организам, неговата вредност, снага, способности или убавина; истото да се отуѓува во фабрика, канцеларија или ноќен клуб; да се става на располагање на купецот за, како надоместок да се добие ПЛАТА: тоа е состојбата во која што капиталот ја доведува огромната маса на оние кои му се потчинети.
Нема труд во кој што не постои некој облик на проституција. Разликата: во наши услови тоа е доведено до степен на чиста порнографија (за минимални егзистенцијални средства, без работно време, без било какво осигурување, без слободно време да се посветите на оние кои снимаат видео клипови во училниците а потоа ги изложувате на столбот на срамот…ВАШИТЕ ДЕЦА).
“НИЕ ГО ПРОДАВАМЕ СВОЕТО ТЕЛО, КАКО И СИТЕ ДРУГИ” – ќе ви кажат проститутките – независно дали телото се продава на тротоар или во луксузна хотелска соба.
Занимање: Курва. Кратко и јасно – еден од начините да се заработат ПАРИ- мерилото на сė околу вас. Нема убави и глупави занаети – има само помалку или повеќе пристојни плати.
Капитализмот, драга господо, не се задоволува со тоа да го интегрира работникот, во производниот процес. Тоа би значело на работникот да му се остави премногу слобода над неговата “слободна дејност”. Тој немилосрдно ја наметнува и потребата работникот да се ослободи и “од својот труд”, да му се одземе секаква сопственост или надзор над неговите методи.
Може ли да кажеме “Јас работам”? ДА, кога говориме за времето поминато во фабрика или во канцеларија. НЕ, кога е во прашање содржината на дејноста.
Што е модерност? “моментот кога секоја курва може да каже јас работам, а секој работник јас сум курва. (А. Брикнер)
До каде стигнавме? Училишната сексуална безгрижност, како дел од комплетниот порно спекаткл, за никаква цена, на сите му дава право ДА ВИДАТ Сė! Да гледаат и ништо друго.”Единствено општо (глобално), денес е ДОСТАПНОСТА НА СПЕКТАКЛОТ” (Брикнер). Сценската поставка на сите перверзии е ГЛОБАЛНА, а во суштина сето тоа оди на рака само на глобалниот ВОАЕРИЗАМ.
“Традиционалните моралисти и борци, кои ја познаваат само техниката на наметнување на правила со некакви политички средства или постапки, без колебање обзнануваат некаква погубна мистификација” на тинејџерскиот порно спектакл.
ГЛУПАВО и БЕЗ ВРСКА: порно филмовите редовно и со видлива нагласеност на тие исти млади популации, им прикажуваат богати и безгрижни луѓе кои целото свое битисување го посветуваат на УЖИВАЊЕ.
Наместо да се разоткрива сложеноста на нашето општество во неговата ЕКСПЛОАТАТОРСКА РЕАЛНОСТ И ПОРНОГРАФИРАЊЕ НА ЦЕЛОКУПНИОТ ТРУД, во реакциите на нашите борци се развива еден сосема лажно-моралистички и нереален свет. Накратко, ТИЕ ЈА ТЕРААТ ЈАВНОСТА ДА ПРИФАТИ РОГ ЗА СВЕЌА!
Излегувајки од илегала со помош на модерната технологија (не дека такви работи немало и порано – само што немало мобилни телефони со камери), сексуалните авантури на младите (тие стануваат порнографија во моментот кога со помош на визуелната технологија се ОБЕЗБЕДИЛЕ ВОАЕРИ),ја привлекоа целокупната јавност, ги возбудија сите морални дискурси и “авторитети”. Овие пак, се разврескаа со жестокост и страв, дотолку поголем зашто приемот на кој што наидоа “клипчињата” само го уништи впечатокот за НИВНО БИЛО КАКВО ВЛИЈАНИЕ врз појавите и ги СОТРЕ нивните малограѓански предубедувања за моралот.
Она што во сето ова е фасцинантно: КОЛКУ Е САМО ДЛАБОКА И ЦИНИЧНА РАМНОДУШНОСТА НА актерите на “тинајџерската порнографија”, спрема сите општествено-морални дискурси и авторитети кои ГИ ПОВРЕДИЛЕ, РАЗОРИЛЕ ИЛИ ГИ СОБЛАЗНИЛЕ!!!!
Горан Мицкоски
[email protected]