(Пишува Дим Дон, еден од вас)
Најпосле: Енциклопедија! Браво за Македонија! Браво за Македонците! Браво за живите, но и за покојните, особено за жртвите на сите досегашни системи и систематизации. Браво за академиците и за помошниците; за печатарите и за продуцентите; браво за редакторите и за промоторите!
Редно беше, време беше: за нашата историја – наши да пишуваат; за нашето минато и за нашата сегашност – наши и сегашни да пишуваат. Редно беше да се напише нешто вистинско кое ќе ја прикаже вистината во вистинското руво, а не облечена по комшиски, по добрососедски, по (божем)европски или по (про)американски! Македонија е стара и старозаветна земја. Македонија е преполна со бурна историја низ која минувале и со која аминувале и ”турско и каурско”. Македонија е земја за која се пазареле и која ја зулумќареле и ќоро и сакато, и кадро и некадро. Таа Македонија била сон и дел од историјата на секој душманин и комшија што за оружје се фатил. И во таква Македонија немаше македонски академици и немаше македонски учебници и енциклопедии. Таа и таква зависна и поробена Македонија сите ја сакаа и никому не пречеше. Денес, Македонија е слободна, самостојна и демократска земја. Рамноправна е членка на Обединетите Нации. Сега Македонија е силна и своја. Сега Македонија има своја Македонска Академија на Науките и Унетностите! Во неа сепак има место и за Народностите! И затоа сега е време (кога, ако не сега?!) да пишуваме сами и без диктат и без диктатура на билокојси, на едикојси, на којидаси! Време е и време беше Македонија да запише и да остави траен Документ за својата историја видена со голо око и со вистинскиот диоптер од вистинското и автентично македонско гледиште. А кога се работи за вистината, разбирливо е тоа некого и да го погоди. И да го разобличи. Да го претстави онаков каков што е и каков што и самиот се познава (иако не признава!). Кога се работи за вистината, а во ваквите книги-енциклопедии и мора да се претстави вистината, треба да се знае кој е волкот, а кој јагнето, и кој е прав, а кој крив; и кој кому му ја мател водата,кој кому ја запирал водата и кој кому му ја одземал слободата! Треба еднаш да се знае и да се каже – И ДА НЕ СЕ ПРЕМОЛЧУВА – кој кому и кој со кого против Македонија кодошел, обучувал и војувал; кој со кого од зад ровови бели чаршафи веел. Треба да се знае сега и засекогаш: кој каква и чија песна пеел!
Да се разбереме: Енциклопедијата е книга со историска и научна вредност и е од важност за една нација или за една држава. Но (секогаш погледајте во НО!), таа книга е сепак само книга која ја напишале или ја составиле и редактирале група на уметници, историчари и научници , во случајов, академици. Енциклопедијата не е деловник, ниту правилник, ниту закон, а најмалку Устав. Ециклопедијата е збирка на трудови и факти, а не е збирка на укази, закони и законски одредби. Енциклопедијата не е политички манифест кој треба да повикува на соживот и на толеранција! Енциклопедијата не е евро-прашалник кој треба да го пополниме според теркот и желбите на Она, на Ова(к) или (На)Тоа. Тоа е книга во која, конечно Македонците треба сами да си ја пишуваат својата историја, својата вистина, заснована врз вистински научни и историски факти! Не ли е доста од тоа да бидеме само на маргините од досега објавуваните енциклопедии; не е ли доста да бидеме изземени и како нација и како име од сите (добро)соседски Книги и Китапи, а да бидеме внесени само во некакви Големососедски Географии и Истории?! Не се ли доволно и не е ли доста од рамковни договори, од преговори, од олеснувачи кои ни ја отежнуваат нам и само нам слободата и живеачката. Не е ли доста да ни се нудат посредници и батиња за да не одбранат. Доста е! Доста е батиња, не бранете нè, ве молам! Македонија е и варена и печена, и тепана и крвавена, и до гола кожа крадена и соголена. Но доста е веќе паѓање на колена! Доста е веќе “носење кубури за црни времиња”! Македонија е полнолетна и има дозвола за носење оружје и никој не смее да ја заплашува или да ја условува со “еунатоисадосојузи”, со враќање во планината, со палење на знамињата (Леле, мори мајко!?) Македонија е сојузник со Вистината и со Правдата – со Божјата Правда и Вистина. Таа го знае патот до Победата и таа го изодува стоечки и стоички тој Доголготски пат. Македонија сама и со вистински аршин ја мери историјата: ни по српско, ни по бугарско, ни по грчко ни по качачко, ни по турско – ни по арнаутско. Вистината е една и единствена и таа не треба да се сокрива, оти кога-тогаш, срамот сам се отскрива и со ништо привидно не се покрива! А, соживотот не се гради со лицемерие и со недоверие. Соживотот не се гради со уништување на македонски животи, со палење на цркви и домови! Соживотот не се гради со мартовски, мајски или рамковни договори. Соживотот не се гради со посредници и мировни совети. Соживотот не се гради со уцени и со закани! Соживотот се докажува, се покажува на дело, но не со пушка и кашикари, туку со заедничка песна и со заедничка свадба, со давање-земање; со алаш – вериш! Доста се лажевме и доста се лажеме! Тиквата ни е пукната. И чинијата ни е со плунка залепена, оти ја испокршивме и оти лепакот не ни држи. Ама – ич!
Ако сме за соживот, ајде да го оставиме нелегалното оружје, ајде да го развееме знамето на Република Македонија и ајде патриотски да навиваме за Македонија, спортски – без секири и мотики; ајде да ги оставиме слушалките и преведувачите и да разговараме братски и комшиски со кафе-муабет, со топла ракија или со топол чај. Да си ги почитуваме различностите и верите и себапите, и свадбите и сунетите. Ајде да ги оставиме суетите ! И да ги оставиме оние што пишуваат за историјата, да не ја искривуваат; оние што се огрешиле да не ги прославуваме, а оние што праведно се жртвувале, да не ги запоставуваме! Енциклопедијата не е Библија и не е Куран за да не се надгради со нови научни сознанија и факти, но и ваква кава што е, и таква е за почит, оти има преку девет илјади одредници, девет илјади поими и преку пет илјади илустрации поврзани со нашето долго историско и цивилизациско минато, со нашето заедничко минато. И затоа, Енциклопедијата од ваков формат заслужува да биде фактор за хармонија, толеранција и соживот со сè што е вистина, со сè што е вистински случувано низ историјата, без сокривање и искривување, без лажно ликување и додворување. Можно ли е да има неприфатливи факти, нека, но тие не се бранат со протести и со бојкоти и условувања, ами со контрафакти и контрааргументи. Така се побиваат првоизречените вистини, ако не се вистина. Затоа, прво аргументите со кои ќе се спротивставувате, на маса и на вага: да се споредат и измерат – со вистински аршин! Дотогаш, молам, без навреди и омаловажувања кон академиците, кои, за среќа, успеаја на македонскиот човек, на македонски јазик, да му ги преточат и предочат вистинските научни факти за историјата и културниот и цивилизациски развој на Македонија и на македонскиот народ.
Рака на срце, и јас, како Македонец и како потомок на Древните Македонци, не сум задоволен од некои нивни намерни пропусти во генезата на Македонците, ама за тоа ќе се трудам со приложување на факти да дополнам нови прапочетни страници и одредници во новата, навистина семакедонска и комплетна енциклопедија. Сепак, македонските академици не се “сенилни старци”, како што непромислено изговори некој од нашите “над 20%”. Македонските академици не заборавиле, туку оставиле можност, во тоа сакам да верувам(!), да не се долева масло на огнот и да не се опожарува патот до Европа и до НАТО, барем до нашиот фамозен прием; македонските академици, верувам дека се вистински мудреци; дека не се партиски портпароли и полтрони, ами патрони на една врвна и завидна институција чии умови, трудови и судови ќе имаат историска вредност и веродостојност! Македонските академици имаат и света должност да ја претстават вистинската македонска историска наука: без фаворизирање, без теоретизирање, и ве молам, без словенизирање!
Да оставиме на нив и на научните факти да ја дополнат и комплетираат досегашната вистина за културно-историскиот и цивилизациски развој на нашата татковина. А, за сеирџиите и за сите други спомнати во преамбулата една патриотска замолница:
Не туркајте ја Македонија во уште еден услов за евроатлантските интеграции. Не барајте изговор, за посакуваното одложување на влез во ЕУ и НATO, да биде секој нов настан во кој вие, или тие – другите, почитувани сограѓани, не сте биле застапени со над 20%!
Ако Македонија е Ваша Татковина и Ваша Мајка, и ако Независна Република Македонија е Ваша Држава, тогаш не се плашам да Ве поканам: ајде заеднички да го бакнеме македонското државно знаме, ајде заеднички и простум да ја испееме македонската химна и да ја браниме Македонија; заеднички да ја градиме и зацврстуваме и што поскоро да ја обединиме со Европа!
За Наше Заедничко Добро: MACEDONIA, E VIVA! Да е жива!
П.С. И јас очекувам да се надгради и надополни, па и нешто да се измени во Енциклопедијата, особено делот во кој јас, Македонец по крв и по дух и потомок на Древните Македонци, сум спомнат како дојденец од зад Карпатите. Остро протестирам поради тоа и се колнам дека нема да прифатам да ме нарекуваат Славомакедонец или Словен дојден од зад Карпатите. Господ нека ми е сведок пред Древната Вистина. АМИН!
на Здружението на граѓани
РОДОЉУБИ СВЕТИ ИЛИЈА