Се трудиме да се издигнеме како информатичко општество, а не ги забележуваме пропустите во секојдневните, едноставните неопходните и наизглед споредните, а сепак битните нешта при работата со компјутер.
Се работи за следното: Толку многу ги славиме Светите Кирил и Методиј, а не забележуваме дека кирилицата како да ни исчезнува од употреба. На интернет страниците на сите форуми корисниците на компјутер претежно пишуваат на латиница. Тоа не ќе беше толку забележително ако не недостасуваат букви кои се користат во нашата азбука. Така наместо Чедомир се пишува Цедомир, наместо Живко Зифко, наместо Сашо Сасо, не може да се напише Џавид, наместо чуда се пишува цуда и да не набројувам примери што на секој корисник на компјутер му се добро познати и кои навистина звучат смешно. Се разбира ние ги читаме правилно како што треба, независно како се напишани, несвесни дека се откажуваме од вековната придобивка да читаме како што е напишано.
Не станува збор за текст (збор, наслови и сл.) кој има интернационални димензии и мораат да се напишат на латиница како на пример Windows, ohridnews и сл.
До колку кирилицата се користи при пишување на текст обично се користи фонт Mac C Times но притоа буквите кои не се среќават во англиската азбука: Ш; Ѓ; Ќ; Ж и Џ прават проблеми при употреба на мала и голема буква, а не се и стандарно поставени во тастатурата. Треба долго да се бараат и притоа корисникот попрво ќе се откаже од кирилицата ризикувајќи текстот да биде смешен. Сето тоа се случува од незнаење на корисниците и негрижа од надлежните бидејќи веќе одамна со појавата на оперативниот систем Windows XP, постои македонска подршка со која е многу поедноставо да се работи. Буквите се стандардно поставени со распоред идентичен со машините за пишување и не се јавуваат проблеми при употреба на мала и голема буква кај поменатите букви. Надлежните, (а прашање е дали има надлежни) не се потрудиле да ги упатат дистрибутерите на компјутери, на корисниците да им ја понудат и да ги упатат на користење на македонската подршка. Колку што ми е познато и да е инсталирана македонската подршка, во најголем број случаи корисникот не знае за тоа.
Сите сме имале прилика да воочиме хаотични грешки во напишан текст на компјутер, па дури и од официјални институции (освен ако текстот не е пишуван од професионалец – дактилограф за кое не станува збор). Ако на тоа се надодаде пишувањето со два прсти и дека буквите долго се бараат низ тастатурата, сосотојбата на тој план е алармантна. Интерпункциските знаци ретко кој правилно ги користи. Обично запирката „плива“ меѓу два збора, а често после точка не се прави растојание туку се поврзува со другиот збор.
Сево ова значи дека кај нас воопшто не се посветува внимание. Ниту образовните институции ниту информатичките куќи не нашле за потребно да посветат поголемо внимание на тој план. Обично информатичарот компјутерот го гледа само од аспект на информатиката, со сите можности што компјутерот ги дава, а не и од аспект на корисникот.
Гледано од аспект на корисникот на компјутер, 90% од работата на компјутерот се состои во пишување. (Не ги сметам игрите што ги користат младата популација при што компјутерот во домовите покрај сите благодети што ги пружа, претставува само скапа играчка.)
Уште пред десетина години, кога компјутерите беа реткост, по школите и домовите, ред околности доведоа да се соочам со предностите, потребата но и можностите за правилно пишување на компјутер. Неколку пати јавно нагласував дека со појавата на компјутерската технологија, дактилографијата не е повеќе професија, туку само вештина потребна за секој корисник на компјутер и дека во земјите со подолга традиција во користење на компјутерската техника, дактилографијата (кибордингот) е почетна фаза во едукацијата на полето на информатиката и отпочнува уште од второ одделение.
Издадов прирачник за правилно пишување на компјутер. Се залагав и кај нас дактилографијата да влезе во наставните програми по информатика, но моите пораки пред јавноста одекнаа како ехото во бунар, што го слуша само оној кој извикува во него. Наместо награда или пофалба, сеуште се среќавам со непријатности при мојот обид да најде примена мојата заложба за правилно пишување на компјутер, а тоа значи да се пишува брзо со десет прсти и без гледање во тастатурата, како и правилна примена на интерпункциските знаци во компјутерот.
Во училиштата не смее ништо да се имплементира ако не е во наставната програма што е одобрена од министерството за образование, иако од повеќето директори наоѓам голема подршка. Повеќепати бев вчудовидена кога од стручните служби на министерството за образование на локално ниво, добивав одговор дека не можеле ништо да помогнат ниту знаеа каде да ме упатат. А кога пред неколку години писмено се обратив до министерството за образование и барав мојот прирачник да се прифати како помошно учебно помагало и со неколку часа да влезе во наставната програма по информатика, добив писмен одговор дека моето барање не е во склад со програмата.
Но, не се откажував од намерата и продолжив да ги усовршувам вежбите и на мое барање се изработи софтвер за дактилографија TIPTYPE. Софтверот е единствен на македонски јазик и во функција е веќе четири години. Тестиран е на голем број кандидати вклучувајќи и деца од второ одделение. На мое огромно задоволство се постигна ефект, со кој за само 10 часа и децата од оваа возраст, ги совладуваат правилата за правилно пишување на компјутер. Но доколку тие немаат можност, совладаната техника да ја применуваат во редовното школство, почетните сознанија брзо ќе ги заборават. До колку продолжат да ја користат совладаната техника и создадат рефлекси за оваа вештина, како и за секоја друга вештина истите никогаш не ќе ги заборават. Од тука е и мојата заложба дактилографијата да стане почетен стадиум во едукацијата на полето на информатиката. За почеток треба да се воведе на сите нивоа затоа што скоро сите што веќе имаат било кој степен на компјутерска обука, немале прилика да ја совладаат оваа вештина. Понатака дактилографијата треба да се изучува само како почетна фаза во информатиката т.е да ја изучуваат децата од помала возраст кои и најлесно и најбрзо ја совладуваат оваа вештина.
Софтверот TIPTYPE е хостиран на интернет http://www.tiptype.com/ но, за жал корисниците можат да го добијат само како пробна верзија, бидејќи банките сеуште не го подржуваат плаќањето затоа што сме биле на некаква црна листа. Ако во светот може да се плати и порача пица преку интернет, ние не можеме да продаваме ни софтвер преку интернет. Дури и кога банките би ја дале таа можност само мал дел од населенито има навика и е во состојба да плаќаат со кредитни картички преку интернет.
Од моето досегашно искуство на овој план, сметам дека секој мој натамошен напор ќе биде безуспешен, ако не се примени во образовниот процес, што веќе е во пракса во повеќето развиени земји. Се надевам дека за скоро ќе биде прифатено од образовните институции и кај нас, а пред се, ако се земе во предвид фактот што студентите во поразвиените земји, во предавалните наместо бележници користат лап-топ. Следејќи ги развојните трендови на полето на информатиката, тоа за брзо ќе стане пракса и кај нас. Тоа само по себе значи дека дактилографијата, ќе стане неминовност за секој корисник на компјутер. Ако сакаме да се издигнеме како информатичко општество, ќе треба да се овозможи секој наш корисник на компјутер да го стекне ИТ имиџот, а меѓу другото тоа значи и правилно пишување на компјутер. Со тоа вработените ќе изгледаат деловно, а ќе бидат и поефикасни при работењето со компјутерот.
Дипл ек. Вера Главинчева
( Професор во пензија)
http://www.tiptype.com/