Заврши и ова лето. Сите различно го доживеавме и различно ќе го паметиме. Некој по добро, некој по лошо. Некој со радост, некој со нервоза. Некој замина на одмор, некој си остана дома. Јас сум од тие што останаа дома. Ретко одам некаде надвор со цел да се одморам. Најчесто додека работам, наоѓам начин како да се одморам. Изгледа тоа доаѓа од тоа што ја работам работата што ја сакам. Ја почитувам филозофијата дека желбата за патување, во принцип, е сигурен симптом на неразвиена имагинација. Тој што патува некаде со цел за да  види “со свои очи”, едноставно потврдува дека нема никаква фантазија. Неговите “внатрешни очи” се затворени и тој не прогледува со умот и душата. На оние што знаат за што зборувам, јасно им е дека очите се најпасивното сетило. Да ги држиш внатрешните очи затворени, тоа значи да ја исклучиш имагинацијата, да престанеш да замислуваш, да го запреш сонувањето и целосно да му се препуштиш на диктатот на надворешниот свет. Светот на објектите. На безбројните “поволни пакет аранжмани” за целиот свет. На егзотичните патувања, на палмите и плажите, на фантазиите од другите. Кој гледа, тој не мисли! Не мора да спиеме за да сонуваме, така? Обично вака си мислам кога некој ќе ми рече : Ај да одиме на одмор. Не дека не сакам по цел ден да лумпувам, трошам пари и да не знам кај ми е главата од алкохол, жени… Да се разбереме, немам ништо против лумпувањето до бескрај, така ми е секој ден. Финтата е во тоа што, барем сега да правам нешто поразлично, а и онака преку година нон стоп сум надвор од државава така што мислам дека ова лето нема ништо да пропуштам. Ова лето имав други приоритети. Спремав некои проекти и чекав пријатели да ми дојдат на гости, а додека ги чекав се релаксирав читајќи книги од писатели самоубијци. Писатели како Хемингвеј, Шамшор, Петрониј, Монтерлан, Мишима, Кравел, Сенега, Риго и да не ги заборавам жените Вирџинија Вулф и Силвија Плат. Почнав да ги разбирам за нивниот крај. Имале многу причини.
 
Како и секоја година, така и ова лето не бев изненаден од “сељачаната” и на мое очекување беше се поприсутна. По плажите гледавме “набилдани сурати” без врат и “сељанки” на штикли со шминка кои не знаат кој дел од гардеробата не е за на плажа. Таксистите, моите омилени карактери за на филм, уште еднаш си покажаа една-две особини од нивниот карактер кои се сметаат за смртни гревови. Лакоми за пари ги крадеа клиентите. За паркинг, очи си ископавме меѓу себе. Најмногу сообраќајни незгоди имаше заради неправилно паркирање. Доцна после полноќ заради немање на јавен тоалет, секој мочаше кај ќе стигнеше. Се мислам што ќе биде ако во Охрид се организираат фестивали на пивото или пак нешто слично. Дури тогаш ќе има епидемија. Во езерото што се не се фрлаше.  “Домаќинките” кои сакаат да заштедат струја и вода затоа што нивниот стандард не е на високо ниво, переа од марами до килими. А, и тие, кои што уживаат висок стандард, ја покажаа нивната не/култура па од нивните јахти и глисери, свесно фрлаа ѓубре во езерото. Каде се казнените мерки за сево ова? Удри ги по џебот па да видиме дали ќе им текне пак да прават така. Од разновидност на забава немаше ни Р. Сите кафичи имаа иста “шема”. Живите свирки со турбо фолк програма беа најчест дел од програмата. Цените намерно беа кренати па после кога ќе дојде зима, газдите ќе се чудат зошто посетеноста им е намалена. За плоштадот, воопшто не сакам да коментирам. Срамота. Зарем тоа личеше на плоштад? Сум имал искуство да гледам по европските градови, за време на летниот период, на плоштадите се одржуваа модни ревии од најдобрите модни куќи, проекции на филмови, бесплатен театар, хуманитарни концерти… А, кај нас, секој ден беше обичен евтин кичест панаѓур. Не ме чуди што се поактивна е кампањата за бојкотирање на охридскиот квази туризам. Единствена добра работа која вреди да се пофали беа чистачите кои рано на утро  ја чистеа и метеа цела наша не/култура. Токму нив треба да ги стимулираме со повисоки плати и дневници затоа што навистина беа малтретирани. Чистејќи гледаа колку сме гадни и одвратни. Секогаш со исклучоци. Значи, на крај пак си испадна дека ние сами си сме криви за ваквото лето. Па, моето прашање е дали сме спремни за да сме туристички град? Градот е спремен за да биде и монденско место, ние граѓаните сме оние кои го стопираат реализирањето на тоа. Сите проблеми погоре наведени пред се потекнуваат од нас, општината веќе направи тоа што се очекуваше од неа. Ги даде плажите под концесија и на некој начин го среди охридското крајбрежје. А ние како возвративме на тоа? И пак на крајот некој друг ни е крив. Нам, најлесно ни е да обвинуваме некој друг заради нашата ниска свест. Не, не, драги мои. ВИЕ СТЕ КРИВИ што дозволивте вака да биде. Ова не е наменето само за охриѓани и стружани, за сите важи! Мислам дека некој треба да ни го дотера умот… и да воведе казнени мерки. Зарем ние самите не сме свесни што е правилно, а што не… Кога ќе сфатиме дека со “патлиџан-партал” туристи не се развива елитен туризам?

Од луѓето што ги запознав ова лето беше и еден млад Американец, кој е за прв пат дојден во Македонија, а по професија банкар. Дојден беше тука заедно со неговата свршеница. Таа е девојка од Охрид која уште од средно, фамилијарно емигрирале во Америка. Муабетот со банкарот го почнавме за тоа што му се допаѓа тука кај нас и скоро секоја реченица му почнуваше со суперлативи. Ми кажуваше дека Охрид бил вистински рај за него и како го чека неговото пензионирање за да може слободно и многу евтино да ги троши неговите пензиски пари во “рајот”. Правевме муабет за тоа колку е среќен што сите луѓе кои шетаат по чаршија се “бели” и за тоа како е можно да нема Мексиканци, црнци, Азијци и за тоа колку безбедно и сигурно се чувствувал шетајки низ Охрид. До некаде ја разбирам неговата параноја и страв ама цело време додека траеше неговиот престој се трудев да не му ја покажам нашата параноја и да не му го кажам нашиот страв. Обично кога ќе дојде некој странец ние во 5 минути му ги кажуваме сите проблем што ги имаме со Грците, Албанците, Бугарите, Србите…па си реков, зошто да го малтретирам, не е дојден да ни ги слуша проблемите. Се трудев, покрај тоа што постојано критикувам, овој пат да пофалам нешто. Видов дека неговата свршеница не му ја раскажала македонската историја и сите работи кои се значајни за Охрид па се обидов накратко, но концизно да му раскажам кои се нашите радости и вредности. И на крај, откако ме слушна што имам да му раскажам, тој ми даде една забелешка. Ми рече дека без разлика на тоа што ние Македонците сме многу весел и гостопримлив народ, премногу сме мислеле со негативна енергија. Џабе ни била радоста која ја имаме цело време кога сме со премногу негативна енергија. Јас пак, уште пред тој да почне да ми ја предава неговата “западњачка” филозофија за позитивното мислење, помислив на милион причини, зошто ние македонците мислиме негативно. И вие да бевте на мое место, сигурен сум дека скоро на истите работи ќе помислевте. И “Банкарчето” почна да ми филозофира што значи да се мисли позитивно и кои се придобивките на таа филозофија. Тој немаше никаква намера да ми пере мозок или пак нешто слично. Едноставно сакаше да ми каже како неговиот живот станал подобар, посреќен и се разбира, подобро платен откако почнал да мисли позитивно. Ми кажуваше дека животот е премногу краток па зошто да го поминеме со негативна енергија? Доколку имаме планови и цели во животот, треба само да мислиме позитивно и се ќе си дојде на свое место. Сите наши планови и желби ќе се остварат па после нема да имаме потреба пола живот да го поминеме во фрустрација заради неостварените желби и планови што сме ги имале кога сме биле млади. Го слушам како ми зборува и си мислам. Добро бе, што не мислат нас? Зарем толку многу сме заебани, без желби, без планови? Зарем толку очајно изгледаме? Не велам дека не е во право за тоа што ми го зборуваше  ама друго му е нему и друго е кај нас. Знам дека само 7% од целото македонско население се со високо образование ама не верувам дека постои барем еден Македонец кој нема планови и желби за тоа што сака да прави во животот. Македонците знаат што значи квалитетен живот. Гледаат филмови, уживаат во реклами, листаат списанија, земаат идентитети од филмски јунаци…се “едуцираат”. Најмногу се замислив со тоа “мисли позитивно”. Што значи тоа кај нас? Дали воопшто мислиме позитивно или пак друга работа е во прашање кога се работи за успех и среќа? Мислам дека единствена работа која е типична кај нас и која ни го гради успехот е “инаетот”.

Тешко е да убедиш човек чиј основен мотив е инаетот, без разлика дали свесно или несвесно го покажува. Инаетот, како главно балканска категорија е многу важен фактор за донесување на важни одлуки. Во ваква состојба се газат, забораваат, игнорираат и ги занемаруваат сите принципи на логично размислување и расудување. Тоа немаше да биде толку голем проблем доколку последиците се индивидуални. Проблемот добива во тежина кога поради тој личен инает, последиците ги чувствуваат сите. Инаетот е сила која раѓа агресија и конфликт па го правиш тонот повисок, па мафташ со раце, да не речам искри и чад има околу тебе. И се само заради сопственото убедување дека ти и твоето мислење се единствено меродавни и важат на територијата на целата ни прекрасна земјина топка. Ние вака си го градиме успехот и ги реализираме нашите планови и успеси. Од инает за другите, колку да им ги затниме устите и да им кажеме дека сме подобри од нив. Сум го почувствувал овој феномен и на своја кожа, без разлика дали јас сум “фрлал” искри и чад или некој друг ми го правел тоа мене.

Мојот одговор на забелешката од Американецот беше кажана преку еден виц. Мислев дека со поуката ќе разбере какви сме ние. Вицот оди вака :

Кога Господ го создавал “Рајот” на Земјата, дошол и Луцифер да направи “чашит” посета и да види што има направено и на тоа не дал никаков коментар. Само го повикал Господ да дојде и да му се пофали што направил тој самиот. Застанале на Галичица и го гледаат Охрид и неговата околина. Господ почнал да се восхитува и не му се верувало како Луцифер можел да направи толку убаво нешто. На крај го прашал од каде добил инспирација за да направи такво ремек дело. А, Луцифер на тоа му одговоил : Батали ти тоа убавината, туку да видиш какви луѓе ќе населам тука!

Сакам да кажам дека и Луцифер го цитира Светото писмо за свои потреби, а ние луѓето секогаш кога сме во незгода му се молиме на Господ на помош ама никој од нас не сака да оди кај него. Градот Охрид не е град само за некои поединци, туку е од сите граѓани. Сите треба да учествуваме во напредувањето со цел да го развиеме како достоен пример за среден град. Ама од среден нема ни С.

        
Илија Пиперкоски
Авторот е режисер
       [email protected]