Ќе ми каже ли некој каде им е “внатрешниот суд” на овие луѓе, зошто толкава лакомост на едно место?. – Зошто политиката треба да подразбира играње со приказни?- Тоа се сепак, човечки приказни.
Подготовката за локални избори во нашиот Охрид без липи, но со дупки, со пренатрупана администрација, но со многу невработени, пластично изгледа вака: да се изгласа буџетот по секоја цена, да се искористи еден од најголемите христијански празници за своја промоција, да се шпекулира со имиња на потенцијални кандидати, да се внимава што се изјавува, да се глуми голем хуманитарец, да се прават чудни симбиози на левици, десници, центар, забавњаци, народњаци, да се праќаат потрчковците за лажно да ветуваат, а доколку тоа не им успее, почнуваат да се закануваат.
Ние успеавме да го фатиме и сфатиме локалниот автобус, локалниот интерес, локалниот бизнис, локалниот туризами но никако да го фатиме и сфатиме (не) локален Охрид. Направите план за Охрид, а не план за колку гласови ќе имате. Имајте на ум господо, дека има луѓе што влегуваат во политиката со цел да ги подобрат работите, а не за да се збогатат, но поради нечиво однесување никој не им верува.
Сите ние треба да се заложиме да ги пронајдаме скриените, да ги направиме тивките гласни, да им отстапиме место на поквалитетните од нас, да ги прифатиме “непослушните” и сето тоа со единствена цел – ДА СЛУШНЕМЕ ДО ПОДОБРИ ИДЕИ ОД ОНИЕ КОИ КРУЖАТ МЕЃУ ПАРТИСКИТЕ ЅИДОВИ.
Зошто понекогаш не разбирате колкав товар од минатото носите на својот грб.? Зошто ви треба време да разберете дека добиениот мандат не значи и победа. Знаете ли каква порака праќаме? Сфатете дека победници ќе бидете тогаш кога возачите ќе бидат во возилата, обезбедувачите пред вратите, преговарачите на масите, младите на работа, пензионерите во пензија, визионерите во својот филм, криминалците во затвор , ѓубрето во контејнерите, урбанистичиот план во служба на градот, Охрид во понудата на странските туристички агенции, итн. итн. Многу е едноставно, само треба да имате желба и најважното:- претходно да не сте ја продале душата на ѓаволот.
Охрид не смее да биде колатерална штета на нашите политики. Колку ли ќе бевме среќни доколку се изгледаше како градот од скапата реклама на СИ-ЕН-ЕН. Понекогаш, колку и да ни се чини чудно и тешко потребно е да соработуваме на темите Охрид. Во меѓувреме сакам да превенираме од” чудовиштата” кои излегуваат од езерото пред секоја сезона, да не ги делиме работите на задачи на централната или задачи на локалната влас, да не ги кршиме копјата на грбот од градот, и, конечно да побараме одговорност прво од самите нас па после од останатите. И за воља на вистината да признаеме дека сепак некој мора да понесе поголема одговорност.Тоа е природно.
И најголемите атеисти понекогаш велат да не даде бог, и најморалните имаат валкани соништа, и најчесните предизвик за измама, а најхрабрите свои стравови. – Но, тоа треба да биде толку ретко, толку исклучително за да може кога вака пишуваме, текстот да ни добива на вистинска тежина….