Иако долго време се сомневав дека она што го пишувам воопшто некогаш ќе допре до некого, сепак е пожелно да кажам дека по неколкуте последни теми имаше некои реакции (на меилот кој го сметам за свое приватно поштенско сандаче). И како по обичај, во паланка работите секогаш добиваат сличен тек. Те сум бил прилично намќор, мрачен, негативен… Би се обложил во сé дека средината би била проклето среќна кога огледалото би го разубавувало она што се проектира. Меѓутоа тоа е немилосрдно, што само значи дека ако застанете пред него, тоа само ќе го рефлектира одразот кој е пред огледалото. Работите може да не ни се допаѓаат ама малограѓанското инсистирање на сокривање под тепих е нешто од што задолжително ми се смачува ако сакате да знаете. Еден подолг период дури и не сакав да пишувам. Проблемот е во тоа што не можам баш да се сетам на некаков континуитет на нешто што би го опишувал на начин како што го бара провинциската средина. Не сум баш нешто луд за опишување на малограѓански ритуали, фолклори, празничења, религиозни афектирања и слично. Освен тоа, во голем дел на нашето живеење веќе е прилично доцна за малограѓанско “разубавување” на работите. ЗА ПРОМЕНА ВО ОВАА КОЛУМНА СИ ПОМИСЛИВ ДА ВЕ СООЧАМ СО НЕКОЛКУ СТЕРЕОТИПНИ ОДРАЗИ ВО ПАЛАНЕЧКОТО ОГЛЕДАЛО (при што сосема намерно го употребувам поимот паланка наспроти поимот провинција, бидејки секоја средина е провинција во однос на некоја друга средина, меѓутоа не мора да значи дека е паланка во смисла ниту село ниту град).
Насловот на текстот, секако знаете?, е земен од филмот на Милош Форман снимен некаде во осумдесеттите години на минатиот век (замислете)! Не знам колку контекстот ви е разбирлив но секако не сум должен да ви објаснувам баш сé. Една од главните причини за овој наслов е секако – барем според мене – главниот лајтмотив на приказната: убавиот одмор во колективна ментална болница може да постане досаден, доколку нешто не се промени. Реалностите со кои овој филм оперира се стопроцентно валидни, само што е во прашање (што би рекле физичарите), референтната точка (или точката на набљудување) на системот, во која се наоѓа набљудувачот. На наше ниво преведено, нашата секојдневна малограѓанска реалност би требала да биде “здрава реалност” или “реалност на здравите”, а се темели на здравиот ментален склоп кој што е референца во општоприфатеното милие на паланечкиот вредносен систем. Втората реалност е реалностста на објективната рефлексија на нештата која ги преминува границите на локалното и како таква претставува доволна причина за преиспитување на вредностите. Социолозите одсекогаш тврделе дека едно општество е здраво онолку колку што во него постои добра количина на самокритика.
Екологија на умот
Еден од најприфатените стереотипи секако е оној за нашата средина и опкружување како најубавото место на планетата земја а логично се надоврзува и малограѓанското неподносливо чудење зошто и покрај ова сеуште не сме откриени од планетарните посетители, патници, гости, туристи, како сакате наречете ги. Вистината е дека боледуваме од некакво сезонско, локално – афективно пореметување кое ни оневозможува да видиме дека на планетава има милијарда други исто толку убави (ако не и поубави) места, кои што човечкиот род сеуште не успеал да ги обезобличи до степен како што е тоа случај со нашата средина. На ова се надоврзува и поимањето на туризмот кој во постмодерниот свет сé повеќе претставува патување наместо престој. Бидејки не сум некој хипохондрик преокупиран со самиот себе, мислам дека секој припадник на средната класа во Западна Европа има поубаво средена дневна и спална соба отколку најелитниот хотел на нашата ривиера па од тука и логично: зошто истиот тој би платил седумдесет евра за ноќевање во хотелска соба?? Зошто би се соочувал со нашето ѓубриште расфрлано на секој проклет центиметар долж патиштата, водотеците, планинските падини??? Зошто долу на езерската плажа би се соочувал со мачните сцени на социјалниот туризам симболизиран во парче леб намачкано со ајвар?.
Културен и духовен центар
Искрено речено мачно ми е кога треба да пишувам за овој стереотип кој што повеќето од нас највероватно го темелиме на културните настани поврзани со Фестивалот Охридско лето. Тоа е секако оправдано и среќа е што овој фестивал постои, бидејки надвор од сите тие доживувања на Охридско лето, тешко дека било што друго може да го поддржи овој наш стереотип. Културно паланката е во лоша, очајна состојба. Може и да не верувате а доколку сум лицемер еве и јас може изутрина да се подигнам и да се сложам дека околу нас е ужасно убаво, културно и духовно. Без шега. Вечерта можеме да излеземе на сите оние волшебни места во градот, театарот со сиот негов гламур, киното во сиот сјај на премиерни блокбастери и ѕвезди на црвен тепих, музички концерти во концертната сала, па откога ќе ни се смачи ајде до некое академски – боемско местенце со полутрезни боемски рецитали и слично, можеме и до младинскиот културен центар ако сакате на некоја алтернативна музика или андергараунд претстава.Преку ден можеме да се сретнеме во некоја од пространите, големи книжарници во центарот на градот или да легнеме во тревникот на градскиот парк на пладневното сонце со некоја книга или нешто, како во секоја урбана светска средина.. Овдека ќе престанам да набројувам бидејки ова испаѓа дека се зезам до бесвест со вашиот стереотип на културен и духовен центар. Жал ми е. Навистина ми е жал.
Шок
Ова што следи е само вовед во менталните загадувачи со кои секојдневно се среќаваме – преглед на нашата културна екологија. Можеби има зрнце вистина во законитостите на пазарната економија, меѓутоа таа е во нашата средина до тој степен вулгаризирана што на некој начин навистина претставува слика на цел еден ментален склоп. Погледнете ги наиме нашите дуќани, продавници на “сувенири” и тезги со слични дребулии, во просторот кој што би требало да претставува најелитен дел од една урбана средина:
Плаошник излиен во кинеска пластика, Св. Климент и Наум намачкани на морски полжави или школки, езерски мотиви на евтина синтетика, грчки “уметнички” дрвенарии, фигури и… Оваа “Џет сетерска понуда”, многу повеќе говори за купувачите отколку за оние што продаваат секако. Ние живееме во средина во која што на свеченост се оди со глупави, идиотски поклони од кинеска пластика за сто проклети денари. А и нема баш, ако сакате да знаете, причина зошто не би купувале кинески срања. Прво со тоа помагаме нашата планета да биде уште позагадена (кина е еден од најголемите загадувачи на планетата), и помагаме на кинеската армија да убие уште некој тибетански, будистички свештеник, да се ослободи од своите несакани фетуси кои ги влечкаат кучиња по улиците на кинеските провинции…
Во очекување на светскиот џет сет
За овој стеротип и неоправдано очекување, само една реченица, некакво полуидиотско прашање? Ако може ве молам одговор – Што побогу би правел на нашето прекрасно сино-зелено но сепак затворено езеро Г-динот Абрамович со својата проклета јахта од едно стотина милиони евра??
Пријателство и гостопримство без граници
Ах, ова е омилена флоскула на секој напреднат лицемер во паланечка средина која себеси се држи за страшно моралистичка и продуховена. Па сепак, дури и чествувањето на нечиј именден или слава е непосредно поврзана со моменталната положба и општествен статус на славеникот, при што бројот на посетители правопропорционално расте или опаѓа со политичката или економска моќ или немоќ на посетениот. Причината за ваквата појава се оправдува со “сега се други времиња”. Тоа се истите оние ужасно креативни лицемери кои за празници наместо сопствени искрени пораки ви испраќаат од интернет симнати “волшебни”, долги и глупави посланија.
Чудо од деца
Малограѓанските родители се спремни да жртвуваат сé, како би можеле нивните деца да бидат подобри од нив и најдобри во средината. Посебно во образованието и во материјалната среќа. Во образованието стереотипот оди до граница на интелектуална издржливост. Митот за најумни и најпаметни сеуште не нé напушта. Секоја година произведуваме сé повеќе “прличевци”, “узуновци” или како се уште не ги карикираме децата. Проблемот е во тоа што не можам баш да се сетам на сите наши нобеловци, светски познати физичари, уметници кои можете да ги изброите на прстите на една рака, а на сите досегашни анкети на УНДП за потенцијалот за логично размислување и решавање на проблеми, нашите чуда од деца се таму некаде кај Бурунди или слични егзотични средини. Или пак јас сум пропуштил некое ново филозовски вообличено конципирање на светот и настаните од некаков наш мислител??. Не ги обвинувам децата. Сериозно. Генерации кои живеат, размислуваат и креираат визуелно, дигитално, во едно глобално село, мора да имаат исто такви учители, наставници, професори. Нашите деца секако се хиперактивни но ненасочени и незабележливи во глобалното село, во кое што најкретенско прашање би било она што во нашата средина важи за целисходно: чие е детето и со што се занимава родителот??
Слоеви и слоеви на наталожени илузии се поставени меѓу нас и светот. Одсекогаш носители или иницијатори на најквалитетните општествени движења во однос на подигнување на квалитетот на живеење во една средина биле најелитните, најбогатите општествени слоеви или поединци. Свесни дека самиот капитал и личното богатство не се гаранција за богат и квалитетен живот во една средина, тие отсекогаш наоѓале начин како да го оплеменуваат просторот, содржината, формата. Просечниот граѓанин секогаш ги следел ваквите луге и нивните дела, ги поддржувал и развивал, подобрувајки си го со тоа и сопствениот квалитет на живеење. Нажалост, нашите новобогаташи се уште се во состојба да се возат во своите прескапи автомобили по патишта опкружени со деппонии на ѓубришта, нивните деца да ги школуваат во училници од средината на 20 тиот век, наместо уметнички дела на нашите сликари или резбари да купуваат евтина пластика и кинески репродукции, своите мегаломании да ги претвораат во лигави, розови стамбено – деловни соцреалистички градски блокови. Со тоа само ја запечатуваат иднината на своите поколенија, да продолжат да живеат во колективни стамбени кокошарници што во модерниот и богат свет се смета за облик на живеење на најниските општествени слоеви. За разлика од тој и таков свет каде можноста да се живее во пријатно предградие или на село, а секојдневните работни обврски да се обавуваат во цантралното градско подрачје претставува прашање на престиж, ние кутри сеуште, никако да ја разбереме врската помеѓу културното значење и формата, па така за секој припадник на ова племе сеуште претставува престиж да се живее на централната, сообраќајно најфреквентна улица во градот.
Модерноста пред сé значи пораст на културното значење и разиграноста на формите и разбивање на конвенциите. Отменоста е СМИСЛА ЗА ПРЕФИНЕТА РАЗЛИКА ПОМЕЃУ НЕШТАТА, а формулата на постмодерната култура би можела да гласи: РАЗЛИКУВАМ, ЗНАЧИ СУМ!
Една мала побуна против убавиот одмор во колективна ментална болница може да постане неопходен. Нешто како чинот на Мек Марфи во “Летот над кукавичкото гнездо”.
Горан Мицкоски