Деновиве се појавија спотови со кои се пренесува порака „Ти си лицето на твојата земја (од туризмот добиваме сите)“ или „добри домаќини, за подобар туризам“. Зад нив е потпишана Владата на Република Македонија, што значи се снимени со „народни“ пари. Според слоганот, претпоставувам дека идејата е да се подобри однесувањето на Македонците за да имаме повеќе туристи.

Содржината на овие спотови е позната – пародија на трагично починат национален херој на Австралија кој како налудничав шета и ги провоцира сите околу себе со идиотско однесување кое што претпоставувам се третира како нормално, со цел да се прикаже дека во Македонија луѓето се нељубезни и непријателски расположени кон странците.  Посочувајќи дека одредени категории луѓе се „ендемски видови“, се сака да се покаже дека единствено кај нас и никаде на друго место странците се недобредојдени (зборот ендемски се користи за нешто што е карактеристично за, или го има само во одредено место ). Бидејќи сето тоа е направено на англиски јазик странците веќе го виделе или ќе го видат, па уште пред да не посетат им се пренесува „убава“ порака дека е поарно да не доаѓаат без претходен „тренинг“ затоа што властите не можат да обезбедат спроведување на законите што претходно ги донесле (пример Закон за заштита од бучава во животна средина).

Мене ме интересира дали нарачателот на спотот направил некакво истражување за тоа колку странските туристи се (не) задоволни од однесувањето на Македонците, па врз основа на тоа е лоциран проблем што ни го „кочи“ туризмот или само претпоставиле дека сме лошо расположени кон странците?

Пред неколку месеци, како дел од еден научно истражувачки проект, со моите колеги од Здружението „Е КУЛ ТУР“ и во соработка со неколку хотели, туристички агенции и туристички водичи спроведовме едно истражување за тоа како странците не доживуваат пред и откако ќе не посетат (попрецизно, истражувањето се однесуваше за Охрид, но и спотовите повеќе алудираат на Охрид како туристичко место). Резултатите беа сосема спротивни на она што е презентирано во спотовите. Само за илустрација, најголемиот дел од странските посетители (45%) прв пат за Охрид слушнале преку лични контакти и пренесените позитивни искуства ги мотивирале да не посетат. Многу важно за нас е тоа што речиси сите анкетирани странски туристи повторно би го посетиле Охрид (91%), а како најголема причина за тоа ја наведуваатљубезноста на локалното население и добрите туристички услуги. Како најголеми проблеми од страна на странците се идентификувани: инфраструктурата, локалниот сообраќај и хигиената. Тоа се главните сегменти за кои треба да се снимат серија спотови како се доаѓа до Охрид по оштетени патишта, купиштата ѓубре што ги има долж пан-Европскиот коридор 10 (пример пред тунелот кај Битола), недовршениот коридор 8, лошиот летен сообраќаен режим и проблемот со паркиралиштата во Охрид, преизграденоста и лошата (не)урбанизација во Охрид и на многу места низ државава, непостоење јавни тоалети … и многу други причини за лошите туристички резултати.

Странските гости не’ почитуваат и не’ доживуваат како љубезен и гостопримлив народ и добри домаќини. Според мене, лоша е идејата да се прикажуваме себеси спротивно на тоа. Се согласувам дека има и такви кои со своето однесување му штетат на туризмот, меѓутоа Македонија не е изолиран случај туку тоа го има насекаде по светот. Не треба да се трошат пари за креирање лоши стереотипи за Македонија и со „ендемска туристичка промоција“ да го оттргнуваме вниманието од вистинските проблеми што влијаат деструктивно на развојот на туризмот.

 
П.С. Оние што сакаат да ги видат сите резултати од спроведеното истражување може да прочитаат тука.

Александар Трајков,
Факултет за туризам – Охрид

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни  се ставови на авторите и редакцијата на ел. весник не сноси одоговорност за содржината на истите.